"Направивме разлика, сега ни треба поголема поддршка"

 

На изборите ВМРО-ДПМНЕ во економскиот дел ќе настапи со резултатите од спроведените реформи и ќе најави нови, свежи проекти според веќе промовираниот концепт, со прецизни рокови и утврдена динамика за нивно спроведување. Според вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески, партијата со минатиот труд во двегодишното практицирање на власта веќе обезбедила кредит и доверба дека тоа што го ветува, го исполнува, а енергијата ја насочува кон подобрување на условите за живот во Македонија. Програмата „Преродба во 100 чекори“ содржи проекти што се зацртани за исполнување во 2012 што алудира дека можеби ВМРО-ДПМНЕ планирала избори на половина мандат уште веднаш по добивањето власт. Ставрески негира дека постоел таков план. Единствената визија што ја имавме и се’ уште ја имаме е да ја направиме Македонија подобра земја за живеење. Тоа подразбира подолгорочно планирање и реализација на проектите. Како млада, реформска и амбициозна влада, ние се обидуваме да ги реализираме зацртаните планови во скратени рокови, но има проекти со стратешки и долгорочни цели со подолги рокови, кои се така зацртани зашто бараат подолго време за реализација.

 

* Дали на 1 јуни ќе настапите со истата понуда во економскиот дел или можеби ќе има промени или новини во програмата?

– Преродбата во 100 чекори опфати мноштво проекти во сите сегменти на економијата, но и во други области. Тоа што сега можеме да го направиме е да погледнеме кој дел од тие проекти е реализиран и да ги дозавршиме почнатите. Во еден дел програмата ќе се задржи на продолжување на проектите. Ќе има и нови проекти и свежи идеи во области за кои сметаме оти постои простор за подобрување на бизнис-климата и вкупните состојби во државата. Со програмата за преродба практично се подигна скалилото за сериозноста и настапот на која било партија пред гласачите во иднина. Наметнавме обврска дека пред граѓаните мора да се излезе со конкретни мерки и одговорности. Од тој документ наваму, ниедна сериозна партија нема да може да излезе пред гласачите без да понуди сериозна програма, без оглед дали некој се согласува со содржината или со предложените мерки. Сите сериозни политички партии ќе бидат принудени да покажат сериозност на начинот на кој тоа ВМРО-ДПМНЕ го стори. Во спротивно, секогаш ќе имаме компаративна предност.

 

* Програмата се спроведува во целост, што е за поздравување, но едно е визија на хартија, а друго практиката. Увидовте ли некои грешки во чекори или мерки што дале непосакуван резултат?

– Од аспект на дисциплинирана и одговорна реализација на програмата речиси се’ е направено со предвидената динамика или со незначителни отстапувања. Немаше мерки или чекори што не беа добро дизајнирани, колку што има неефикасност во администрацијата, која не успеа да овозможи дел од тие мерки или чекори да постигнат поголеми ефекти.

 

* Не мислев само на реализација на капиталните проекти туку и во политиките. На пример, вашата визија беше преку зголемување на буџетската потрошувачка, односно поместување на проекцијата за буџетски дефицит на 1,5 отсто од БДП да се поттикне економскиот раст, но со глобалниот пораст на цените на храната, вашите мерки практично беа во насока на подгревање на инфлацијата.

– Ние не можеме да влијаеме на светските цени на енергенсите и на храната. Но, можеме да влијаеме со фискалната политика во ублажување на последиците од тие светски движења и тоа го направивме. Независно од тоа колкав дефицит сме проектирале, во практика лани имавме многу понизок дефицит, а годинава во првите четири месеци суфицит од речиси еден отсто од БДП. Значи, фискалната политика не само што не ја подгреа инфлацијата, туку напротив, дејствува антиинфлаторно.

 

ТИМ ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ

 

 

* Голем дел од енергијата ја насочивте во привлекување странски инвестиции, дури назначивте двајца министри Веле Самак и Глигор Ташковиќ да работат на тоа. Колку инвестиции донесоа и дали сте задоволни од нивниот ангажман?

