Скопје, 25 јули 2016 (МИА) – Успешното управување со јавните финансии останува приоритет и во 2016 година, што подразбира дисциплинирана буџетска потрошувачка, редовно исплаќање на обврските и поддршка на макроекономската стабилност, рече денеска министерот за финансии Кирил Миноски, образложувајќи го ребалансот на Буџетот пред пратениците.

Според него, политичката и економската состојба во земјата и остварените макроекономски параметри во првата половина од годината соодветно се одразуваат и врз остварувањата на Буџетот. Согласно очекувањата за овој период, расходите се извршуваат редовно и навремено. 

Осврнувајќи се на макроекономските движења во 2016 година, Миноски рече дека во првото тримесечје БДП забележа реален раст од два отсто како резултат на растот на извозот и потрошувачката. Извозот на стоки и услуги се зголеми за 14,7 проценти на реална основа, придвижен од растот на извозот на компаниите во слободните економски зони, а увозот забележа скоро двојно понизок раст со што нето-извозот има позитивен придонес кон растот на БДП. 

Потрошувачката забележа реален раст од 3,6 отсто, како резултат на растот на приватната и на јавната потрошувачка.

– Во првото тримесечје од 2016 година индустриското производство забележа раст од 10,7 отсто, бројот на вработени порасна за 2,5 проценти во однос на истиот период лани, а просечната нето-плата во периодот јануари-април 2016 година забележа раст од 2,8 отсто на номинална основа, односно раст од три отсто на реална основа споредено со истиот период 2015 година, истакна министерот.

Растот на вработеноста, додаде, е придружен со пад на бројот на невработени, така што стапката на невработеност во првото тримесечје од 2016 година се намали на 24,5 отсто, односно за 2,8 процентни поени споредено со истото тримесечје претходната година.

На почетокот на второто тримесечје од 2016 година се зголемија ризиците во однос на предвидениот раст на економската активност како последица на пролонгирањето на домашната политичка криза кое се очекува, оцени Миноски, да се одрази неповолно врз довербата на економските субјекти и да се рефлектира преку зголемена воздржаност од инвестиции и потрошувачка. 

– Согласно ваквите очекувања за идното движење на домашната побарувачка, како и првичните резултати за економскиот раст во првото тримесечје, проекцијата за растот на економската активност во 2016 година е ревидирана на 2,3 отсто. Стапката на инфлација во периодот јануари-мај 2016 година изнесува -0,3 проценти. Имајќи ја предвид досегашната динамика на инфлацијата, како и очекуваните движења на светските цени на примарните производи, проекцијата за стапката на инфлација во 2016 година е ревидирана на 0,6 отсто, нагласи министерот.

Салдото на тековната сметка на платниот биланс во првото тримесечје од 2016 година е во благ суфицит, за разлика од истиот период лани кога тековната сметка беше во дефицит. Според Миноски, поволните движења во тековната сметка се резултат на намалениот дефицит на размената со стоки, зголемениот суфицит на сметката на услуги и зголемениот прилив на трансфери од странство.

Министерот се осврна и на странските директни инвестиции чиј приливво првите три месеци од 2016 година, како што рече, изнесува 58,7 милиони евра што е на приближно исто ниво како лани.

– Бруто девизните резерви на крајот на мај 2016 година изнесуваат 2.164 милиони евра и остануваат на адекватно ниво за водење на монетарната политика, додаде Миноски.

Во периодот јануари – мај 2016 се реализирани и 68.754 милиони денари вкупни приходи што претставува зголемување од 4,3 отсто во однос на истиот период лани, даночните приходи и социјалните придонеси изнесуваат 61.098 милиони денари или 88,9 отсто од вкупните изворни приходи. 

– Во услови на задржување ниски, непроменети даночни стапки и неизвесна политичка состојба, даночните приходи се реализираа за 6,4 отсто повеќе во однос на истиот период лани, односно се остварија на ниво од 41.273 милиони денари. Во структурата на наплатените даночни приходи доминанираат приходите по основ на данокот на додадена вредност со учество од 48 отсто, подвлече Миноски.

Приходите од социјални придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско, здравствено осигурување и вработување во анализираниот период се остварија во износ од 19.825 милиони денари, што претставува зголемување од 5,7 отсто во однос на истиот период претходната година. По основ на пензиско осигурување се реализирани 13.330 милиони денари, додека по основ на здравствено осигурување се наплатени 5.649 милиони денари.

