"Професионални и лични приоритети  за 2007 година"

 

Многу проекти кои започнаа во оваа година ќе се реализираат и завршат во 2007 година. Меѓу нив, би ги издвоил следните приоритети: 1. Регулаторната гилотина со која ќе им се помогне на бизнисмените и граѓаните поедноставно и побрзо да добиваат дозволи, уверенија, изводи и слично, а воедно ќе се укинат непотребните прописи кои сега предизвикуваат бирократско и коруптивно однесување; 2. Започнување на изградбата на гасоводниот систем – што опфаќа прстен околу Скопје, диструбутивната мрежа во Скопје и внатрешноста – преку експедитивно и ефикасно завршување на преговорите со Русија околу клириншкиот долг; 3. Реализација заедно со Министерството за економија на неколку крупни проекти во енергетскиот сектор, со кои треба да се обезбеди долгорочна стабилност на енергетскиот систем и доволна понуда на електрична енергија; 4. Координација на неколку проекти на Светска банка, вклучувајќи ги реформите во Катастарот, Македонските железници,  условените социјални трансфери, бизнис окружувањето итн.; 5. Координација на преговорите со ММФ, ЕБРД, ИФЦ и останатите меѓународни институции; и 6. Секако,  продолжување на воспоставениот конструктивен дијалог со бизнис заедницата за плановите и политиките на Владата, како и за нивните предлози и совети за подобрување на бизнис окружувањето во Република Македонија.

Основен приоритет на личен план е подобро да ги балансирам професионалните обврски и приватниот живот, односно потребата повеќе време да поминувам со семејството и пријателите. Тоа е многу тешко, тоа  е голем предизвик со оглед на амбициозната работна агенда. Сепак, мора да пробам да го остварам тоа, зашто миговите поминати со сопругата и ќерката ми даваат сила и волја да продолжам понатаму.  Секако, би сакал да се реализираат и нашите планови за проширување на семејството.

Comments are closed.