Вашингтон, 8 октомври 2010 (МИА) – Македонска делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, заедно со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и заменик министерот за економија Методиј Хаџи-Васков, од денеска до недела ќе учествува на редовните годишни средби на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.
Предвидено е вицепремиерот Ставрески да се сретне со извршниот директор на ММФ Ејџ Бакер, шефот на мисијата на ММФ во Македонија Вес Мекгру, потпретседателот на Светска банка Филип Леру и директорката за Македонија Џејн Армитаџ, како и со високи претставници од ММФ и Светска банка, Најуки Шинонара и Руд Треферс.
Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Македонија со двете институции.
Есенските состаноци на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На нив учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки, кои дискутираат актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и поттикнување на економскиот раст.