Актуелните економски состојби во Македонија и Бугарија, билатералната соработка меѓу министерствата за финансии, царинските и даночните служби, како и економските случувања во соседство и пошироко, беа главни теми на денешната средба во Охрид на министрите за финансии на двете земји, Зоран Ставрески и Симеон Џанков.

&nbsp

На средбата одржана на маргините на 11-та Годишна конференција на Македонската берза на хартии од вредност, двајцата министри најавија интензивирање на динамиката на меѓусебните контакти, во насока на натамошно подобрување на економската соработката и подобрување на условите за бизинс во двете држави.

&nbsp

– Од сега до крајот на годината ќе има интензивна соработка со цел да ги подобриме економските односи и верувам дека тоа ќе биде од обострана корист, изјави вицепремиерот Ставрески, најавувајќи дека до крајот на оваа година ќе бидат организирани уште најмалку три средби на министерско ниво, на кои ќе бидат присутни и директорите на царините и на даночните служби на двете држави.

&nbsp

Ставрески потсети дека министерствата за финансии односно владите на Македонија и на Бугарија во вакви кризни услови успеаја да остварат исклучително добри резултати, со најниски буџетски дефицити во Европа.

&nbsp

Министерот Џанков пред медиумите му честиташе на неговиот домаќин за како што рече, тоа што Македонија е меѓу државите како Бугарија, Естонија, Шведска и Луксембург, кои успеале да ја завршат минатата година со добар финансиски резултат.

&nbsp

– Тоа е многу голем успех, уште повеќе што е остварен во услови на светската финансиска криза која мошне неповолно влијаеше врз сите економии во Европа, истакна Џанков.

&nbsp

Тој додаде дека со Ставрески разговарале и за актуелната економска ситуација, односно за последните две триемесечиа, кои во рамките на ЕУ се оценети како најтешки, од аспект на на фискалната политика во Европа, па оттука и за Македонија и Бугарија.

&nbsp

Џанков посочи дека очекувањата на експертите од ЕУ се дека од средината на 2010 ситуацијата со буџетските приходи ќе се подобрува, но истовремено предупреди на алармантни сигнали, пред се влошената финансиска ситуација во Грција.

&nbsp

– Му посочив на министерот Ставрески за неповолните сигнали што се регистрирани во Грција, Шпанија, Португалија, но и во други држави од ЕУ, така се надевам дека тие информации ќе бидат од полза за македонското стопанство, истакна Џанков, додавајќи дека за сите видови соработка, како што е даночното олеснување, борбата против стопанскиот криминал, инвестициски регионални проекти, ќе се разговара на следните средби предвидени за тековната година.

&nbsp

Оценка на двајцата вицепремиери е дека голем дел од меѓународните инвеститори размислуваат на регионална основа односно дека дека актуелната финансиска криза во Грција мошне неповолно влијае и врз Македонија и врз Бугарија, па оттаму потребата на двете држави да продолжат со активностите за задржување на макроекономската стабилност, квалитетното управување со јавните финансиии односно одржувањето низок буџетски дефицит и реформите за подобрување на бизнис-климата.

&nbsp

– Се надеваме дека реакцијата на ЕУ и на ММФ ќе дојде што е можно поскоро, бидејќи тоа е клучниот фактор за смирување на тензиите кај инвеститорите и за решавање на состојбата во Грција, појасни Ставрески, посочувајќи ја посветеноста на Владата кон подобрувањето на бизнис-климата и одржувањето висока макроекономска стабилност, како предности на Македонија пред земјите кои се соочуваат со должнички и економски проблеми.(МИА)

Comments are closed.