Скопје, 17 мај 2012 (МИА) – Кредитната рејтинг агенција Standard&Poor’s денеска го потврди кредитниот рејтинг на Македонија за странска и за домашна валута на стабилен ББ/Б со добри перспективи за во иднина.
Потврдата на оценката за кредитниот рејтинг, соопшти денеска Министерството за финансии, се случува во услови кога кредитната рејтинг агенција Standard&Poor’s ги намали оценките за повеќе земји во регионов и Европа, како Словенија, Франција, Италија, Португалија, Австрија, Кипар, Словачка и Шпанија.
Според Standard&Poor’s потврдата на рејтингот се должи на поволната фискална политика и на ниската задолженост, како и на изгледите за евентуално пристапување кон Европската унија, што претставува стожер за спроведување на реформите.
– Со задоволство можеме да кажеме дека ова е уште еден силен сигнал кон странските инвеститори дека Македонија е земја во која имаат доверба и во која и во иднина може да сметаат дека ќе има здрави економски политики, стои во соопштението од Министерството за финансии.