– Реализацијата на приходите во изминатиот период од годината е на задоволително ниво и покрај присуство на високи ризици како последица на актуелните состојби во земјата. Во првите пет месеци од 2016 година неданочните приходи изнесуваат 5.180 милиони денари, при што доминантни се неданочните приходи на буџетските корисници на сопствените сметки кои се остварија на ниво од 2.647 милиони денари и административни такси реализирани во износ од 744 милиони денари. Капиталните приходи изнесуваат 779 милиони денари и истите се наплатени од продажба на градежно земјиште и општествени станови, рече министерот.

Буџетските корисници реализираа 1.697 милиони денари по основ на донации од меѓународна мултилатерална и билатерална соработка.

Вкупните расходи на Буџетот за јануари – мај се реализираа во износ од 75.071 милиони денари, при што тековните расходи изнесуваа 69.810 милиони денари. Во овој период се исплатени 10.670 милиони денари за плати и надоместоци за вработените во институциите кои се буџетски корисници. Расходите за стоки и услуги се реализираа во износ од 6.423 милиони денари со што се обезбеди непречено подмирување на обврските на буџетските корисници.

Најголемо учество во структурата на тековните расходи имаат трансферите, за кои во овој период се исплатија 50.918 милиони денари.

– Редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализираа 3.054 милиони денари. Најголем дел од овие средства се парични надоместоци за социјална и постојана помош, надоместоци по основ на детски и родителски додаток, како и други надоместоци за ранливите категории на граѓани. За редовна исплата на пензиите се наменија 19.915 милиони денари, а за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност се наменија 420 милиони денари преку Агенцијата за вработување, додека за финансирање на здравствените услуги и надоместоци се исплатија 10.548 милиони денари, нагласи Миноски.

Од Буџетот на Република Македонија кон општините се трансферираа 6.260 милиони денари како блок дотации за финансирање на пренесените надлежности, за финансирање на материјалните трошоци во локалните јавни установи. Исто така, се трансферираа и 825 милиони денари од приходот остварен од данок на додадена вредност.

– Во овој период континуирано и навремено се исплаќаа субвенциите во областа на земјоделството, со цел подобрување на квалитетот и конкурентноста на овој сектор. За редовно сервисирање на обврските по основ на камати беа одвоени средства во износ од 1.799 милиони денари согласно амортизационите планови за домашно и надворешно задолжување. Од овој износ 853 милиони денари беа наменети за исплата на камати по надворешно задолжување, рече Миноски.

Капиталните расходи во период јануари-мај се реализираа во износ од 5.261 милиони денари. Во овој период од годината, посочи, послабата реализација на капиталните расходи главно се должи на законските ограничувања кои постојат во предизборни периоди.

– Во рамки на реализираните средства навремено се исплаќаа доспеаните обврски за сите инфраструктурни проекти, како доизградбата на автопатот-Коридор 10, инвестиции во реконструкција и доизградба на железничката инфраструктура, проекти за подобрување на инфраструктурата во образованието, здравството, комуналната инфраструктура, преку изградба на училишта, спортски сали, игралишта, водоводи и канализации, како и реконструкција на здравствени објекти. Во овој период остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од 6.317 милиони денари или 1,07 отсто од БДП. Реализираните приливи во Буџетот овозможија редовна отплата на главницата за преземените обврски по кредити во износ од 2.989 милиони денари, потенцира министерот.

Марјанчо Николов од СДСМ рече дека е против ребалансот на Буџетот и побара негово повлекување зашто ги опфаќа, како што образложи, и средствата од еврообврзницата чие издавање е незаконско. 

Со ребалансот, укажа Николов, воедно се кратат парите за капиталните проекти за 46 милиони евра, а се зголемува дефицитот за 36 милиони евра.

– За ребалансот денеска не треба да се расправа и тој треба да биде повлечен зашто, меѓу другото, во него е впишана и еврообврзницата за чие издавање законската процедура не е испочитувана, истакна Николов. 

На ваквото тврдење реагираше и Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи му на Николов дека ако неговата партија воопшто имала чувство и срам, немала да присуствува на седницата за Буџетот зашто сите негативни последици по македонската економија, како што посочи, се заслуга на СДСМ. 

Comments are closed.