На граничниот премин Табановце денеска беше пуштен во употреба новиот објект за ветеринарна и фитосанитарна контрола кој ќе овозможи максимална проверка на пратките и ефикасна заштита на здравјето на населението, животните и растенијата. Вредноста на објектот е 1,3 милиони евра обезбедени од ЕУ.
 
Објектот го предадоа во употреба евроамбасадорот Петер Соренсен, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија Деан Рунтевски.
 
– Со изградба на овој објект создадени се најсовремени услови за работа на официјалните ветеринари, инспектори за храна и фитосанитарни инспектори и квалитетно вршење на преглед на пратки за живи животни, храна и нуз производи од животинско потекло, растенија и производи од растително потекло кои се увезуваат или транзитираат низ Република Македонија. Дизајнот на објектот е во согласнот со европските стандарди, а со неговото пуштање во употреба Македонија ги исполнува стандардите поставени со европската легислатива за ветеринарна и фитосанитарна контрола, рече вицепремиерот Ставрески на предавањето во употреба на објектот.
 
Според него, пуштањето во употреба на овој објект е најзначајно за увозниците бидејќи од сега дозволите за увоз наместо на централно ниво ќе можат да се добиваат на граничниот премин.
 
– Со ова значително ќе се скрати процедурата која порано траеше и по неколку недели, а сега ќе се сведе на неколку часа. Ова ќе значи и дополнително намалување на трошоците за транспортерите на кои ќе им биде овозможено да ги користат просториите на објектите на Агенцијата за храна и ветеринарство при увоз на стоки во земјава, рече Ставрески.
 
Потребата од изградба на ваков објект ја потенцира директорот на Агенцијата за ветеринарство Деан Рунтевски кој рече дека е неопходна бидејќи ова е еден од најфреквентните гранични премини на кои годишно поминуваат 7.000 пратки од животинско потекло, двапати повеќе од неживотинско и илјада пратки со прехранбени производи.
 
– Најголема вредност на овие објекти е токму во постигнувањето квалитет на она што поминува, рече Рунтевски кој потенцира дека со нивното отворање граничниот премин Табановце конечно стана модерен и европски.
 
Според евроамбасадорот Соренсен, отворањето на овој објект кој е со поддршка од Европската унија ќе овозможи целосно и полесно да ја извршуваат работата ветеринарните служби и да дејствуваат на заштита од болести и на населението и на животните.
 
– Увозот на производи од животинско потекло претставуваат ризик од пренесување на болести на човекот и токму затоа адекватната контрола е важна да се спречат вакви ризици за во земјата да се внесат безбедни производи, рече Соренсен кој најави дека ЕУ ќе продолжи и натаму со поддршка и покрај тековната поддршка од три милиони евра, тој посочи и на нова програма во вредност од пет милиони евра.
 
Со поддршка од ЕУ покрај овој, објект има изградено и на граничните премини Меџитлија и Богородица, а се планира да се изгради и на аеродромот „Александар Велики“ и Ќафасан.(МИА)