Заменик претседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески, денеска во Вашингтон ќе се сретнат со специјалниот помошник за национална безбедност на американскиот претседател, Џудит Енсли и со заменикот помошник државен секретар на САД, Стјуарт Џонс.
Вицепремиерот кој во Вашингтон престојува во својство на претседавач на Генералното собрание на Светската Банка и ММФ, заедно со министерот за финансии Трајко Славески ќе имаат средби со извршниот директор на ММФ, Ејџ Бекер, со раководителот на Одделот за Европа и шеф на Мисијата на Фондот во Македонија, Марк Грифитс, со актуелниот и со новоименуваниот извршен директор на Светската банка, Херман Вијфелс и Руд Треферс, со регионалниот координатор за Југоисточна Европа на Банката, Џејн Армитиџ и со потпретседателот на Светската банка за Европа и Централна Азија, Шигео Кацу.
На средбите со претставниците на Светската банка, како што пренесува известувачот на МИА од Вашингтон, ќе стане збор за можностите за продлабочување на соработката меѓу Македонија и оваа меѓународна финансиска институција, особено во реализација на проекти за зајакнување на патната и железничката инфраструктура, како и за можностите инвестиции во енергетскиот сектор.
На разговорите со претставниците на ММФ, според најавите, ќе се разговара за потенцијалните можности за идна соработка меѓу Македонија и Фондот.
Членови на македонската делегација што учествуваат на Генералното собрание на Светската Банка и ММФ, што ќе се одржи на 13 октомври, ќе се сретнат и со претставници на Одделот за статистика на Фондот.