"Намалените даноци се главен адут на Владата"

Рамниот данок е главен адут на Владата за генерирање забрзан пораст на економијата. Вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески верува дека амбициозната стапка на економски пораст од шест отсто за в година ќе се оствари. Тој очекува намалените даноци за плати да овозможат повеќе вработувања, а ослободувањето од оданочување кај реинвестираната добивка да ги мотивира компаниите да вложуваат во нова опреми и машини, со што производството ќе се направи поконкуретно. Ставрески тврди дека забрзувањето на реформите не е вовед во предвремени избори, туку влог на Владата за успех на долг рок. Во таа насока е и буџетот за 2007 година. Буџетот промовира стотина капитални проекти, кои не носат развој. Но, вицепремиерот смета дека развојната компонента треба да се гледа во намалувањето на даноците.

Премиерот го оцени буџетот за в година како развоен, реформски и амбициозен. Се промовираа голем број проекти за кои ќе се потрошат многу пари и ќе останат трајни вредности, но кои не носат развој. Која е точно развојната компонента на буџетот?
– Наместо државата да ги одзема парите од стопанството, а потоа да се обидува со разни програми да го поддржи, што пак не го прави на најефикасен начин, не е ли подобро парите да им се остават на фирмите. Бизнисмените сами нека одлучат во што и како е најдобро да ги вложат. Не мислам дека владините проекти во културата, образованието, спортот и слично не носат развој. На краток рок, кога се градат тие објекти се ангажираат домашни фирми. Тоа се инвестиции и работа за илјадници луѓе. На долг рок, живеењето во убава средина, духовното здравје, физичката активност и образованието се значајни фактори за создавање здрава и просперитетна нација. Без тоа нема долгорочен развој.

Како планирате да се оствари проектираниот економски пораст од шест проценти во наредната година?
– Многу е значајно да се оствари висок пораст не само во 2007 година, туку тој да биде одржлив и во следните години. Порастот на инвестициите, како домашни така и странски, би требало да биде основниот генератор на развојот. Можноста за реинвестирање на добивката во нови машини, опрема и згради, без да се плаќа данок, е многу атрактивна за домашните и за странските компании. Нискиот данок на платите ќе поттикнува нови вработувања и легализација на многу работни места, кои сега се во зоната на сивата економија. Трансферот на еден дел од сивата во легална економија е исто така голем потенцијален генератор на планираниот пораст на бруто-домашниот производ. Во следните години размислуваме и за дополнителни поволни економски политики како, на пример, намалување на стапките на социјалните придонеси. Но за тоа кога ќе дојде вистинско време. Во економијата, како и во политиката, потезите треба да се имаат во главата однапред, барем за следните две-три години, и мора да се влечат обмислено, внимателно и во вистински миг. Само така може да се добие шаховската партија наречена економски развој.

Нема луксуз

Кажавте дека намалувањето на буџетските приходи по воведувањето на рамниот данок ќе се надомести со кратење на непродуктивните расходи и со откажување од купување мебел и автомобили во наредната година. Колку точно ќе се изгуби со намалувањето на даноците? Колкави се непродуктивните расходи што ги скративте, вклучувајќи ги и ставките за мебел и за автомобили?
– Намалувањето на приходите ќе биде надоместено и буџетската дисциплина ќе биде задржана, што е најважно. Тоа нема да се оствари само со намалување на трошоците за автомобили и за мебел, туку и со откажување од многу други непродуктивни трошења. Мерките се пониски плати за стотици директори на јавни претпријатија, фондови и на органи во состав на министерствата, помала комоција за државните службеници при користење мобилни телефони, помалку патувања во странство на огромни делегации и слично. Приоритет се проектите од владината програма. Се’ друго ќе се подреди на тоа. Не може јавниот сектор во Македонија да троши без отчет, а во сите други сектори да се намалува. Што би рекол народот, мора да ги испружиме нозете колку што ни е долга чергата. 

