Скопје, 3 март 2015 (МИА) – Возниот парк на Македонски железници е збогатен за нови 107 товарни вагони кои беа промовирани денес во Скопје. До крајот на месецот се очекува да бидат испорачани и останатите 43 вагони од словачката „ЖОС Трнава“, со што ќе се заокружи набавката во висина од 13,2 милиони евра.
Премиерот Никола Груевски, кој заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески присуствуваа на промоцијата, истакна дека набавката на овие вагони е дел од стратегијата на Владата за целосна санација и ревитализација на македонскиот железнички систем.
– Ако нашиот граѓанин се подразмисли кога последен пат во Македонија се купиле и ставиле во функција нови возови, односно нови транспортни вагони… најверојатно нема да бидат многумина кои би се сетиле на таков настан. Тоа е резултат на начинот на кој беше третирана железницата и железничкиот сообраќај во поновата историја на Македонија, рече Груевски.
Тој нагласи дека во јули треба да пристигнат и првите од шесте гарнитури патнички возови кои чинат околу 25 милиони евра.
– Покрај нови возови, Македонија ќе добие и нови железнички станици. Реконструкцијата на железничката станица во Скопје е во тек и очекуваме да заврши ова лето. Покрај скопската железничка станица ќе се работи и на модернизација на железничките станици во Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино, рече Груевски.
Тој посочи дека минатата година е започната и изградбата на железничката пруга кон Бугарија, а активно се работи и на проширување на железничката мрежа кон Албанија.
Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески нагласи дека набавката на новите товарни вагони произлегла од барањата на бизнисмените.
– Купувањето нови товарни вагони беше едно од барањата на бизнис заедницата и ова е потврда како Владата работи со бизнисмените во текот на овие девет години. Секогаш кога има аргументирано барање, ние наоѓаме средства и начин тоа да го вклопиме во буџетите и да го реализираме, и да ѝ излеземе во пресрет на бизнис заедницата, истакна Ставрески.
Тој додаде дека инвестицискиот циклус во железницата во моментот изнесува 281 милион евра, од кои 145 милиони евра се за втората фаза од реконструкцијата на пругата кон Бугарија, а 50 милиони се за набавка на новите вагони. Покрај тоа, со средства од ИПА се врши и реконструкцијата на железницата од Битола до Кременица и реконструкцијата на железничката станица во Скопје и другите железнички станици.
– Се работи за сериозен инвестициски циклус во кој никогаш претходно немало издвоено средства. Сето ова создава поконкурентна економија затоа што со вакви вагони, со современ превоз и подобри пруги ќе ги намалиме трошоците за македонските компании и ќе овозможиме зголемување на транспортот на стока и патници, рече Ставрески.
Според министерот за транспорт, со оваа нова инвестиција Македонски железници ќе се етаблира и на меѓународниот пазар како компанија која е подготвена да понуди брз и сигурен транспорт.
– Македонски железници транспорт денес ја пишува новата историја на компанијата. По неколку децении оваа компанија првпат го обновува возниот парк. Во насока на модернизација и поголема конкуренција на пазарот, успеавме да набавиме 150 товарни вагони, рече Јанакиески.