Владата ќе ги обештети граѓаните од улицата „Луј Пастер“ врз чии станови завчера се урна дел од покривната конструкција на зградата на поранешна „Југобанка“.
 
Министерот за финансии Зоран Ставрески кој денеска ги посети и поразговара со нив, рече дека е предвидена и целосна доизградба на овој објект кој повеќе од една деценија стои недовршен.
 
– Ќе најдеме начин да обезбедиме средства за финансиската штета и ќе го покриеме она што го платија граѓаните да се поправи. На долг рок, ќе преземеме мерки и за санирање на покривот. Министерството за финансии конечно ќе ја обнови оваа зграда, односно ќе ја доизгради. Тендерот за проекитранње и изградба е веќе објавен, а ќе заврши на почетокот на април. Уште четири до пет месеци ќе трае проектирањето. Во септември или октомври веројатно ќе почне изградбата за еднаш засекогаш да се реши прашањето на безбедноста и на довршување на овој објект, изјави Ставрески по средбата со граѓаните.
 
Покривната конструкција на зградата на поранешна „Југобанка“ се урна врз покривот на соседната зграда поради силниот ветер. Штетата се проценува на околу 4.000 евра. Се смета дека паднале околу три тони градежен материјал.
 
– Од ветерот, на 27 февруари околу 10 часот и 30 минути падна покривот врз нашиот, но дел падна и на улицата и позади во дворот. Во тој миг, за среќа, немаше мунувачи па никој не е повреден. Веднаш преземавме мерки за санирање на кровот. Санацијата е речиси комплетно завршена, истакна Раде Димовски, еден од станарите.
 
Зградата на улицата „Луј Пастер“ е од 1956 година и најгоре, како што рече Димовски, има бетонска плоча, не обичен мек таван. Ова е трет пат како покривот на поранешна „Југобанка“ се урива врз нивниот.(МИА)