10 април 2018 година, Скопје – Во рамки на неделата посветена на Буџетот денеска не посетија учениците од втора година од средното економско училиште Васил Антевски Дрен. Учениците кои годинава учат за Буџетот на РМ имаа можност теоретските знаења да ги поврзат со практичните.
– За нас е многу важно што сте тука денеска да научите нешто повеќе за подготовката на Буџетот на РМ. Сите вие придонесувате во неговото финансирање и имате придобивки од истиот. Отткука е многу важно да ја разберете неговата суштина, им порача министерот за финансии, Драган Тевдовски.
За пример ја посочи важноста од издавањето на фискални сметки.
Тој на учениците им порача дека е многу важно кога купуваат нешто да си ги побараат своите фискални сметки бидејќи преку плаќање на даноци утре може да се реновира училиштето во кое учат, да се инвестира во здравството итн.
Исто така им посочи да го видат Граѓанскиот буџет за 2018 година и да дадат сугестии за подобрувања кои би можеле да се земат во предвид при изговотката на следниот граѓански буџет за 2019 година.
Вработениот во секторот Буџети и Фондови, Тоше Пановски на учениците им одржа презентација за буџетскиот процес и практичниот дел за подготовка на Буџетот на РМ.
Минатиот вторник во рамки на одбележувањето на Неделата на Буџет посета остварија и ученици од основното училиште Невена Ѓоргиевска Дуња кои преку игри имаа можност да научат нешто повеќе за Буџетот на РМ.