– Привлекувањето инвестиции е тимска работа што подразбира многу луѓе на многу места да си го завршат својот дел од работата. Прво за да се смени целиот имиџ на земјата, второ да се брендира како добра бизнис-дестинација и конечно, на микро ниво конкретната фирма да има интерес да го пренасочи производството во Македонија. Кога сето тоа ќе се вклопи во мозаикот, резултира со привлекување инвестиции. Придонесот на тие двајца министри како и на другите членови на Владата, го гледам на начин како што функционира еден тим. Не можете да постигнете добар резултат ако во целина тимот нема добри играчи и добра игра. Нивното учество е дел од целата архитектура, односно презентацијата на земјата преку „роуд шоу“ активностите, професионализација и финансиска независност на Агенцијата за странски инвестиции итн. Резултатите во 2007 година се 240 милиони евра странски инвестиции.

* Но, повеќето од нив не се резултат на ангажманот на двајцата министри, туку на претходно донесени одлуки за инвестирање или поволни моменти за преземање некоја компанија.

– Добро, но работите не може да се гледаат изолирано. Можеби „Сведмилк“ или „Сосиете женерал“ или други инвестиции во 2007 година не би се случеле ако ние не работевме толку напорно да го смениме имиџот на Македонија. Тоа можеби била преломната точка да се донесе инвестициска одлука. Не може секогаш да се поврзе директно некој министер со конкретна инвестиција, но вкупната работа на Владата за брендирање на Македонија како поволна дестинација за инвестиции што резултираше со четвртото место на „дуинг бизнис“ листата на топ-реформатори, инвеститорите го следат. Во тој дел го гледам придонесот на сите што биле активни на тој план. За нас привлекувањето странски инвестиции е само една од двете цели. Во јавноста лебдеше дилема која треба да се расчисти. Ние и за домашните инвеститори правиме подобри услови. Вкупните инвестиции лани се зголемија за 16 отсто. Значи и тие одлучија повеќе да инвестираат. Спроведовме намалување на даноците, стапка меѓу најниските во Европа, потоа регулаторна гилотина, реформи во Катастарот и други проекти што на домашните и на странските инвеститори им носат подобри услови од претходно.

 

МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ

 

 

* Домашните инвеститори сепак негодуваа за селективен однос во однос на странските инвеститори. Почнувате проект „Патриотски фискални сметки“ со што испраќате порака за селективност на домашните производи во однос на странските, увезени. Што сакате да постигнете?

– Економијата е простор во кој има место за сите играчи, добри фирми, независно дали се со домашен или со странски капитал. Наше е да им создадеме рамноправни услови за игра. Се прави напор на недискриминирачки начин да се поттикне и да се насочи потрошувачката кон производи што се произведуваат во земјава. Се разбира, тоа се прави на дозволен начин што не ги нарушува пазарните законитости. Нема ништо лошо во тоа секој потрошувач да има увид во тоа колкав дел од купените производи се со потекло од земјата. Тоа ќе ги поттикне и трговските маркети повеќе да користат македонски производи, а тоа е начин да се отворат повеќе работни места и да се инвестира во земјата.

 

* Нели е тоа селективност што испраќате сигнал дека преферирате македонски производи?

– Самото преферирање не е селективност. Секој има право да преферира нешто и има право на личен избор. Битно е да не се користат дискриминирачки или непазарни инструменти. Во овој случај, се работи само за екс пост евиденција дали некој купувал повеќе македонски или други производи, а на потрошувачот е да го направи конечниот избор.

 

* Една од најголемите слабости на македонската бизнис-клима е честото менување на прописите и законите, што доведува до несигурност кај инвеститорите и неможност да прават предвидливи деловни планови. На пример, новата фискална евиденција е нов, непредвиден трошок. Како ќе обезбедите сигурност во овој дел?

– Сигурноста е значајна за бизнисот и за животот воопшто, но таа не значи отсуство на промени и менување на работите. Сигурноста значи само конзистентност во промените. Секојдневно се менуваме како личности, економијата се менува, државата се менува, и таа динамика е составен дел од прогресот. Битно е сигналите што ги испраќате и политиките што ги водите да бидат конзистенти, а евентуалните промени да одат ?? насока со претходните политики, да не се испраќаат спротивставени сигнали што ќе го збунат инвеститорот. За нас, како влада, значајно е да продолжиме со конзистентноста на политиките што досега ги водевме, а тие се политики на слободна економија и ослободување на креативниот потенцијал на поединецот.

 

* Со која економска мерка од овие речиси две години од мандатот најмногу се гордеете?

