Владата на Република Македонија синоќа на седница го утврди Предлог-буџетот за 2010 година. Приходите се планирани на 143 милијарди и 257 милиони денари, што е зголемување од 3,4 проценти во однос на 2009, а расходите на 153 милијарди и 720 милиони денари или за 2,8 отсто повеќе од годинава. Дефицитот е проектиран на 2,5 проценти од БДП и ќе изнесува 10 милијарди и 460 милиони денари.

&nbsp

Владината проекција за 2010 година е дека растот на БДП ќе биде два отсто, а на максимум два отсто е планирана и годишната стапка на инфлација.

&nbsp

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, предложениот буџет е реален и развоен со предвидена намалена јавна потрошувачка и подобрена структура.

&nbsp

– Буџетот ќе изнесува 37,3 проценти од БДП што е помалку отколку во 2009 година кога тој изнесуваше 37,7 отсто од БДП, изјави Ставрески додавајќи дека политиката на намалување на јавната потрошувачка постепено се спроведува и таа тенденција ќе продолжи и во идните години.

&nbsp

Како што посочи на денешната прес-конференција, Владата во наредната година како и во 2009 не планира нови вработувања во јавната администрација, освен предвидените за реализација на евроинтеграциите и според Рамковниот договор. Не се планира ниту зголемување на платите во јавната администрација.

&nbsp

– Владата во 2010 година ќе продолжи со политиката на стрикна дисциплина за вработувањата во јавниот сектор, рече Ставрески додавајќи дека не е предвиден и пораст на платите во јавната администрација, но неисклучувајќи го тоа ако економските остварувања бидат подобри од планираните. Но, сега во оваа ситуација кога Македонија се уште не е излезена од рецесија, како што посочи, реално е да се планира на разумен начин и во овој дел не се предвидува пораст на платите.

&nbsp

Ставката за платите во владиниот предлог е намалена за 2,8 отсто во однос на буџетот за оваа година, и според Ставрески, тоа заедно со предвидениот помал износ за ставката за стоки и услуги за 9,8 отсто, претставува прв пат една влада да предложи такво сериозно намалување на овие две ставки во буџетот.

&nbsp

Владата планира во 2010 година поблага динамика на намалување и на социјалните придонеси, така што пензиското ќе се намали од 19 на 18 отсто, а кај здравственото осигурување намалување ќе биде од 7,5 отсто на 7,3 отсто.

&nbsp

– Доколку во текот на годината реализацијата на приходите и остварувањата на економијата се поголеми од предвидувањата ќе се оди на дополнително намалување на придонесите, истакна Ставрески додавајќи дека во 2011 година ќе се продолжи со намалувањето како што е предвидено во владината програма.

&nbsp

Според владиниот предлог, пораст ќе има кај субвенциите за 10,9 отсто, кај социјалните трансфери за 1,8 отсто, а предвиденото зголемување на капиталните расходи е 16,2 процента или 51 милион евра повеќе јавни инвестиции за 2010 година. За образованието и науката се предвидени 21,285 милијарди денари, за здравството 19,756 милијарди денари, за социјална и детска заштита 49,920 милијарди, за инфраструктура и економски развој 18,983 милијарди и за земјоделството 7,940 милијарди денари. За евро и евроатлантските интеграциски процеси, според Ставрески, се предвидени доволно средства при што за одбраната се предвидени 4,7 отсто од вкупните расходи односно 7,328 милијарди денари, а за евроинтеграцијата 1,935 милијарди денари.

&nbsp

На приходната страна, даночните приходи се проектирани на 77,049 милијарди денари. Кај приходите од ДДВ е планирано зголемување од 4,7 отсто.

&nbsp

Буџетскиот дефицит и годинава ќе се финансира од домашни и странски извори, при што домашното задолжување ќе биде за 11 проценти помало од 2009 година. Проектирано е на 3,989 милијарди денари. Надворешното задолжување се планира да биде од Светска банка и ЕБРД за инфраструктурни проекти, договорената буџетска поддршка од Светска банка од 30 милиони долари, како и од други извори при што, како што рече вицепремиерот Зоран Ставрески во опција се ММФ и издавање нова еврообврзница.(МИА)

Comments are closed.