19 јануари 2019, Скопје – Aгенцијата „Фич“ соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед. На потврдата на рејтингот ББ влијаеjа историјатот на кохерентната макроекономска и финансиска политика, која го поддржува долготрајниот фиксен девизен курс. Позитивниот изглед ја одразува стабилизацијата на политичкото окружување, што резултира со суштински напредок кон членството во ЕУ и зголемена економска доверба.

Во извештајот, „Фич“ го нотира значителниот напредок во решавањето на проблемот со името со Грција, односно усвојувањето на уставните измени во Македонија и очекуваното усвојување на договорот од страна на Грција. Според „Фич“, ова ќе го поплочи патот на Македонија кон членство во НАТО и ќе го поддржи почетокот на формални преговори за членство во ЕУ. Притоа, се забележува дека целиот процес го истакнува и подобрувањето на политичкиот амбиент во Македонија, односно дека процесот се реализирал без негативен ефект врз политичката стабилност и со широка поддршка од меѓународната заедница.

„Фич“ констатира дека подобрената политичка стабилност влијаела за закрепнување на економската активност. Се оценува дека растот на БДП ќе забрза од 2,3% во 2018 на 3,2% во 2019 година и 3,6% во 2020 година. Според агенцијата, дефицитот е намален од 2,7% од БДП во 2017 на 1,8% во 2018 година, како резултат на повисоките даночни приходи поради зајакнувањето на економијата, како и на помалото остварување на капиталните расходи поради повторна оценка на проектите и затегнувањето на процесот на набавки. Фич очекува дека подобрувањето на капиталните расходи ќе резултира со дефицит од 2,7% од БДП во 2019 година, а потоа повисокиот раст и фискалните реформи ќе го намалат дефицитот на 2,5% од БДП во 2020 година. Притоа, се забележува дека се имплементираат подобрувања во управувањето со јавните финансии преку програма усогласена со ЕУ. Понатаму, „Фич“ нотира дека државниот долг од 40,8% од БДП на крајот на 2018 година, според официјалните оценки е под медијаната на групата на слични други земји (47%), додека гарантираниот е 8% од БДП.

Агенцијата оценува дека ризиците за политичката стабилност се сѐ уште повисоки од групата слични други земји како резултат на политичката криза меѓу 2014 и 2017 година. Понатаму, се наведува дека врз подобрување на рејтингот може да влијаат подобрувањето на стандардите на владеењето и понатамошното намалување на политичкиот ризик, како и имплементацијата на среднорочна фискална консолидација конзистентна со стабилизацијата на учеството на јавниот долг во БДП. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат негативните политички движења кои би се одразиле врз стандардите на владеење и економијата, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски, како и проширувањето на дефицитот на тековната сметка.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.