Денес пред Вас е еден многу битен стратешки документ, чија намена е одржување на макроекономската стабилност и поттикнување на економската активност во текот на следната година. Буџетот е само една од повеќето, но би напоменал многу значајна алатка во креирањето на економската политика.
Предлог-буџетот за 2017 година се базира на три основни постулати тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок. Главниот приоритет на овој стратешки документ е поддршка на приватниот сектор, бидејќи тој е клучен за економскиот развој на земјава и е единствен кој што може да креира нова вредност.
Пред да прејдам на елаборирање на Предлог-Буџетот за 2017 година, би сакал да дадам осврт на макроекономските и фискалните трендови од оваа година, односно условите во кои е креиран предлог-буџетот.
Во првото полугодие од 2016 година, во услови на зголемена политичка нестабилност во земјата, економската активност забележа раст од 2,1%. Значаен фактор за растот во првото полугодие беше градежништвото кое забележа раст од 17,8%. Земјоделството во овој период нотира раст од 2,7%, а услужниот сектор од 1,3%. Индустриското производство заклучно со јули порасна за 5,6%, што во голема мера се должи на индустриските гранки во кои што припаѓаат компаниите од слободните економски зони, како на пример производството на моторни возила каде е остварен значителен раст од 61%, производството на машини и уреди каде има раст од 27,3%, производството на електрична опрема каде е забележан раст од 13,9% итн. Сепак би сакал да истакнам дека и кај традиционалните индустриски дејности има солиден раст, така производство на текстил забележа раст од 15,7%, производството на прехранбени производи раст од 2,3%, производството на тутунски производи раст од 14,8% итн.
Во првите седум месеци годинава извозот на стоки забележа раст од 5,1%. Во ова голем удел повторно имаат странските капацитети од слободните економски зони, кои во првите осум месеци извезле 1,1 милијарда евра, што е 40% од вкупниот извоз на земјава и е за 18,6% повеќе споредено со истиот период лани. Она што е особено важно да се посочи е дека растот на извозот е придружен и со промена на неговата структура кон производи со повисока додадена вредност. На пример, кај извозот на машини и транспортни уреди на годишна основа се забележува раст од 24%. Би сакал да истакнам дека тоа се производи кои порано ги немало во структрата на извозот или истите имале незначително учество. Увозот на стоки забележа понизок раст од извозот и истиот изнесува 3,9%.
Позитивен придонес во економијата имаше потрошувачката, која во првото полугодие забележа раст од 2,4% како резултат на растот на приватната и на јавната потрошувачка. Растот на приватната потрошувачка изнесува 2,8% во услови на раст на вработеноста и платите, додека јавната потрошувачка забележа раст од 1,1%.
Во вториот квартал годинава стапката на невработеност се намали на историски најниски 24%. Во однос на истиот квартал лани, бројот на вработени се зголеми за 21.100 лица, со што вкупниот број на вработени во земјава достигна 720.674 лица, што е историски највисоко ниво на вработеност. Најголем дел од отворените работни места се генерирани преку проектот „Македонија вработува“ и компаниите во слободните економски зони. Овие бројки покажуваат дека со комбинирање на мерките за унапредување на деловното окружување, поттикнување на инвесициите и активните мерки на пазарот на труд, можно е намалување на стапката ма невработеност.
Привлекувањето на странски директни инвестиции е една од стратешките цели на Владаа на РМ. Во таа насока приливот на странски директни инвестиции во првото полугодие од 2016 година изнесува 123 милиони евра и е повисок за 13,3 милиони евра, односно за 12,1% во однос на истиот период минатата година.
Во однос на реализацијата на овогодинешниот буџет, во периодот јануари-август реализирани се вкупни приходи во износ од 110,62 милијарди денари, што е за 6,5 милијарди денари или за 6,2% повеќе во однос на истиот период лани. Во првите осум месеци собрани се даночни приходи во износ од 66,4 милијарди денари, кои се повисоки за 5,13 милијарди денари или за 8,4% во однос на истиот период 2015 година. Приходите од ДДВ достигнаа ниво од 31,54 милијарди денари, односно се повисоки за 4,2 милијарди денари или за 15,4%. Од друга страна, приходите од данокот од добивка од 7,3 милијарди денари се пониски за 1,56 милијарди денари во однос на истиот период минатата година. Во осумте месеци од 2016 година приходите од акцизи достигнаа ниво од 14,26 милијарди денари, што е за 1,4 милијарди денари или 10,9% повеќе од минатата година.
Приходите од социјални придонеси се во износ од 32,5 милијарди денари, што е за 1,6 милијарди денари или 5,2% повеќе во однос на соодветниот период во 2015 година.
