Над 110 милиони евра изнесува поддршката за Македонија од Банката за развој при Советот на Европа што моментно се реализира преку четири проекти, во областа на образованието и здравството, како и преку изградба на социјалните станови и реконструкција на затворите.
 
Банката цени дека Македонија е одличен партнер за соработка и, како што најави нејзиниот гувернер Рафаел Аломар по денешната средба со заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, планира да го зголеми бројот на проекти во земјава.
 
Минатиот петок е одобрен проект за отворање нови работни места во малите и средните претпријатија вреден четири милиони евра, а минатиот месец беше поддржан и проект од 30 милиони евра во областа на образованието.
 
– Банката за развој повеќе од една деценија е поддржувач на Македонија главно во социјалните димензии на економскиот развој. Со Банката имаме долгогодишна соработка што моментно изнесува над 110 милиони евра. Станува збор за големо портфолио и голема поддршка што Банката и ја дава на Република Македонија, изјави Ставрески по средбата со Аломар.
 
Македонија со Банката за развој при Советот на Европа реализира исклучително добра соработка од 1997 година, кога стана нејзин член. Ваквата пракса, истакна гувернерот Аломар, ќе продолжи.
 
– Досега на земјата и имаме одобрено проекти во вкупна вредност од 200 милиони евра, но подготвени сме да го зголемиме нивниот број со оглед дека реализацијата е во согласност со нашиот социјален таргет, нагласи Аломар.
 
Камата од 1,7 отсто и три години грејс период се дел од условите на поддршката што Банката за развој и ја дава на Македонија.
 
– Кога позајмувате од нас, тоа го правите по најдобри можни услови. Висината на каматната стапка е техничко прашање на кое е тешко да се одговори зашто постојано се менува, рече гувернерот.
 
Проектот во здравството што се реализира со поддршка на Банката опфаќа реконструкција на над 20 јавни здравствени установи во првата фаза, а ќе продолжи со следна, втора фаза. Притоа се очекува да надмине 100 милиони евра и да опфати 45 јавни здравствени установи со делумна или целосна реконструкција и изградба на нови објекти. Проектот за социјално домување вреден 25 милиони евра и исто толку поддршка од државата предвидува изградба на станови за социјалните категории граѓани.
 
Банката за развој учествува и во реконструирање на затворите, проект вреден околу 50 милиони евра, како и во изградбата на училишни и спортски сали што засега се спроведува главно во средните училишта. Во тек се преговори, информира вицепремиерот Ставрески, и за проект од најмалку 30 милиони евра за изградба на основни училишта, како и на нови спортски сали каде што е потребно.