Почитуван г. Сергеј Скрипченко, претседател на Украинската Комора за трговија и индустрија,
Почитуван г. Валериј Пјатницкиј, заменик министер за економија на Украина,
Почитувани стопанственици,
Дами и господа,
Најнапред, би сакал од името на Владата на Република Македонија да изразам благодарност за укажаната можност да го организираме овој бизнис форум овде во Киев.
Минатата година кога ја одржавме Мешовитата меѓувладина комисија за економско-трговска соработка, се согласивме дека најдобриот и најефикасниот начин за продлабочување на соработката на економски план е да ги поврземе стопанствениците од двете земји, да им овозможиме директни контакти за да воспостават конкретна соработка. На тој начин, ќе ги унапредиме односите меѓу Македонија и Украина преку искористување на придобивките од Договорот за слободна трговија. Истовремено, тоа ќе овозможи и зголемување на инвестициите во двете земји.
Затоа, денес со мене, покрај министрите за економија (г. Фатмир Бесими) и министерот за транспорт и врски (г. Миле Јанакиески), се и група од 20тина стопанственици, кои доаѓаат од различни сектори: агрибизнис, преработувачка индустрија, транспорт, градежништво и туризам.
Ние сме млада, амбициозна и реформски ориентирана Влада, која работи на подобрување на бизнис климата и на израмнување на условите за работа на фирмите. Наша цел е постигнување и одржување на економски раст, преку развој на приватниот сектор, привлекување инвестиции и отворање нови работни места.
Двата стратешки приоритети на Република Македонија се целосното исполнување на критериумите за полноправно членство во Европската Унија и интегрирањето во НАТО, за што ги исполнивме сите стандарди.
Република Македонија има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години; избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит; стабилен девизен курс и низок јавен долг (28% од БДП). Растот на бруто домашниот производ во 2007 година достигна 5.9% што е највисоко ниво од независноста на Македонија. Слични резултати беа остварени и во првите три квартали од 2008 година со раст на БДП од 5,6% во просек. За 2009, растот го проектиравме на 5%, но со оглед на влијанието на глобалната економија, можно е годината да ја завршиме со нешто помал раст.
Странските директни инвестиции во 2007 година достигнаа 506 милиони евра, што е трипати повеќе од просекот во претходните години. Заедно со инвестициите во периодот јануари – ноември 2008 година, тие изнесуваат скоро 1 милијарда евра.
Порастот на БДП и странските директни инвестиции се резултат и потврда на сеопфатните реформи за подобрување на вкупната бизнис клима во делот на даночната политика (ниски и рамни даноци од 10%, ослободување од оданочување на задржаната добивка, намалување на социјалните придонеси за 1/3 почнувајќи од 01.01.2009), поедноставување на регулативата (регулаторна гилотина и РИА), едношалтерски систем во царината и даночната администрација, флексибилноста на пазарот на труд, посебни погодности во слободните економски зони, реформи во финансискиот сектор, модернизација на образованието и земјоделието, инвестиции во инфраструктурата и енергетиката. За постигнатите резултати, Република Македонија се вброи во топ реформаторите согласно реномираниот “Doing Business” Извештај на Светска Банка.
Вкупните односи меѓу Македонија и Украина се на високо ниво. Структурата на стопанствата е повеќе комплементарна отколку конкурентска. Пример за ова е челичната индустрија која користи 90% од увозот од Украина, го преработува и извезува во трети земји. Но, иако ги има сите политички и правни предуслови за сигурен и успешен бизнис, економската соработка меѓу двете земји не е на задоволително ниво.
Бројките покажуваат дека Украина во 2008 година е на 13-то место на листата на најголеми трговски партнери. Вкупното ниво на трговска размена е во подем и за 2008 година изнесува 206 милиони долари, што е двојно повеќе од 2007 година. Тоа е се уште ниво со кое не можеме да бидеме задоволни. Голем проблем претставува трговскиот дефицит, кој за 2008 година изнесува дури 200 милиони долари (203 милиони долари увоз со 3 милиони долари извоз). Ова треба да се решава преку подигање на конкурентноста и презентирање на производните потенцијали на Македонија за зголемување на извозот.
На страната на извозот, најмногу извезуваме електрични кабли, адитиви за градежни материјали, лекови и земјоделски производи. Посебно е значајно што во последните 2 години се бележи тренд на зголемување на извозот на земјоделски производи, каде најголемо учество имаат свежото овошје и зеленчук, виното и тутунот.
Сепак, ова не е доволно. Постои потенцијал извозот на земјоделски производи неколкукратно да се зголеми. Посебно значајни се секторите кои имаат компаративна предност за производство на земјоделски производи: раноградинарското производство, овоштарското производство, производството на јагнешко месо и производството на грозје и вино.
Република Македонија има солидна суровинска база за домашно производство на земјоделски производи и органско производство, пред се поради поволните климатски и географски услови, чистата вода и квалитетната почва.
Би сакал да потенцирам дека врз основа на Договорите за слободна трговија, Македонија има слободен пристап до пазар од 650 милиони потрошувачи во ЕУ и регионот. Ова е сериозна предност која украинските инвеститори можат да ја искористат.
Во моменти на глобална економска криза, единствен излез е да соработуваме уште повеќе, како на меѓувладино ниво, така и на ниво на стопански комори и компании, а сé со цел натамошно интензивирање на меѓусебната економска соработка.
Верувам, овој бизнис форум ќе вроди со плод и конкретни зделки, во интерес на двете земји, а пред се во интерес на македонските и украински бизнисмени.
Македонија е отворена за украинските инвестиции.
Ви благодарам.