Скопје, 20 јуни 2012 (МИА) – Македонската владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски, која е во неколкудневна посета на Руската Федерација, денеска  престојува во  Нижњиј Новогород.

Предвидено е премиерот Груевски да се обрати на бизнис форум за презентација на инвестициските можности и поволности кои ги нуди Република Македонија и да има средба и со  Валериј Шанцев, губернатор на Новогородската област. Македонската делегација ќе ги презентира можностите и поволностите за инвестирање и на средба со претставници на руски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија.

Вчера владината делегација, во чиј состав се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за економија Ваљон Сарачини и министерот без ресор задолжен за привлекување  странски инвестиции Бил Павлески, учествуваше на бизнис форум во рускиот град Владимир пред претставници на 20 таргетирани руски компании.

Утре и задутре претседателот на македонската Влада и владината делегација ќе престојуваат во Санкт Петерсбург.  При посетата, членовите на македонската Влада, ќе ги презентираат поволностите за отворање и водење бизнис на форумот што го организира Трговско-индустриската комора на Санкт Петерсбург. Премиерот Груевски и владината делегација ќе присуствува и на отворањето и пленарното заседание на Меѓународниот економски форум на Санкт Петерсбург, во рамки на кој ќе се сретне со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. На овој престижен форум, традиционално учествуваат реномирани економски експерти, аналитичари, бизнисмени и политичари.

Во Санкт Петерсбург владиниот тим ќе има средби со менаџерските тимови на компанијата „Газпром“, чија дејност е производство на природен гас, на „Стројтрансгас“, чиј делокруг на работа е дистрибуција и стопанисување со природен гас, и на компанијата „Лукоил“, која се занимава со производство и трговија на нафта и нафтени деривати.

Премиерот Груевски во Санкт Петерсбург свечено ќе го отвори Почесниот конзулат на Република Македонија, и ќе се сретне со губернаторот на Ленинградската област,  Александар Дрозденко.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.