Би сакал да се заблагодарам на поканата и можноста овде, пред вас, да се обратам на свечената седница на која секоја година се истакнува значењето на Светскиот ден на штедењето.

Ова е ден кога секоја земја во светот го промовира значењето на штедењето и придобивките од него, а воедно и ја промовира сопствената економија бидејќи сигурната и стабилна економија влева сигурност како кај граѓаните така и кај фирмите, со што се поттикнува штедењето.

Македонија во првото полугодие годинава, во услови на зголемена политичка нестабилност, забележа раст од 2,1% на реална основа. Значаен фактор за економскиот раст во овој период, како и во изминатите години, беше градежништвото, кое забележа раст од 17,8%. Земјоделството во овој период забележа раст од 2,7%, а растот на услужниот сектор изнесува 1,3%, што се должи на растот на активноста во повеќе дејности.

Индустриското производство во периодот јануари-септември 2016 година забележа раст од 5,4%, како резултат на растот во преработувачката индустрија од 8,6%, во чии рамки позначително зголемување има кај производството на моторни возила (раст од 70,8%), производството на машини и уреди (раст од 27,3%) и производството на електрична опрема (раст од 19,5%), гранки во кои припаѓаат дел од компаниите што работат во слободните економски зони. Солиден раст на производството во овој период има и во сегментот на традиционални индустриски дејности.

Извозот на стоки во периодот јануари-август 2016 година е зголемен за 6,1% во однос на истиот период претходната година, што во најголем дел се должи на производството на странските капацитети во слободните економски зони. Растот на извозот е придружен и со подобрување на структурата преку зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност, во услови на раст на извозот на машини и транспортни уреди од 21,5% и на хемиски производи од 13,7%. Увозот на стоки во овој период забележа понизок раст од извозот и изнесува 5,6%.

Бројот на вработени во второто тримесечје од 2016 година е повисок за 3% во однос на истото тримесечје претходната година, при што најмногу работни места се креирани во трговската дејност, индустријата и градежништвото. Растот на вработеноста главно се должи на активните мерки за вработување, пред се проектот „Македонија вработува“, инвестициите на странските компании во слободните економски зони и реализацијата на јавните инвестиции во инфраструктурата.

Растот на вработеноста е придружен со пад на бројот на невработени, со што стапката на невработеност во второто тримесечје од 2016 година се намали на 24%, односно за 2,8 процентни поени споредено со истото тримесечје претходната година. Стапката на вработеност во второто тримесечје изнесува 42,9% и е повисока за 1,2 процентни поени споредено со една година порано.

Макроекономската политика на Република Македонија во наредниот среднорочен период е во функција на остварување на стратешките определби на Република Македонија за долгорочен и одржлив економски раст, зголемување на конкурентноста на економијата, зголемување на вработеноста и подобрување на животниот стандард на населението.

Фискалната политика е насочена кон поттикнување на економската активност преку зголемување на квалитетот на јавните финансии, пред сè преку зголемување на капиталните расходи за подобрување на инфраструктурата и јакнење на способноста на приватниот сектор за раст и отворање нови работни места.

Имајќи ги предвид очекувањата за меѓународното економско окружување, како и здравите макроекономски политики, структурните реформи за зголемување на конкурентноста на земјата, реалниот раст на БДП во 2017 година се очекува да изнесува 3%, во 2018 година 3,5%, а во 2019 година 4%.

Оваа Влада веќе десет години спроведува политики со кои обезбедува подобра бизнис клима и подобар стандард за населението со што се создадоа услови за зголемување на штедењето.  

Воведовме најниски даночни стапки, со што се создадоа услови за влез на нови инвеститори, како и зголемување на профитабилноста на постоечките.

Создадовме нови над 160 илјади работни места. Тоа се 160 илјади семејства кои сега можат и да штедат во банките обезбедувајќи подобра иднина за своите деца.

Нашата цел и во иднина ќе биде да обезбедиме подобри услови за водење бизнис, и да обезбедиме повисок стандард за граѓаните, или поедноставно кажано да обезбедиме услови за зголемување на примањата на граѓаните. Сето ова ќе придонесе за обезбедување посреќна иднина за нашите граѓани и зголемување на штедните влогови во банките.

Заклучно со месец септември 2016 година депозитите на населението изнесуваат нешто над 213 милијарди денари и остварија годишен раст од 1,3 проценти. Причините за пониската стапка на раст на депозитите на населението се влијанието на политичката криза, шпекулациите за можна девалвација на денарот и влијанието на бегалската криза што доведоа до повлекување на депозитите, особено во април, мај и јуни. Сепак довербата на граѓаните не беше разнишана и состојбите се стабилизираа. Така, во август и септември депозитите на населението остварија квартален и годишен раст од над 1 процент.

Во насока на зголемување на штедните влогови, Министерството за финансии кон крајот на 2012 донесе законски измени согласно кои каматната стапка штедните влогови нема да се оданочува  сè до влезот на Македонија во Европската Унија.

Воедно во насока на подобрување на законската регулатива се донесоа законски измени со кои се подобрува стабилноста на банкарскиот сектор, што доведува и до поголема сигурност во истите.

Во текот на 2016 година, беа донесени измени и дополнувања на Законот за банки. Со измените се направи усогласување со ревидираните стандарди за адекватност на капиталот на банките на Европската Унија. Овие стандарди се донесени како резултат на финансиската криза, а имаат за цел да го зајакнат капацитетот на банките да се справат со ризиците. Најзначајна измена на Законот е воведување стандарди за адекватно ниво на капитал, во квалитет и квантитет. Понатаму се воведоа капитални бафери или заштитни слоеви на капитал, кои треба да придонесат за зголемување на квалитетот и квантитетот на капиталот на банките, а со тоа се зајакнува стабилноста и отпорноста на банките на шокови, интерни и екстерни. Овие измени ќе се применуваат од март 2017 година.

Почитувани сите ние треба заедно да креираме услови штедните влогови да станат единствена алатка за штедење.

Штедењето е клучен столб за стабилноста на финансискиот систем и затоа ние како Влада првенствено преку задржување висок степен на макроекономска ликвидност и фискална стабилност мора да креираме мерки и политики што ќе придонесат за стабилност на банкарскиот сектор и зголемување на штедењето.

За крај дозволете ми на сите сегашни и идни штедачи да им го честитам Светскиот ден на штедењето.

 

 

Comments are closed.