Ваша екселенцијо, Амбасадоре Маркон,

Почитуван г. Феручи,

Почитувани членови на Комитетот,

Почитувани претставници на медиумите,

Дами и господа,

 

Задоволство ми е од името на Владата на Република Македонија да присуствувам на денешната средба на Мешовитиот комитет на италијански и македонски претприемачи.

Овој Комитет во кој партиципираат околу 120 македонски и италијански фирми, претставува одлична платформа за промовирање и интензивирање на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Италија.

Мора да се согласиме дека најдобриот начин за продлабочување на соработката помеѓу двете земји е преку заеднички средби и иницијативи за директно поврзување на стопанствениците.

Владата интензивно спроведува значајни реформи. Дел од тие реформи се однесуваат на ниски и рамни даноци од 10%, ослободување од оданочување на задржаната добивка, започнување со намалување на социјалните придонеси за 1/3, поедноставување на регулативата и намалување на бирократијата преку проектите Регулаторна гилотина и РИА, воведување на едношалтерски систем во царината и даночната администрација, поголема флексибилност на пазарот на труд, посебни погодности во слободните економски зони, реформи во финансискиот сектор, модернизација и инвестиции во образованието, земјоделството, инфраструктурата и енергетиката. Само да потсетам, Република Македонија во последните 2 години е најдобар реформатор во Југоисточна Европа, согласно Doing Business на Светска банка.

 

Република Македонија има долгогодишна макроекономска стабилност која успешно се одржува и во услови на глобалната економска криза. Инфлацијата е ниска, девизниот курс е стабилен, а јавниот долг е на ниско ниво. Изминатите две години остварен е значителен раст на бруто домашниот производ. Во 2007 година растот на БДП изнесуваше 5,9%, а во 2008 е 5%, што се највисоки стапки од независноста на Македонија. Странските директни инвестиции во 2008 година изнесуваа 412,5 милиони евра и заедно со инвестициите во претходната година достигнаа скоро 1 милијарда евра, што е 3 пати повеќе од просекот во претходниот период.

Дополнително влијание во привлекување на инвестициите имаат и договорите за слободна трговија, преку кои Македонија има слободен пристап до пазар од 650 милиони потрошувачи во ЕУ и регионот.

Економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Италија во изминатите три години, на задоволство пред се на приватниот сектор, значително се интензивираше. Бројките покажуваат дека Италија во 2008 година е меѓу првите 5 најголеми трговски партнери на земјава. Вкупното ниво на трговска размена во 2008 година бележи зголемување за 10% во однос на претходната година и изнесува 704 милиони долари. Притоа, постојат приближно урамнотежени односи во трговска размена, каде извозот на македонски производи (полупроизводи од металопреработувачката индустрија, мермер, обувки, текстил и прехранбени производи) изнесува 321 милион долари, а увозот на италијански производи (индустриски машини, прехранбени производи, градежни материјали и мебел) е во вредност од околу 383 милиони долари.

 

Надворешно – трговската размена со Република Италија се вбројува во нашите приоритети за периодот што следи. Еден од начините за постигнување на поголема конкурентност на македонското производство и извоз е несомнено преку привлекување на странските директни инвестиции и know-how.

Владата разви и спроведува посебна стратегија. Најпрво, кадровски и финансиски ја зајакнавме Агенцијата за странски инвестиции, а потоа започнавме со промотивни кампањи за подигнување на свеста за инвестициските можности во Македонија. Медиумската промоција се спроведе во повеќе реномирани светски весници вклучително и во италијанските печатени медиуми Corriere Della Serra и Sole 24 Ore, а продолжи со директни средби на македонската делегација со странските компании преку т.н. road show-а. Колку се значајни италијанските инвестиции и развивањето на соработката помеѓу македонските и италијанските компании покажува и фактот што токму Италија беше првата земја во која се презентираа новите реформи на Владата и се спроведоа две road show-a. Исто така, првиот економски промотер од вкупно 25те во светот, Агенцијата за странски инвестиции го испрати во нашиот конзулат во Венеција во јануари 2008 година.

 

Активности на Владата и поволната бизнис клима, придонесоа за потпишување на меморандум за соработка со реномираната компанија за автомобилска и земјоделска опрема Orlandi. Се очекува скоро и започнување со инвестиции и производство на компанијата Teknohose која влезе во ТИРЗ Скопје преку купување на постоен објект.

Во енергетскиот сектор, италијанската компанија Cover Spa ќе инвестира во изградба на 5 мали хидроцентрали, а интерес за инвестирање покажаа и десетици други компании од областа на енергетиката, прехранбената индустрија, преработката на отпад и автомобилската индустрија.

 

Верувам и покрај глобалната економска криза, ќе продолжи позитивниот тренд на зголемување на италијанските инвестиции во земјава, како дестинација во која трошоците за производство се значително помали и во која компаниите ќе бидат поконкурентни. Значаен придонес во оваа насока ќе има и поддршката на италијанско – македонските фирми преку кредитните линии на Симест и ЕБРД, како и несебичниот ангажман на ИЧЕ.

Денешната средба е пример за силно партнерство помеѓу двете земји. Убеден сум конструктивните дискусии што ќе следат и заедничките напори на Владата на Република Македонија, Амбасадата на Италија, македонските и италијанските стопанственици ќе придонесат кон понатамошно унапредување на економската соработка.

Италијанските инвеститори се добредојдени во Република Македонија.

Ви благодарам.

Comments are closed.