Почитувани претставници на Владата на Р.М,
Почитувани претставници на локалната самоуправа,
Почитувани претставници на бизнис секторот,
Почитувани граѓани на општина Гевгелија
Република Македонија има многу природни богатства и многу бисери, меѓутоа еден од најубавите македонски планински бисери е и планината Кожув, која ги има сите потребни предуслови за да стане еден од најголемите регионални зимски туристички дестинации.
Изминатите неколку години, ски-центарот Кожуф започна забрзано да се изградува и денеска веќе нуди ценета туристичка понуда, која станува се попримамлива како за граѓаните од Република Македонија, така и за странските туристи.
Сепак лошата поврзаност и немањето на соодветна патна инфраструктура досега се покажа како една од најголемите препреки кои стојат на развојниот пат на овој зимски туристички комлекс.
Токму затоа, денеска заедно со вас имам особена чест и големо задоволство, што ставаме камен-темелник и започнуваме со градба на регионален пат, во должина од 17.4 км, кој ќе ги поврзува Коњско (Смрдлива вода) и Кожуф.
Наведениот патен правец е дел од основната патна мрежа на Република Македонија и со неговата изградба покрај тоа што се поврзуваат два региона се воспоставува и директна врска меѓу општината Гевгелија и скијачките терени на Кожуф.
За целокупната инвестиција Владата издвои околу 7 милиони евра, а градежните активности планирани се да траат година до година и половина.
Со започнувањето на овој проект даваме особено значаен придонес за развојот на ски-центарот Кожув, општините кои се наоѓаат во негова близина, на сите населени места од Гевгелија до ски центарот Кожуф и пошироко и во делот на општина Кавадарци. Веруваме дека со заживување на ски-центарот Кожуф ќе се отворат многу работни места и ќе заживее и економијата во овој дел.
Реализација на проектите од овој вид, чија основна цел е подобрување на транспортната инфраструктура, е основа за отворање на многу работни места, за локален економски развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните, што е особено значајно во овие услови на силна и глобална економска криза.
Затоа, би сакал за оваа цел и во оваа пригода да потенцирам дека Владата на Република Македонија останува посветена на реализација на проектите во инфраструктурата онака како шти ги најавивме и онака како што ветивме, онака како што ние знаеме да работиме. Многу размислуваме пред да ветиме нешто, но кога ќе го ветиме тоа и го исполнуваме. Тоа е нашиот стил на работа и така ќе биде и за оваа делница и за сите други инфраструктурни проекти кои што ги најавивме.
Би сакал да истакнам дека пред неколку дена Владата го објави почетокот на изградбата на патот Порече – Скопје. Денеска сме тука за патот Смрдлива вода – Кожуф, а веќе во наредните денови започнуваме со изградбата на обиколницата во Охрид, патот Струмица – Радовиш и Куклиш – Банско.
Меѓутоа, не застануваме тука. Со ваква динамика продолжуваме да работиме и во наредниот период.
Во оваа пригода би сакал да му честитам и да му оддадам признание на раководството на Ски центарот Кожуф, кое со својот претприемачки дух и амбициозниот пристап кон изградбата на Ски центарот нé мотивираше и нас како Влада да се вклучиме во изградбата на овој пат.
На крајот, би сакал да посакам успешна реализација на овој проект и наскоро сите заедно да го одбележиме неговото пуштање во употреба.
Благодарам