6 август 2018, Скопје – За 75% во просек се намалени глобите за царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог, односно за оние што можат да се платат на лице место. Со измените на Царинскиот закон се врши намалување на глобата од 250 на 50 евра за правно лице и од 50 на 15 евра за физичко лице.
Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок.
Со измените на Царинскиот закон се овозможува и побрз проток на стоките. Имено, тој овозможува заемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА. Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот. Признавањето на одобренијата за економски оператор ќе овозможи побрз проток на стоката што се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да се одбере местото каде што ќе се спроведат контролите. Сето ова ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија.
Со измените на Законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со нив се усогласуваат одредбите што се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка.
Измените на Законот стапуваат на сила кон средината на овој месец.