Скопје, 30 јуни 2014 (МИА) – Македонскиот премиер Никола Груевски денес во Токио оствари средба со јапонскиот принц Нарухито, со што започна официјалната посета на македонската владина делегација на Царството Јапонија.

– Соговорниците позитивно ги оценија политичките односи меѓу двете земји и ја истакнаа позитивната соработка и на билатерален и на мултилатерален план. Позитивно беше оценет и континуираниот политички дијалог на највисоко ниво помеѓу двете земји и постоењето нагорна линија во развивањето на билатералните односи, соопшти владината прес-служба по средбата .

Премиерот Груевски и принцот Нарухито ја истакнале значајноста на продлабочувањето и интензивирањето на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, за кои цели постои политичка поддршка.

Груевски ги нагласил политичките приоритети на надворешен план и информирал за поволностите и предностите кои Македонија им ги овозможува на странските инвеститори за отворање капацитети и водење бизнис. Ја потенцирал интенцијата на македонската Влада за привлекување јапонски инвеститори и компании чии планови се ширење на своите бизниси и пазари во Европа.

Според премиерот Груевски, со принцот Нарухито, со кого се среќава по вторпат, како исклучително влијателен човек во Јапонија, размениле информации за политичката и економската соработка помеѓу Македонија и Јапонија и можностите за нејзино продлабочување , особено на економски план.

– Со оглед дека се работи за личност која е во постојана комуникација со најголемите политички и економски авторитети во Јапонија, беше многу важно да го информирам за деталите за правење бизнис во Македонија, за политичкиот моментум и за нашите следни чекори и на политички план , односно европските и евроатлантските интеграции , и на економски план во однос на одличната бизнис клима која ја искреиравме , но и за условите за правење бизнис како на домашните така и на странските компании, истакна премиерот Груевски по средбата.

Со јапонскиот принц размениле мислења и за интензивирање на соработката и на полето на образованието, здравството и културата, како и во сите други сфери од заеднички интерес.

Средбата на премиерот со принцот Нарухито се одржа во пресрет на презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија пред поголем број јапонски компании, како и средбата со премиерот на Јапонија.

Дел од владината делегација која престојува во Јапонија се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо и владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
По Јапонија, следни дестинации на азискиот континент на македонскиот владин тим се Република Кореја и Народна Република Кина.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.