Расходите во периодот јануари-август изнесуваат 120,44 милијарди денари, што е за 3,5 милијарди денари или 3% повисоко во однос на минатата година. Со овие средства навремено и непречено се сервисираа обврските кон буџетските корисници, законските права на граѓаните и доспеаните обврски кон домашните и странските кредитори. Во рамки на овие расходи се реализираше и зголемувањето на социјалната помош за 5% започнувајќи со јулската исплата. Тука ќе најавам дека во декември годинава со исплатата на ноемвриската пензија, ќе се исплати и ветеното покачување на пензиите. Повеќе од 300.000 пензионери ќе добијат зголемување од околу 670 денари, или во просек покачување од 5%. Зголемувањето ќе биде линеарно кај сите пензионери, а најголемо ќе биде кај оние со пензија помала од 9.000 денари, каде зголемувањето ќе изнесува 8 %.
Во периодот јануари-август 2016 е остварен буџетски дефицит во износ од 9,8 милијарди денари, што е за 2,98 милијарди денари или 23,3% помалку од соодветниот дефицит во 2015 година.
Државниот долг на Република Македонија на 30 јуни 2016 година изнесува 36,9% од БДП, додека јавниот долг во истиот период изнесува 45,3% од БДП. Како резултат на одмерената фискална политика изминатите години, Република Македонија и понатаму останува умерено задолжена земја со државен долг кој е понизок од пропишаниот со Мастришкиот критериум. Во контекст на ова говори и фактот дека просечниот државен долг на земјите-членки на ЕУ (ЕУ 28) заклучно првиот квартал од 2016 година изнесува 84,8% од БДП, а Македонија е далеку под овој просек.
При креирањето на Буџетот за 2017 година тргнавме од макроекономските параметри кои ќе ги елаборирам во следните неколку минути…
Првичните проекции за глобалната економија за следната година предвидуваат умерено забрзување и економски раст од 3,4%. Сепак, проекцијата за раст е намалена, главно како резултат на предвиденото забавување на економскиот раст во развиените земји. Намалената доверба кај инвеститорите и зголемената нестабилност на меѓународните финансиски пазари, предизвикани од референдумот во Велика Британија за напуштање на Европската унија, придонесоа за зголемување на ризиците, а со тоа и надолно ревидирање на проекцијата за економски раст во Еврозоната на 1,4%. Германија како најзначајна економија во ЕУ и најзначаен трговски партнер на Република Македонија, се очекува да забележи раст од 1,2% во 2017 година. Растот во Еврозоната ќе биде придвижен од домашната побарувачка, умерениот пораст на платите и ниската стапка на инфлација. Позитивно влијание врз економскиот раст во Еврозоната се очекува да има и приспособливата монетарна политика и структурните реформи кои земјите-членки подолг период ги имплементираат, а кои се насочени кон решавање на високото ниво на задолженост, ранливоста на финансискиот сектор и намалената конкурентност.
Во однос на домашните фактори се очекува дека со спроведувањето на предвремените парламентарни избори во декември политичката криза во земјата ќе се разреши, што ќе влијае позитивно врз очекувањата и довербата на домашните компании. Ова ќе придонесе за зголемен раст на инвестициите и потрошувачката, но ќе прати и позитивен сигнал кон странските инвеститори.
Согласно на очекувањата за движењето на домашната побарувачка и предвидувањата за меѓународното економско окружување, проекцијата за економски раст во 2017 година изнесува 3% раст на БДП.
Очекуваме дека растот на економската активност следната година ќе биде придвижен од извозот на стоки и услуги, за кој проектиравме раст од 6% на реална основа, кој се базира на очекувањата за извозна активност на капацитетите во слободните економски зони. Растот на извозот се очекува да биде придружен со понатамошно подобрување на неговата структура преку зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност. Во 2017 година увозот на стоки и услуги е предвидено да забележи раст од 4,7% на реална основа.
Кај бруто-инвестициите проектиравме раст од 4,5%, кој се заснова на планираните инвестиции на јавниот сектор и на очекувањата за постепен раст на приватните инвестиции. Во рамки на јавните инвестиции предвидена е реализација на проекти за подобрување на транспортната мрежа во земјата, за подобрување на енергетската и комуналната инфраструктура, како и за капитални инвестиции во образовниот, социјалниот и здравствениот систем.
Приватната потрошувачка се очекува да забележи раст од 2,1% во 2017 година, главно како резултат на очекуваниот раст на расположливиот доход на домаќинствата, при проектирано зголемување на вработеноста и платите. Проекцијата за реален раст на јавната потрошувачка изнесува 1,3%.
