На Глобалниот економски форум 2014 што се одржува во Ливерпул, македонски владин тим предводен од премиерот Никола Груевски ги презентираше можностите за водење бизнис и за инвестирање.

Скопје, 17 јуни 2014 (МИА) – На Инвестициски форум посветен на можноста за вложување во Република Македонија, во рамки на редовната програма на Глобалниот економски форум 2014 што се одржува во Ливерпул, македонски владин тим предводен од премиерот Никола Груевски ги презентираше можностите за водење бизнис и за инвестирање на британски и меѓународни компании во Македонија.

На форумот што се одржува во соработка со „Фајненшл Тајмс“, премиерот Груевски пред инвеститорите ги наведе даночните олеснувања како силна компаративна предност на нашата земја, истакнувајќи дека е воведен најповолен пакет на рамни и ниски даноци, а постапките за нивно пријавување и плаќање се поедноставени. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 проценти што е меѓу најниските во Европа, при што од оданочување се ослободува и задржаната и реинвестираната добивка која нема да се распредели како дивиденда.

– Премиерот Груевски истакна дека за инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони е достапно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање градежни дозволи. Земјиштето се дава под долгорочен закуп под поволни услови за период до 99 години, соопшти службата за информирање на Владата.

Груевски посочи дека во последниот период освен тоа што дојдоа угледни компании од повеќе важни сфери од индустријата, некои од нив одлучија и да ја реинвестираат својата добивка преку отворање втори капацитети и фабрики, што е потврда за успешната бизнис приказна во Македонија. Се осврна и на вложувањата во капитални инфраструктурни проекти како што е изградбата на нови автопатишта, почеток на изградбата на железничката пруга кон Бугарија, како и реконструкција на Коридорот 10.

Основните макроекономски показатели на Македонија на форумот ги претстави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, истакнувајќи ги стабилноста на девизниот курс, ниската инфлација и зголемувањето на извозот кон значајни држави членки на ЕУ.

Тој се задржа на реформите за олеснување на бизнисот, како што е регулаторната гилотина, проект со кој е значително намалена бирократијата и регулаторниот товар врз фирмите преку поедноставување на постапките за добивање лиценци, дозволи, одобренија и други формалности, како и преку намалување на надоместоците и до 50 проценти. Ставрески ги истакна и воведениот електронски систем за плаќање даноци и добивање царински дозволи и воспоставувањето е-Катастар на недвижности кој сега покрива 99 проценти од територијата на државата, се вели во соопштението.

Според директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, Македонија нуди поволности на странските инвеститори во индустриските зони. Таквата посветеност, истакна Мизо, придонесе повеќе мултинационални компании да донесат одлуки да инвестираат во Македонија, како што се британската „Џонсон Мети“ (со два капацитета во Скопје), американските „Џонсон Контролс“ (со капацитети во Скопје и Штип), „Кемет Електроникс“ и „Амфенол“, германските „Кромберг и Шуберт“ и „Дрекселмајер“, белгиската „Ван Хул“, италијанската „Текнохозе“ и повеќе други капацитети. Постои зголемен интерес за можноста за инвестиции во Македонија и од други компании, нагласи Мизо.

За Ричард Парсон, извршен директор на „Ворлдвајд-ФДИ“, исклучително е важно што британските инвеститори имаат можност да се запознаат со тоа што има да понуди Република Македонија и тоа непосредно од највисоките државни претставници,. Тој истакна дека на овој начин се информирани за тоа дека македонската економија добро напредува во повеќе области, а тоа, според него, е значаен факт да се охрабрат инвеститорите Македонија да ја гледаат како место каде може да се остварат инвестиции и позитивни бизнис резултати.

Извршниот директор на компанијата „Еуромакс“, Стив Шарп, пак, посочил дека е пријатно изненаден од одѕивот и присуството на форумот.

– Имаме искуство од прва рака колку Република Македонија е пријатно место за инвестирање. Голем дел од моето време го посветувам за да им кажам на луѓето колку е добро да се инвестира во Македонија. Таму сме поради природните ресурси, но и поради тоа што наидовме на пријателска и прагматична поддршка од македонската Влада, така што тоа е едно од најдобрите места за инвестирање, истакна Шарп.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.