АД „Електрани на Македонија“ денеска се задолжи со кредит од 30 милиони евра од „Стопанска банка“ АД Скопје наменети за проектот за модернизација на 3-те термоблокови во РЕК Битола. Во модернизација на РЕК Битола, што почнува во јули и ќе трае три години, ЕЛЕМ учествува и со сопствени финансии во износ од 25,9 милиони.

 

Кредитот е со рок на отплата од 14 години, со вклучен тригодишен грејс период и варијабилна каматна стапка која моментно изнесува 5,16 проценти, врзана со ЕУРОЛИБОР.

 

– Модернизацијата на РЕК Битола е значен проект кој ќе се овозможи да се зголеми сигурноста и стабилноста на електроенергетскиот систем и произвдството на електрична енергија. Станува збор за најголемата инвестиција во термоелектраните Битола од 1988 година кога беа пуштени во употреба, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески како потписник на договорот во име на Владата која гарантира за кредитот. Во име на ЕЛЕМ и Стопанска банка договорот го потпишаа директорите Влатко Чингоски и Глигор Бишев.

 

Финансирањето значајни проекти како што е модернизацијата на РЕК Битола, оцени Ставрески, ги одразува квалитетот и стабилноста на Стопанска банка и на целиот банкарски сектор.

 

Според вицепремиерот Ставрески, Стопанска банка го одобрила кредитот под извонредно поволни услови, со што, како што истакна, и во комплексни и сложени околности останала посветена на развојот на енергетскиот сектор во државава.

 

– Капиталната сила што ја има банката и пристапот на средства до меѓународните финансики пазари ни овозможува да го поддржиме секој профитабилен проект во Македонија кој ги задоволува банкарските стандарди, посочи директорот на Стопанска банка, оценувајќи дека кредитот е одобрен под исклучително поволни услови.

 

Бишев нагласи оти верува дека годинава Стопанска банка ќе финансира слични проекти од областа на инфраструктурата, но и прокети од компаниите од производниот сектор, како и од малите и флексибилни фирми.

 

Според директорот на ЕЛЕМ, модернизиацијата на РЕК Битола е продолжување на веќе изминатиот 28 годишен животен век на опремата во трите блока.

 

– Со модернизацијата од оригиналниот добавувач на опремата – руската компанија „Силови машини“ ќе се направи целосна замена на оновните погонски делови на трите блока, турбините во сите три притисоци, како и целосна модернизација и ремонт на генераторот, што ќе значи продолжување на животниот век за најмалку за 20 години, рече Чингоски и додаде дека со тоа максимално ќе се искористат и количините на јаглени депозити во регионот на Битола.

 

– Без дополнителни количества јаглен ќе можеме блоковите во иднина по нивната ревитализација да ги класифицираме во сила од 233 мегавати наместо 225 како што се сега. Тоа ќе донесе од 160 до 200 гигават часа дополнителна електрична енергија со користење на истатата количина јаглен, односно покрај зголемување на производстсвото ќе придонесе за заштита на животната средина, појасни Чингоски.

 

Ревитализацијата на блоковите ќе се одвива етапно. Почнува во јули со првиот блок, кој треба да биде обновен до октомври годинава. Наредните две години ќе бидат ревилтализирани и останатите два блока, односно целиот проект ќе заврши во 2012 година. Активностите за нивна ревитализација, тврди Чингоски, нема да се одразат на снабдувањето на граѓаните со електрична енергија.

 

– Имаме направено план за снабдување со електрична енергија, со тоа што кога ќе се врши ремонт на еден блок, останатите два ќе бидат целосно во функција. Сметаме дека тоа ќе биде сосема доволно да ги задоволиме потребите на потрошувачите, рече директорот на ЕЛЕМ.

 

Евентуалното зголемување на цената на струјата заради задолжувањето зависи од Регулаторнара комисија за енергетика, до која ЕЛЕМ на крајот на годината согласно новиот правилник за цени ќе ги достави трошоците за производство и инвестициските активности. – Во Макеоднија во последните 20 години инвестициите во енергетиката беа прилично намалени што обврзува што поскоро со забрзан тек да има нови, појасни Чингоски.

 

слики од настанот

Comments are closed.