12 ноември 2019, Скопје – Со Буџетот за 2020 година се инвестираат најмногу средства досега за човечки капитал, односно за здравство, образование и социјална заштита. Министерката за финансии Нина Ангеловска на презентацијата на Предлог-буџетот за 2020 година рече дека вкупно 154 милијарди денари ќе се инвестираат во здравството, образованието и социјалната заштита, што е 64% од вкупните расходи или зголемување за околу 10 милијарди во однос 2019 година.
Министерката за финансии посочи дека согласно индексот за човечки капитал на Светска банка, нашата земја има резултат од 0,53%, односно помалку во однос на земјите во регионот. Индексот на човечки капитал покажува дека секој млад човек, кој се раѓа, живее и се едуцира во нашата земја, има услови да испорача само 53% од својот потенцијал, односно од целосниот потенцијал што го има еден млад човек кој се развива во здрава средина со квалитетно образование и услови за живот.
– За мене, како млад човек што се градел, придонесувал и работел во ова општество поразително е тоа што наместо да се подобрувале, долго време, столбовите на човечкиот капитал: здравството, образованието и социјалната политика се уназадувале. Во оваа насока, Буџетот за 2020 година го насочивме кон луѓето и кон подобрување на условите во кои луѓето ќе можат да исполнат што повеќе од својот потенцијал – рече Ангеловска.
Ангеловска посочи дека во 2020 година за 9% се зголемува буџетот за здравствена заштита кој ќе изнесува 33,7 милијарди денари. Средствата за здравствена заштита се наменети за финансирање на здравствените услуги и преземените мерки во оваа област како што се зголемување на капитацијата, достапност на лековите во текот на целиот месец, зголемување на надоместоците на специјалистите, како и за зголемување на платите на медицинскиот кадар во јавните здравствени установи.
– Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници, мора да бидат мотивирани за да работат и да не размислуваат за заминување во странство. Нам ни треба високостручниот кадар во секоја болница. Постојано размислуваме за подобрување на условите во болниците и за изградба на нови. Зашто мора да инвестираме во пристојни и модерни услови за лекување. Одвоивме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството – рече Ангеловска.
Министерката за финансии посочи дека предуслов за квалитетни идни генерации е квалитетното образование. Наставниците го помагаат обликувањето на учениците од најраните години, рече таа и дополни дека како Влада, се одлучни да им покажуваат дека нивниот труд и работа се ценети, па затоа за следната година се обезбедени дополнителни средства за повисоки плати.
– Во насока на подобрување на условите во образованието одвоивме и 1,4 милијарди денари за капитални инвестиции, за реконструкција и изградба на училишни згради, спортски и училишни сали, домови. Ќе отпочне и Проектот за реконструкција на студентските домови во соработка со КФВ банка, а ќе продолжи и реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во средните и основните училишта во државата. За првпат годинава, се обезбедија финансиски средства за отпочнување програма за инклузивно образование – додаде Ангеловска.
Таа посочи дека 80% од развојот на мозокот на детето се случува до петгодишна возраст. Тргнувајќи од начелото дека децата имаат право на квалитетно предучилишно згрижување, воспитување и образование, Владата на Република Северна Македонија се залага до 2021 година да го зголеми за 50% опфатот на деца од предучилишна возраст во установите за згрижување и воспитување. Ангеловска нагласи дека во 2020 година се одвоени 360 милиони денари за изградба на детски градинки и за зголемување на постојните капацитети.
Ангеловска истакна дека со обезбедување соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви население е од особена важност за постигнување повисоко ниво на социјална правда.
– Оттука, во Буџетот по овој основ планирани се средства во износ од 10,5 милијарди денари, во чии рамки е опфатена веќе започнатата реформа на системот за социјална заштита. И во овој Буџет одвојуваме средства за деинституционализација и социјални услуги. Процесот на деинституционализација требаше да извади 180 деца до 18-годишна возраст од институциите, а најголем дел од нив, се веќе сместени во топли домови – рече Ангеловска.
Министерката за финансии истакна дека со Буџетот за 2020 година се предвидува и подобрување на стандардот за возрасните лица.
Инаку приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди и 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6% споредено со оваа година. Кај расходната страна на Буџетот планиран е раст од 5% во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно 3 милијарди и 898 милиони евра.
Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3% од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година (2,5%), согласнос Фискалната стратегија 2020-2022 и препораките на сите меѓународни организации.
Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари и истиот изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.