Што беше клучниот аргумент Меѓународниот монетарен фонд да одобри релаксирање на фискалната политика, иако до неодамна цврсто стоеше на ставот дека нема да се попушта во тој дел?
– Квалитетот на нашата програма и силните аргументи. Тука нема сентименталности, нема трикови. ММФ има одлични професионалци и тие нема да попуштат ако не ги убедиш со силни аргументи. Преговорите се водеа многу компетентно, не беа лесни, но завршија успешно и многу сме задоволни што и тие прифатија дека станува збор за здрави и квалитетни политики, кои ќе го поттикнат економскиот развој, а нема да ги загрозат ценовната стабилност и буџетската дисциплина. 

Со воведувањето на рамниот данок очекувате да се намали сивата економија и да се подобри наплатата на даноците. Кога ги очекувате овие ефекти?
– Ефектите ќе дојдат уште во 2007 година, но лично мислам дека уште поголеми ефекти ќе има во 2008-ма. Луѓето очекуваат и постепено почнуваат да веруваат дека ние го остваруваме ветеното. Како расте довербата, така стопанствениците се’ повеќе ќе се решаваат да го легализираат својот бизнис. Многу од нив и не сакаат да работат на црно, затоа што и тоа има висока цена. Кога државата ќе им понуди ниски и едноставни давачки и подобар квалитет на услугите од јавната администрација, ќе размислат дали им се исплати ризикот да продолжат како досега или ќе е подобро и побезбедно да прејдат во зоната на легалната економија.

Строги мерки за стечаите

Неефикасното и нереформирано судство и проблематичниот Катастар, според сите анкети и анализи, се клучниот проблем што ги одвраќа странските инвеститори од Македонија. Реформите во тој дел почнаа, но резултатите не може да се очекуваат преку ноќ. Ќе бидат ли намалените даноци доволен мотив за инвеститорите?
– Во право сте, судството и Катастарот се меѓу клучните пречки во деловната клима во Република Македонија. Пречките се огромни, креиран е систем, кој забавува и создава простор за бирократија и корупција. Ние веднаш преземавме мерки за забрзување на реформите во Катастарот. Се договоривме со Светската банка, која е наш партнер во оваа работа, реформата да се заврши најмалку една година порано од предвиденото, значи во 2008 година. Преземаме мерки за забрзување на работата на судовите при решавање на споровите и на стечајните постапки. Стечајните управници ќе бидат лиценцирани и ќе бидат исплаќани по завршувањето на постапката за да имаат мотив да ја завршат. Има и други мерки за поефикасна примена на законите. Проблемот е имплементацијата, а не нивниот квалитет.

Буџетот од година во година се зголемува. До кога ќе расте и дали сметате дека стопанството ќе може да го издржи тој тренд?
– Економистите вообичаено го анализираат релативниот пораст, односно учеството на буџетот во бруто-домашниот производ. Во тој контекст, во 2007 година ќе имаме значително пониско учество на буџетот во БДП отколку во претходните години. Тоа е тренд што треба да продолжи и во иднина. Тоа значи дека повеќе пари ќе остануваат во стопанството, за инвестиции и за отворање нови работни места.

Дали ќе се оствари идејата што ја пласира министерот за финансии дека ќе се оданочуваат бизнисите според квадратурата на објектите што ги поседуваат? Се планира со таа мерка да се помогнат буџетите на општините.
– Таа идеја е во согласност со стандардите во други земји. Потребни се дополнителни анализи и согледувања. Но, мислам дека, во основа, тоа е добра идеја. Значајно е добро да се формулира и прецизно да се имплементира.

Нема предвремени избори

Владата работи со голема динамика, промовираше многу проекти, даночни реформи, ќе се трошат пари во сите области. Навикнати сме на вакви чекори обично пред избори. Планирате ли со ваков влог предвремени избори напролет?
– Напролет? Можеби, ама не знам кое лето господово бидејќи влогот ќе биде поголем во секоја наредна пролет. Не знам што е инспирацијата за вакво прашање, но ова е мојот одговор – како Влада работиме сериозно и на долг рок бидејќи само така може да се биде успешен во економијата, а и во секоја друга професија. Имаме уште многу идеи што треба да се трансформираат во проекти што ќе го подобрат животот на граѓаните. Мандат добиен од нив е сериозна обврска за сите нас, пресериозна за да ја забавуваме јавноста со вакви и слични теми. Време е за сериозна и квалитетна работа во Македонија и сите треба да го сработат својот дел. Само така оваа земја ќе успее.

Comments are closed.