Скопје, 14 септември 2015 (МИА) – Бруто домашниот производ во вториот квартал од годинава бележи раст од 2,6 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Во второто тримесечје од 2015, најголем пораст е забележан во Финансиски дејности и дејности на осигурување од 13,8 отсто, Стручни, научни и технички дејности, Административни и помошни услужни дејности од 12,6 отсто, Градежништво од 6,2 отсто и Трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 5,5 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата во второто тримесечје од 2015 година номинално е поголема за 2,4 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 72,3 отсто.
Во овој период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 8,3 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа раст во номинален износ од 2,7 отсто.