Владата одлучи да интервенира на пазарот со 40 илјади тони меркантилна пченица по цена од 15,5 денари. Како што соопштија денеска министрите од економските ресори, одлуката е донесена со цел да се ублажи ударот од последните поскапувања на лебот. Количините ќе бидат достапни за откуп од страна на компаниите кога ќе биде објавена одлуката во Службен весник и откако Агенцијата за стокови резерви ќе објави лицитација.
 
Oвие количини, како што истакнаа, ќе бидат доволни во иднина да нема проблеми на пазарот со евентуален недостиг на пченица и да се обезбеди стабилност на цената на лебот.
 
– Следејќи го пазарот и случувањата на светските берзи, очигледно дека цената на пченицата е двојно зголемена во однос на 2010 година и Владата утврди дека е потребна дополнителна интервенција и ние одиме во оваа ситуација со прилично голема интервенција од 40.000 тони со која голем дел од потребите ќе се обезбедат. Ја намалвме и цената, односно одиме со супсидијарна цена од само 15,5 денари во време кога цената на пазарот изнесува 20-22 денари за килограм, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, додавајќи дека Владата и претходно во континуитет ги следеше случувањата и излегува со нови мерки онака како што се случува на пазарот и колку што има потенцијал земјата и колку што може со стоковите резерви да се интервенира.
 
Тој рече дека стоковите резерви се ограничени и Владата мора да внимава на нивното вкупно ниво.
 
Со оваа одлука и овие количини на пченица во најголема мера ќе биде надминат проблемот околу задржувањето на цената пред се на лебот и за задоволување на потребите на пазарот на пченица, оцени министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и додаде дека Владата се потрудила на овој начин да помогне најранливите категории граѓани во државата бидејќи станува збор за основен прехранбен производ.
 
Вицепрепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека мерката не е ниту краткорочна, ниту долгорочна и оти целта е да го премости периодот до следната жетва.
 
– До следната жетва би требало да се обезбеди стабилност. И тука се можни флуктуации, бидејќи не може да се оди против цените на светскиот пазар, но може оние врвови, кои се постигнуваат државата да помогне да се регулираат, рече Пешевски, додавајќи дека се влијае и со количината и со цената и оти ќе се постигне посакуваниот ефект.
 
Министерот за економија Фатмир Бесими посочи дека ова не е единствената мерка и оти и во јануари е донесена одлука за бесцарински увоз на 80.000 тони пченица од земјите членки на Светската трговска организација и оти досега компаниите увезле 10.000 тони.
 
За тоа дали се предвидени нови мерки како СОС продавници или зголемување на социјалната помош, заменик-минситерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски рече дека повторно ќе се разговара за СОС продавниците кои во 2008 година беа формирани и кои функционираа во одреден период и оти ќе ја следат целокупната состојба и доколку се појави повторно потреба од такво нешто заедно со компаниите ќе продуцираат повторно реактивирање на проектот СОС маркети.
 
Тој додаде дека засега не се размислува на зголемување на висината на паричната социјална помош.
 
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во врска со нивото на инфлацијата рече дека нема опасност од нејзино значајно придвижување и оти Владата ќе направи се нивото на инфлацијата да се движи во утврденото до три проценти.
 
– Во првите месеци од годинава врз основа на движењата на цените на основните прехранбени производи на светските берзи и движењето на нафата, заради случувањата на Блискиот Исток очигледно носат нови предизвици во делот на вкупниот индекс на цените.
 
Прерано е да се прават нови проекции. Нашето уверување е дека вкупната агрегатна побарувачка врз база на дисциплинираната фискална политика и монетарната политика ќе остане под контрола, значи нема опасност од значајно придвижување на општото ниво на цените, односно инфлацијата. Секако, тоа не значи дека поединечните цени на основните производи кои се детерминирани од движењата на берзата нема да се придвижат нагоре или надолу. Тоа не зависи од Република Македонијам, зависи од движењата на светските берзи. Вкупното општо ниво на цените ќе остане под контрола и ние ќе правиме се тоа да се движи во утврденото ниво до три проценти, изјави Ставрески.(МИА)