Во 2017 година градежната дејност се очекува да оствари раст од 5,2%, базирано на планираните инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните економски зони. Следната година се очекува услужниот сектор да забележи раст од 2,8%, земјоделскиот сектор од 2,3% и индустријата да забележи раст од околу 2%.
Стапката на инфлација во 2017 година се очекува да остане ниска и истата е проектирана на 1%.
Позитивните движења на пазарот на труд се предвидува да продолжат и во 2017 година, при што растот на вработеноста се очекува да изнесува 1,8% или околу 11.000 нови работни места. Овие проекции базираат на предвиденото зголемување на бројот на вработени во компаниите кои работат во слободните економски зони и активните мерки и програми за вработување на Владата, но и како резултат на реализацијата на јавно-финансирани инфраструктурни проекти. Просечната бруто плата во земјата се очекува да забележи номинален раст од 1,8%.
Во 2017 година дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок, во износ од 2% од проектираниот БДП, во услови на намалување на нивото на трговски дефицит и стабилно ниво на приватни трансфери. Предвидените движења во платниот биланс ќе резултираат со задржување на девизните резерви на адекватно ниво. Стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото ќе се задржи и во 2017 година, во функција на одржување на ценовната стабилност како крајна цел на монетарната политика.
Почитувани пратеници,
Буџетот за 2017 година е резулат на повеќемесечен буџетски процес и континуирана комуникација со ресорните институции за стратешките планови и политики за наредната година. При негово проектирање земени се предвид движењата во европската економија и постигнувањата во македонската економија годинава, реализацијата на овогодинешниот буџет, како и очекувањата за разрешување на политичката криза во земјава.
Сега би ги изнел параметрите на предлог буџетот за 2017 година.
Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2017 година се планираат на ниво од 187,612 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 206,219 милијарди денари. Буџетскиот дефицит за следната година е позициониран на ниво од 3% од БДП или во износ од 18,6 милијарди денари, што споредено со оваа година е пониско за 4,5 милијарди денари. Овој дефицит е согласно определбата за негово етапно намалување, односно постепено намалување на јавната потрошувачка, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции кои ќе имаат придонес за повисоки стапки на економски раст.
Проекциите за приходите на Буџетот за 2017 година се базираат на очекувањата за еконономските остварувања, како и реализацијата на приходите во тековната 2016 година и можностите за зголемување на наплатата преку унапредување на капацитетите на надлежните институции. Даночните приходи се планирани во износ од 108,876 милијарди денари и истите се очекува да имаат раст од 9,47% во однос на 2016 година.
Социјалните придонеси се планирани во износ од 51,879 милијарди денари или за 3,46% повеќе од оваа година. Останатите буџетски приходи ќе се остварат по основ на неданочни приходи, односно административни такси, концесии и други неданочни приходи, како и капитални приходи по основ на продажба на општествени станови и земјиште и по основ на планирана дивиденда од Македонски Телеком.
Во текот на 2017 година по основ на донации предвидени се 6,737 милијарди денари кои буџетските корисници е планирано да ги реализираат на сметките за сопствени приходи за конкретни проекти, како и повлекувањата од предпристапните фондови на ЕУ.
Расходната страна на Буџетот на Република Македонија има две димензии: развојна димензија, која е во функција на поддршка на растот на македонската економија преку инвестиции во инфраструктурни проекти, и социјална димензија која е во функција на одржување на социјална стабилност и подобрување на животниот стандард на населението, пред се на најранливите категории на граѓани, односно пензионерите, корисниците на социјална помош и земјоделците.
Тековните расходи се планирани во износ од 179,26 милијарди денари и се наменети за редовно финансирање на платите на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензиите, социјалните надоместоци и субвенциите во земјоделството.
Во овие рамки:
– Расходите за плати се проектирани на 26,77 милијарди денари.
– Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 19,6 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на тековните обврски на буџетските корисници, како и обезбедување на средства за финансирање на здравствените програми. Во текот на 2017 година ќе продолжиме со спроведувањето на рестриктивна буџетска потрошувачка во делот на помалку продуктивните расходи.
– Тековните трансфери и субвенции во 2017 година се планирани на ниво од 124,66 милијарди денари и се однесуваат на:
- Социјални трансфери кои се проектирани на износ од 92,72 милијарди денари. Како што претходно кажав, тука е вкалкулирано и предвиденото зголемување на пензиите почнувајќи од ноемвриската пензија, со исплата во декември 2016 година.
- За исплата на паричен надоместок за невработените лица планирани се средства во износ од 885 милиони денари. За спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 555 милиони денари.
