Скопје, 27 октомври 2011 (МИА) – Македонија продолжува да создава подобра средина за бизнис, намалувајќи ги сите рокови, трошоци и пречки пред своите претприемачи, пишува софиски „Дневник“ во анализата зошто Бугарија заостанува според извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, земајќи ја и нашата, меѓу другите земји, како репер.
– Во последните четири години Бугарија заостанала за 14 места додека соседна Македонија се качува за 47 позиции и во овогодинашниот извештај е на 22. место на генералната листа, а е прогласена и за еден од топ реформатори при олеснување на бизнисот. И додека Македонија продолжува да создава подобра средина за бизнис, намалувајќи ги сите рокови, трошоци и пречки пред своите претприемачи, проблематичните области во Бугарија продолжуваат да создаваат сериозни пречки пред секој што се зафаќа со бизнис. Како што се гледа од овогодинешниот пласман, најсериозни се тешкотиите кога на бизнисот му треба директно да контактира со администрацијата, наведува „Дневник“.
Издавање дозвола за градба во Бугарија стана синоним за тешка постапка и бројни поткупи. Друг проблематичен индикатор е „поврзувањето со електрична енергија“, но има и показатели според кои државата се придвижила напред на листата. Кај „пристап до кредит“ го задржува минатогодишното осмо место. Второто највисоко место е при „почнување бизнис“, но тука е на дури 49. место.
– Ако повторно го користиме примерот на Македонија ќе видиме дека таму исто така нема минимален капитал за почнување на бизнис, а услугите на администрацијата масовно се нудат на „еден шалтер“ што ја става оваа земја на шесто место на светската листа, стои во анализата.
Овогодинашното издание на индексот за водење бизнис повторно покажува дека администрацијата, а не кризата е најголемиот хендикеп на бизнисот во Бугарија.
– Споредбата со Македонија не е случајна и примерот што ни го дава западниот сосед јасно покажува дека со храбри реформи и политичка волја Бугарија исто така би можела брзо да оди напред. Најбитни промени треба да се направат во развојот на електронска влада, поедноставување на постапките за регистрација, лиценцирање и издавање решенија, воведувањето на транспарентни правила и воведување на премолчена согласност, додава „Дневник“.