24 септември 2019 година, Скопје – Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, денеска одржа официјална средба со новиот претставник на Канцеларијата на УСАИД за Република Северна Македонија, Ерик Јановски.
На состанокот Јановски изрази благодарност за одличната соработка што тимот на Министерството за финансии ја има со УСАИД, а која резултираше со склучување на Договорот за развојна соработка.
Како дел од овој Договор, Република Северна Македонија неодамна ја доби втората транша во висина од 11 милиони долари од грантот од САД кој вкупно изнесува 25 милиони долари, а е наменет за развој на нашата држава. Проектите реализирани во овие рамки имаат за цел подобрување на пристапот до финансии за микро, мали и средни претпријатија, како и обезбедување поголема енергетска сигурност. Воедно истите треба да помогнат во градење на капацитетите на извршната власт и да ја зголемат вклученоста на маргинализираните групи во општеството.
На состанокот беше разговарано и за новата развојна рамка „Потпирање на сопствени сили“, како основа за Стратегијата за партнерство за периодот 2020 – 2025 година.
И двете страни изразија уверување дека ќе продолжат да работат врз основа на изградените цврсти темели и традиција на партнерството.