Скопје, 20 септември 2011 (МИА) – Заокружена e финансиската конструкција за изградба на делницата  Демир Капија – Смоквица, од Коридорот 10. Средствата во износ од 107 милиони евра се обезбедени со денеска потпишаниот договор со Европската банка за обнова и развој. Договорот за заем го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот за транспорт на ЕБОР Сју Барет.

 

Вкупната инвестиција за изградба на оваа делница е 271 милиони евра од кои 130 милиони се обезбедени од Европската инвестициска банка, 45 се ИПА грант на Европската унија и 6 милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

 

– Со изградбата на делницата во должина од 28 километри ќе се обезбеди автопатско решение на оваа најзначајна транспортна рута во Македонија. Се работи за коридор кој ја поврзува Македонија на север со Европа, а на југ со Солунското пристаниште важно за нашето стопанство, и извонредна можност да се забрза протокот на стоки и луѓе и да се зголеми конкурентската способност на македонските компании, истакна министерот Ставрески по потпишувањето на Договорот.

 

Заемот е обезбеден под исклучително поволни услови, со 15 години рок на отплата, грејс период од 3 години и каматна стапка  која во моментов е околу 2,7 отсто. Заемот ќе се отплаќа со средства од Буџетот на Република Македонија, а проектот ќе се имплементира од Агенцијата за државни патишта и Министерството за транспорт и врски и оперативната структура од Министерството за финансии.

 

ЕБОР со поддршка на овој проект, рече министерот, уште еднаш покажа дека Банката станува можеби најсериозен партнер на Република Македонија во реализацијата на крупни значајни инфрастурктурни проекти. Додаде дека динамиката на поддршка на Банката и одобрувањето нови кредити во последните една-две години е значајно засилена и оти се очекува поддршка и за нови проекти како што се гасификацијата и изградбата на железничката пруга.

 

 

– Уверени сме дека со партнер како ЕБОР ќе успееме на брз и ефикасен начин да го реализираме овој проект и на тој начин да обезбедиме завршен автопат на Коридорот 1, истакна Ставрески.

 

Според директорката за транспорт на ЕБОР Сју Барет, со вклучувањето во реализацијата на овој проект, Банката продолжува да соработува со Владата за реформите за одржување на патиштата.

 

– Ова е 7-ми транспортен проект на ЕБОР во Македонија со што вкупно позајмените средства во транспортниот сектор изнесуваат 250 милиони евра, посочи Барет и додаде дека се водат разговори и за поддршка на други инфраструктурни проекти, како што се гасификацијата, енергетиката, како и во приватниот сектор.

 

Од вкупно 107 милиони евра од заемот од ЕБОР,  90 милиони евра се наменети за изградба на делницата Демир Капија – Смоквица, а 17 милиони за модернизација на постоечките патарини на Коридорот 10 и изградба на четири нови. За овој проект ЕБОР даде дополнителни 650 илјади евра за техничка помош.

 

Изградбата на автопатот, како што најави директорката на Агенцијата за државни патишта Наташа Валкановска, која го потпиша Договорот за имплементација на проектот, ќе почне во средината на наредната година и треба да заврши за пет години, а модернизацијата на патарините да почне на средина на наредната година и да заврши за три години.

 

На тендерот за изградба на оваа делница може да учествуваат домашни компании, но поради објавените правила тоа може да го направат само здружени во конзорциум, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски кој посочи дека ќе се направи обид да се променат критериумите, но доколку тоа не влијае на одложување на роковите.

 

ЕБОР досега има инвестирано над 715 милиони евра во македонската економија преку проекти во корпоративниот, финансискиот, инфраструктурниот и енергетскиот сектор. Средствата на ЕБОР привлекоа дополнителни инвестиции во вредност од 700 милиони евра од други извори.

 

Одговарајќи на новинарски прашања вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во врска со потребата од префрлување дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, рече дека тоа се должи на неможност да се реализира планираните продажби на акции што ги има Фондот за ПИОМ.

 

Comments are closed.