Скопје, 4 декември 2012 (МИА) – Министерството за финансии и додели на општина Маврово и Ростуша заем во вредност од 8,2 милиони денари за рехабилитација и реконструкција на улици.

 

Со обезбедените финансии ќе се изврши рехабилитација и реконструкција на локалниот патен правец „Ростуше – Велебрдо“ и локалниот пат кон село Жировница од спојот со регионалниот пат Р-409. Патиштата се изградени пред повеќе од 20 години и се со оштетен асфалтен коловоз.

 

Со планираната реконструкција и рехабилитација на тие патишта ќе се овозможи полесен, побрз и поквалитетен пристап до општината, што ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на жителите во општина Маврово и Ростуша.

 

Реализацијата на проектот се очекува да придонесе за поквалитетно локално и регионално поврзување на жителите на општината, што ќе овозможи забрзан економски развој и зголемување на животниот стандард на населението. Дополнително ќе го подобри пристапот до туристичките локалитети, како и достапноста на туристичките услуги, во насока на промовирање и унапредување на развојот на туризмот во општината.

 

Условите на заемот се исклучително поволни, каматна стапка од шетсемесечен ЛИБОР (која во моментно изнесува 0,9 проценти) и рок на отплата од 13 години со вклучен грејс период од 3 години.

 

Финансиите се дел од „Проектот за подобрување на општински услуги“ со кој Владата на Република Македонија од Светска банка обезбеди 50 милиони долари за помош на општините. Досега во рамки на проектот се склучени 27 договори со 25 општини

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.