- За здравствена заштита планирани се средства во износ од 26,38 милијарди денари, односно предвидено е околу 805 милиони денари повеќе за оваа намена во однос на тековната година. Зголемeниот буџет на Фондот за здравство ќе биде прераспределен за нови здравствени услуги за лекување на пациенти
- Обезбедувањето на соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви на населението е од особена важност за остварување на оддржлив економски развој и постигнување на повисоко ниво на социјална правда. Оттука, во буџетот предвидени се средства во вкупен износ од 7,8 милијарди денари за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата од социјална заштита на ранливите категории на граѓани. Во овие рамки планирани се средства за поддршка на функционирањето на постојните дневни центри и народни кујни, како и средства за субвенционирање на трошоците за потрошувачка на енергија на најзагрозените категории на граѓани.
- Субвенциите во земјоделството заедно со планираните реформи во земјоделскиот сектор, како и значителниот износ од ИПАРД програмата ќе обезбедат негово натамошно зајакнување и поддршка со цел зголемување на извозот на македонските земјоделски производи и освојување на нови пазари.
- За трансфери до единиците на локална самоуправа планирание се 17,177 милијарди денари, кои се повисоки за 449 милиони денари во однос на 2016 година
- За рамномерен регионален развој планирание се 226 милиони денари
Би сакал да обрнам посебно внимание на капиталните инвестиции, бидејќи издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој.
Определбата за постојано зголемување на јавните инвестиции изминатите години се покажа како добра за повеќе сектори, пред се градежништвото и индустријата, затоа од 2009-та година наваму континуирано се зголемува износот на капитални инвестиции во буџетот. За следната година проектиравме високо ниво на капитални инвестиции во износ од 26,954 милијарди денари. Тоа е за 4,62 милијарди денари повеќе од годинава, или 20,7% раст на капиталните инвестиции.
Во 2017 година е предвидено во патната инфраструктура да се инвестираат вкупно 20,16 милијарди денари. Најголем дел од овие средства, или 16,56 милијарди ќе се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта. Во буџетот на РМ пак, се предвидени 3,6 милијарди денари за довршување на изградбата на модерната автопатска делница на Коридорот X, Демир Капија- Смоквица, која се предвидува да биде готова наредната година.
Преку Јавното претпријатие за државни патишта се планира да се реализира Проектот за рехабилитација на патиштата со кој се опфатени патните правци Битола-Ресен-Буково, Ново Село-Маврово-Жировница-Дебар, Тетово – Брвеница -Чегране-Гостивар, Делчево-Голак, Мокрино-Смолари, Мелнички мост-Центар Жупа, Лажани-Ропотово-Црнилиште, Кривогаштани-Обршани-Воѓани, Кочани-Делчево и Нов Дојран-Николиќ. Во 2017 година ќе продолжи и Проектот за надградба и развој на патот Крива Паланка-Ранковце, како и изградбата на автопатите Миладиновци– Штип и Кичево–Охрид. Во наредниот период ќе се интензивираат активностите предвидени со Програмата за национални патишта финансирана од ЕБОР со која е предвидена изградба на нови патни делници Штип–Кочани, Охрид–Пештани, Градско–Прилеп и Требениште–Струга, како и Проектот за изградба на нов експресен пат Штип-Радовиш.
Во Буџетот за 2017 предвидени се 807 милиони денари за капитални расходи за железничката инфраструктура. Ќе се продолжи со реконструкција на железничката пруга на Коридорот X, при што во рамките на овој проект се врши ремонт на последната делница Ногаевци–Градско–Кукуречани и Криволак–Неготино. Со овие активности ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување на железничката пруга и ќе се обезбеди посигурен и поефикасен сообраќај. Во текот на 2017 година предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и реконструкција на источниот дел од железничкиот Коридор VIII-делот кон Бугарија. Во рамки на проектот предвидени се активности за подобрување на техничките карактеристики на пругата, изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници. Паралелно со инвестициите во железничката инфраструкура, во 2017 година ќе продолжи и реализацијата на Проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ во износ од 50 милиони евра.
За вложување во енергетската и комуналната инфраструктура во Буџетот се проектирани средства во износ од 3,48 милијарди денари. Во рамки на овие средства предвидено е интензивирање на активностите за изградба на Националниот гасоводен систем. Изградбата на делницата од Клечовце до Штип е комплетирана, започната е изградбата на гасоводната мрежа Штип-Неготино која треба да заврши до крајот на следната година, се очекува наскоро да започне изградбата на гасоводните делници Неготино-Прилеп-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на националната гасоводна мрежа.
Во Буџетот за 2017 година планирани се и 246 милиони денари за уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти.
