Основата на бизнисот е да имаш добра бизнис-идеја. Идеја која потоа се развива во одржлив бизнис-план. Успешната реализација на тој план води кон развој на бизнисот, остварување профит, отворање работни места и оплодување на капиталот.
Основата на бизнисот е да имаш добра бизнис-идеја. Идеја која потоа се развива во одржлив бизнис-план. Успешната реализација на тој план води кон развој на бизнисот, остварување профит, отворање работни места и оплодување на капиталот. Но дали сето ова ќе се оствари, зависи не само од квалитетот на идејата туку и од општиот амбиент за работа. Изминативе години заради сложените и обемни процедури често пати се губеше суштината на квалитетниот бизнис. Се случуваше сериозни инвеститори, наместо да склучат добра зделка, да внесат капитал и да отворат нови работни места во Македонија, поради неповолната бизнис-клима да донесат одлука за пренасочување на бизнисот во друга земја од регионот со слични инфраструктурни можности и квалификуваност и цена на работната сила, но со поповолен амбиент за работа.
Денес имиџот на Република Македонија како бизнис-дестинација е несомнено подобрен, а условите за водење бизнис се поповолни. Впрочем, тоа го констатира реномираниот извештај на Светската банка, Doing Business за минатата година во кoј, да потсетам, Македонија беше рангирана на високото 4-то место на листата на најдобрите реформатори во светот од вкупно 178 анализирани земји. Но, подобрувањето на бизнис-климата е континуиран процес, така што ова високо признание треба пред се’ да се сфати како мотивација да се продолжи со реформите уште порешително и поамбициозно. Затоа, откако се утврди каде стоиме во однос на другите и кои се преостанатите бариери за водење бизнис, Владата оваа недела усвои нов пакет на околу 50 реформски мерки за подобрување на бизнис-климата, со кои ќе се освежи Програмата за работа за 2008 година. Мерките се групирани во десет области:
Прво, започнување бизнис. Иако Македонија е веќе рангирана како најдобар реформатор во оваа област, следните чекори ќе одат во насока на дополнително укинување на непотребни постапки и електронско пријавување и одјавување на вработени, кои на бизнисмените ќе им заштедат време и ресурси и ќе им овозможат да се концентрираат повеќе на својот бизнис.
Второ, добивање лиценци и дозволи. Република Македонија е добро рангирана во оваа сфера, што секако не значи дека нема простор за подобрување. Новиот закон за катастар на недвижности ќе овозможи регистрација на промените во катастарот за не подолго од 3 дена (само за потсетување, постојната регулатива даваше голема комоција и времето за регистрација на промените траеше и по 60 денови, а во практика многу подолго). Не помалку значајни се понудените промени во Законот за градењето, кои се во насока на поедноставување на постапките за добивање градежни и употребни дозволи, поефикасна контрола на градењето и секако подобар инспекциски надзор, што ќе го уреди и стимулира урбанистичкиот развој и ќе ја спречи „дивоградбата“.
Трето, услови за вработување. Неопходни се реформи во трудовото законодавство и пазарот на трудот во насока на релаксирање на условите за вработување и отпуштање на работници, што може да доведе до зголемување на бројот на новоотворени работни места. Меѓутоа, потребно е да се изнајде правилниот баланс кој истовремено ќе го стимулира вработувањето и ќе ги гарантира основните работнички права. Четврто, регистрирање имот. Веќе споменатите реформи во катастарот ќе придонесат кон придвижување на пазарот на недвижности, но и кон поголема сигурност на граѓаните при купопродажбата на станови и друг недвижен имот. Петто, пристап до кредити. Мерките се во насока на подобрување на работењето на Кредитниот регистар преку забрзување на постапката за стекнување, обработка и трансфер на податоци. Се предлага и формирање на приватно кредитно биро. Тоа ќе овозможи полесно добивање кредити за дисциплинираните потрошувачи и спречување на презадолжување. За банките, придобивката е подобро управување со кредитниот ризик, полесно донесување на кредитни одлуки и зголемување на бројот на одобрени кредити.
Шесто, заштита на инвеститори. Измените во Законот за трговските друштва ќе придонесат кон регулирање на постапката за одобрување на зделките со заинтересирана страна, задолжително објавување на овие трансакции во годишните извештаи на компаниите. Тоа ќе ја подобри правната заштита на малцинските акционери, како и сигурноста на вложениот капитал.Седмо, плаќање даноци. Повторно сфера во која имаше значаен напредок во 2007. Новите мерки за 2008 се воведување можност за електронско плаќање на даноците и придонесите, како и поедноставување на даночната постапка посебно за малите и за средните претпријатија.Осмо, услови за тргување. Мерките што ќе се преземат се во насока на воведување на едношалтерски царински систем кој ќе овозможи скратување на документацијата и времето потребно за увоз и извоз и воспоставување на е-портал за електронско доставување на барањата за добивање увозно-извозни лиценци и дозволи. Деветто, извршување на договорите. Овој индикатор укажува на насушната потреба од темелни и систематски реформи за квалитетна и ефикасна заштита на правата. Мерките ќе опфатат електронско менаџирање на судските предмети преку електронска распределба на предметите и увид во текот на постапките, што во голем обем ќе го анулира влијанието на човечкиот фактор, ќе ја зголеми транспарентноста и ќе го забрза решавањето на предметите.
Десетто, затворање бизнис. Промените ќе придонесат да се овозможи едношалтерски систем за доброволна ликвидација на трговските друштва и побрзо решавање на комплицираните и долготрајни стечајни постапки со цел изнаоѓање стратегиски инвеститор за фирмите и нивно рестартирање.
Со успешна имплементација на сите споменати мерки во 2008 година, Македонија ќе биде една од земјите со најповолна бизнис-клима. Покрај подобрениот имиџ на земјата, тоа ќе овозможи да дојде до зголемување на домашните и странските инвестиции, зголемување на вработеноста, натамошно закрепнување на економијата и подобар и поквалитетен живот за сите нас.
Зоран Ставрески