– Воведувањето на рамниот данок и регулаторната гилотина беа клучни проекти што направија разлика. За нас беше битно да направиме разлика, да покажеме дека може и со друг економски концепт да се води земјата во подобра насока и економијата да се развива побргу. Сметам дека резултатите покажаа дека тој економски концепт е поуспешен отколку стегнатата економија, во која со прецврста фискална политика ќе ги држите даноците на високо ниво. Таквата политика, во крајна линија, донесе помалку приходи во буџетот отколку што сега има со пониски даноци. Регулаторната гилотина е многу значајна заради елиминирање на инструментите на бирократијата во комуникацијата со бизнисмените и граѓаните што доведуваат до неефикасност и корупција.

 

РЕКЛАМИРАЊЕТО КАКО ИМИЏ

 

* Оваа влада го рекламираше секој потег што го сметаше за популарен и беше критикувана за многуте милиони дадени за рекламни кампањи. Колку пари чинеше оваа промотивна активност на Владата и дали со ист или можеби зголемен интензитет тоа ќе продолжи во иднина ако победите?

– Брендирањето на Македонија даде резултати не само на економски туку и на политички план. Голем број луѓе во светот, бизнисмени, но и политичари и други влијателни личности слушнаа, разбраа и ја запознаа Македонија во едно подобро светло од впечатокот што порано го имале. Рекламирањето е модерен инструмент што го користат сите земји во еден конкурентен свет во кој ништо не доаѓа на тацна, мора да се борите со другите земји за да привлечете туристи, да се борите да привлечете некој инвеститор, мора да си конкурирате со други земји за да извлечете поповолни финансиски средства и слично. Важно е таа кампања да се спроведува професионално и да постои транспарентност на постапката од аспект на презентација на вкупните трошоци, а ние сметаме дека резултатите од кампањите се многукратно поголеми отколку потрошените средства. Треба да се продолжи со промотивната кампања за Македонија.

 

* Не беше само кампањата за брендирање, туку речиси секој проект го рекламиравте – кампањата за плаќање даноци, „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, кампања за веронаука…Колку тоа чинеше за 2007 година?

– Тоа е наш начин на давање отчет и одговорност пред граѓаните за она што го правиме. Можеби некому ќе му се допадне, можеби некому помалку ќе му се допадне, но ние сметаме дека треба да се објаснува што се работи, каде сакаме да стигнеме и што е направено. Треба и да се подигне свеста за некои општествени проблеми или прашања за кои очигледно стоеле наталожени проблеми, а малку се има чувства и свест дека тие се можеби клучните проблеми за нискиот економски развој, како на пример образованието. Имаме голем процент на необразовани и ниско образовани луѓе, а сакаме да направиме исчекор во 21 век и да фатиме приклучок со ЕУ и високоразвиените земји. Едно со друго не оди. Мора да го промовирате образованието како многу значајна и долгорочна инвестиција која отвора можности да се излезе од сиромаштијата и бесперспективноста, да се отворат нови можности за оние што ќе го завршат образованието.

 

* Дали ако повторно ја освоите власта, ќе останете на вицепремиерското место за економски прашања?

– Најважно е успешно да ги завршиме изборите за да се создаде таа можност. Моја лична преференција е да останам во економијата, но мандатарот ќе реши каков профил луѓе се потребни.

Дефекти поради старост на термоцентралите

 

* Задолжен сте и за енергетската политика на земјава. Имаше многу обвинувања за некаков „бизнис“ со увозот на струја преку фингирање дефекти во термоцентралите. Навистина ли толку дефекти се случуваат во термоцентралите и зошто тоа не се случуваше пред 2006 година?

– Јас сум поинволвиран во политиките и стратегијата за енергетскиот сектор, која подразбира зголемување на капацитетите, диверзификација на производството и слично. Од она што ме информираат носителите на функциите во енергетските капацитети, треба да сме свесни дека објектите се постари од 30 години. Дефектите се во еден дел нормални, вообичаени за толку стари објекти. Тоа е слично како да управувате автомобил стар 30 години. Од она што сум информиран, тие дефекти се случувале со слична динамика и порано. Не можам да кажам дали со идентична динамика, но дефекти имало. Не сме индиферентни кон тоа што се случува, настојуваме да го намалиме бројот на дефекти и ремонти и да се искористи полниот капацитет на термоцентралите. Но и со дефектите, производството од термоцентралите е на ниво предвидено со енергетскиот биланс. Пониското производство се должи само на хидроелектраните кај кои во прашање е климатскиот фактор, односно сушната година.

Comments are closed.