Вашингтон, 8 декември 2010 (МИА) – Генералниот директор на ММФ Доминик Штраус-Кан во писмена изјава ја поздрави одлуката на Македонија да побара кредитна линија за претпазливост.

 

– Македонија ќе биде првата земја-членка на ММФ која ќе го користи овој нов вид кредит. Многу сум задоволен што Македонија позитивно одговори на поканата што ја упатив до економиите кои имаат здрави економски основи и политики да го искористат овој нов инструмент за зголемување на меѓународната доверба, изјави Кан.

 

Според него, Македонија има одржлива практика на здрави економски политики. Нејзините економски основи, како и рамката на политики се силни и македонските власти покажаа определба за одржување на оваа здрава практика. Затоа јас имам намера што поскоро да побарам од Извршниот одбор на ММФ одобрување на барањето на Македонија за кредитна линија за претпазливост, рече Кан.

 

Македонија, како што се наведува во изјавата, побара двегодишна кредитна линија за претпазливост од ММФ во износ од 344,5 милиони специјални права на влечење, односно околу 400 милиони евра, 500 проценти од квотата за првата година, кој би се зголемил на 413,4 милиони специјални права на влечење, односно околу 480 милиони евра, во втората година.(МИА)

 

Comments are closed.