Луѓето во Македонија генерално сочувствуваат и сакаат да им помагаат на сограѓаните на кои им е неопходна помош, е главниот заклучок на првата конференција за филантропијата во Македонија насловена „Филантропија за подобра иднина“ што денеска се одржува во Скопје.
Една од целите на конференцијата, организирана од Здружението за промоција на филантропијата и општествена одговорност на компаниите „Конект“ со поддршка на УСАИД, е максимално да се искористи и континуирано да се развива потенцијалот за филантропија во Македонија.
Како недостаток на граѓаните и претпријатијата во Македонија беше истакната неможноста да ветат долгорочна поддршка на оние на кои име потребна, што според директорот на „Конект“ Никица Кусиникова, најверојатно се должи на економската состојба.
– Филантропијата и како термин и како појава е стара колку што е старо човештвото. Во модерна смисла на зборот таа подразбира реализација на приватна иницијатива за постигнување на општо добро во функција на подобрување на квалитетот на животот, рече вицепремиерот Зоран Ставрески во поздравниот говор на отворањето на Конференцијата, додавајќи дека филантропијата имала и има важна улога во развојот на општеството не само во материјална туку и во хумана и етичка смисла.
Филантропијата, посочи Ставрески, бара заедничка соработка и партнерски однос помеѓу сите сегменти во општеството. Од Македонија потекнува и најголемиот хуманист и филанторп во светски размери Мајка Тереза.
– Граѓаните и претпријатијата преку своите донации и волонтерските ангажмани стануваат партнери на Владата во решавање на проблемите од јавен интерес особено во доменот на социјалата, образованието, здрвството, животната средина и културата, истакна Ставрески.
Тој нагласи дека не може да стане збор за филантропијата во Македонија без да се спомне големиот хуманист Тоше Проески кој несебично ја даваше својата помош и се залагаше за општество во кое ќе доминираат човечките вредности, моралот и етиката. Неговиот пример, како што рече, го следат ѕвездите од македонскиот јавен живот кои почнаа да организираат хуманитарни концерти чии средства се наменети за помош на помалку среќните. Исто така, бројни бизнисмени и корпорации помагаат во изградба на детски градинки, игралишта, собираат средства за лекување или операција, како и за континуирана помош на лицата со посебни потреби и на болните од тешки болести.
– Иако активностите на Владата за обезбедување на добра од јавен интерес не можат да се поведат под дефиницијата за филантропија би сакал да напоменам дека е донесен Законот за донации и спонзорства во јавните дејности преку кој се обезбедуваат даночни поттикнувања на донациите од граѓани и фирми, како и Законот за волонтерство според кој волонтерството претставува активност од интерес на државата, рече Ставрeски.
Од минатата година, како што истакна, се овозможи здравствена заштита за сите граѓани, почнувајќи од годинава бесплатни учебници за сите ученици, а Владата презема чекори и за решавање на станбеното прашање на лицата приматели на социјална помош, децата без родители, самохрани родители.
Директорот на УСАИД во Македонија Мaјкл Фриц рече дека е несомнено оти во Македонија постои филантропија и додаде дека денешната Конференција отвара можност за нејзино унапредување.
– Филантропијата е основна карактеристика на секое општество. Луѓето низ целиот свет имаат визија за подобро утре и го користат своето време и ресурси во насока на градење подобра иднина. Тие се грижат едни за други и за околината и си даваат меѓусебна поддршка, рече Фриц.
Тој додаде дека САД имаат долга историја на помагање на оние кои се обидуваат да преживеат што доведе до создавање на УСАИД.
Според податоците на Централниот регистар, во 2008 година 399 фирми по основ на спонзорства и донации дале 7,7 милиони евра, додека податоците на мобилните оператори за истата година покажуваат дека на хуманитарните линии биле собрани повеќе од 90 илјади евра од граѓаните. Дури 70-87 отсто од македонските претпријатија изјавиле дека имаат донирано помош.(МИА)