29 јули 2018, Скопје – Градинка, јавни објекти, водоводна мрежа, локални патишта – се дел од капиталните инвестиции реализирани изминатата година преку Проектот за подобрување на општинските услуги кој го реализира Министерството за финансии. Согласно податоците на проектната единица во Министерството, од јуни 2017 до јуни 2018 година, само преку овој проект реализирани се 72 капитални проекта во 41 општина.

Проектот за подобрување на општинските услуги или МСИП, има за цел да ги подобри условите за живот во сите македонски општини, преку капитални проекти за водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност, локална патна инфраструктура, комунални услуги, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриските зони и сл.

– Измината година, илјадници граѓани во Македонија добија подобри услуги од својата општина. Тоа се десетици километри нови или реконструирани локални улици, изградена или реконструирана водоводна мрежа, реконструирано речно корито, градинка, културен дом, општинска зграда итн. Децата од Зрновци добија градинка, граѓаните во Чешиново Облешево, Гази Баба, Пласница и Сливница водоводна мрежа, а граѓаните во повеќе општини имаат подобри локални улици и патишта. Ова се реални проекти, со реални вредности за граѓаните – истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.

Проектот е поддржан од Светска банка со вкупен фонд од 81,1 милион евра и ИПА грант средства за рурален развој од ЕУ во износ од 14,6 милиони евра.

– Подобри услуги кон локалното население е задача на локалните власти во Република Македонија. Водоснабдување, комунални услуги, училишни згради – општините придонесуваат за економскиот развој на целата земја. Светска банка пружа поддршка на локалните власти од 2009 година, преку Проектот за подобрување на општинските услуги, кој ги поддржува потребите на општините за инвестирање во капитални проекти. Програмата дава резултати не само во обезбедување средства за финансирање на капиталните инвестиции и подобрување на локалната инфраструктура, туку и во градењето на локалните капацитети. Би сакале општините да станат способни да се развиваат сами, да привлекуваат инвестиции и да креираат работни места преку реализација на локалните општински услуги – рече  Марко Мантованели директор на Светска банка за Македонија.

– Влезот во ЕУ е задача за сите – за Владата, но и за граѓаните и општините. Општините имаат потреба од финансиски извори и од инфраструктура. Со оваа Програма ЕУ дава голема поддршка, на 78 од 81 општина, со основна инфраструктура од водоснабдување до третман на отпад, од школи до улици, од рурални патишта до културни центри. Сето ова се придобивки за руралното население и за младите луѓе да останат таму – истакна Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Во следните шест месеци, во рамки на овој Проект ќе започне реализација на 27 нови капитални инвестиции во 22 општини.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.