Инвестициите во здравствениот сектор за 2017 година се проектирани на 1,12 милијарди денари, и истите ќе бидат фокусирани на Проектот за изградба, реконструкција и доградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и Регионалната Клиничка болница во Штип. Останатите средства ќе бидат наменети за реконструкција на јавни здравствени установи, меѓу кои Клиничката болница во Тетово и болницата во Кичево и Гостивар, за набавка на медицинска опрема, како и за довршување на изградбата на ПЕТ Центарот.
За капитални инвестиции во образованието, детската заштита и спортот издвоени се 3,25 милијарди денари, наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите, набавка на современа лабараториска опрема и инвестиции во спортска инфраструктура. Во наредниот период ќе продолжи и Проектот за условени парични трансфери во чии рамки е вклучена и реконструкцијата на Центрите за социјална работа, како и Проектот за развој на вештини и иновации со кој се поддржува работата на Фондот за иновации и технолошки развој. Истовремено, во рамките на овие средства е планирана и реконструкција на пензионерски дом во Гази баба.
Во насока на подобрување на условите за социјално ранливите групи, во наредниот период ќе продолжи имплементацијата на Проектот за домување на социјално ранливите групи.
За поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,22 милијарди денари, наменети за рурален развој, за изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства, за нивно преструктуирање и надградба со цел побрзо исполнување на стандардите на ЕУ. Во рамките на овие расходи се планирани средства за изградба на системите за наводнување во Јужновардарскиот регион во износ од 194 милиони денари. За повеќенаменскиот проект Злетовица предвидени се средства во износ од 111 милиони денари.
Преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за која во 2017 година се предвидени 1,85 милијарди денари наменети за модернизација на земјоделските стопанства, набавка на земјоделска механизација и приклучна механизација. Издвоени се и средства за финансирање на активностите на браните ”Оризарска река”, ”Равен Речица”, ”Маркова река”, ”Коњско”, браната во Слупчане и за рехабилитација на пумпната станица во Дебар и други хидро-системи. Преку оваа програма изминативе неколку години со цел подобрување на квалитетот на живот во рурални средини, обнова и развој на селата како и зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја опфатени се вкупно 387 проекти во вкупен износ од 3,08 милијарди денари. Со ист интензитет на реализација за вложување во инфраструктурата ќе се продолжи и во наредниот период, акцентот ќе биде на развојот на населените места кои се регионални центри во руралните региони каде стратешки треба да се концентрира и заврши миграцијата од помалите места.
Планираното ниво на дефицит за 2017 година од 3% од БДП е согласно определбата за етапна фискална консолидација и соодветно со очекувањата за идните стапки на раст и поддршката на домашната економија која се реализира во доменот на инвестициите, субвенциите, пензиите и социјалните надоместоци. Дефицитот ќе се финансира преку депозитите и внатрешни и надворешни извори на финансирање, согласно условите на домашниот и меѓународниот пазар на капитал. Нашата определба и понатаму е стимулирање а домашниот пазар на капитал, што е согласно и со препораките на Меѓународниот монетарен фонд.
Почитувани пратеници,
Денеска во Собранието започнува расправата за Буџетот за 2017 година во едни специфични политички околности. Поставувањето на економски цели и насоки за следната година е потребно за непречено одржување на економска стабилност и покрај политичките случувања во земјава, што е и препорака на реномираните меѓународни финансиски институции. Како што веќе напоменав во воведниот дел, буџетот претставува само една од алатките за спроведување на економските политки. Сепак клучот за економски развој е во развој на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да искреира производи и услуги кои ќе бидат извозно ориентирани и конкурентни на глобалниот пазар. За да се постигне тоа, Владата на Република Македонија е насочена кон креирање на поволно деловно окружување кое е насочено кон привлекување на странски инвестиции, но и стимулирање на домашните инвестиции. Ова окружување е наменето за креирање на нови работни места и има за цел да ја смени структурата на работни места кон повеќе платени. На тој начин ќе се стимулираат повисоки стапки на економски раст и ќе се унапреди животниот стандард на граѓаните. Од тие причини, очекувам дека денеска народните избраници ќе ја прифатат дискусијата за буџетот и на демократски начин ќе ги изразат своите мислења по него, преку демократска дебата да зборуваме за документ за спроведување на економските политики. Воедно ова го гледам и како еден тест за пратениците и за нивото на демократски развој на земјава. Затоа Ве повикувам пред се одговорно да пристапиме кон овој процес и да развиеме дискусија која ќе има конкретни цели и резултати, а финалната цел секако е носење на политки кои се во прилог на граѓаните и унапредување на нивниот животен стандард.