Почитувани претставници на Владата,
Почитувани претставници на локалната власт,
Почитувани граѓани,
Особена чест и задоволство ми е да ви се обратам по повод свеченото отворање на детската градинка Гоце Делчев, која е прва установа од ваков вид во општина Илинден.
Децата се иднината на секое општество. Затоа уште од најраната возраст мора да се грижиме за нивниот развој, за да се формираат здрави и образовани индивидуи кои утре ќе дадат свој придонес за надградба на државата.
Имајќи го предвид денешното забрзано темпо на живеење, родителите имаат се помалку време целосно да им се посветат на своите деца, да им ги обезбедат сите услови за игра и правилен развој. Затоа, детската градинка како установа која ја опфаќа детската популација од претшколска возраст има голем придонес во формирањето на младата личност, што е предуслов за просперитетна иднина.
Во градинката детето уште од најрана возраст се стекнува со вредности како што се почитта, толеранцијата, чесноста, хуманоста и секако, љубовта.
Заложбите на Владата за подобрување на социјалната заштита, се во насока на згрижување на децата во установи од ваков вид. Оттука, државата финансиски го поддржува организирањето и функционирањето на јавните установи и служби за заштита на децата и дава целосна поддршка на родителите за издржување, подигање и грижа на децата.
Со изградбата на првата детска градинка во општина Илинден, во чија реализација учествуваа општината и Министерството за труд и социјална политика, се разреши еден долгогодишен проблем на жителите од општината, а воедно на најмладите од општината им се обезбеди детско забавно катче.
Ние, како Влада на Република Македонија, во соработка со локалната власт и понатаму остануваме на цврстата определба да инвестираме во вакви и слични установи за морална и образовна изградба на личноста, бидејќи тоа е предуслов за просперитетна иднина на нашата држава.
За крај ќе потсетам дека сите ние сме одговорни пред себе, семејството, пријателите и околината преку воспитно-образовниот систем да создадеме млади и образовани кадри кои со своите знаења ќе го подобрат квалитетот на живеењето.
Почитувани граѓани,
Нека ни е честито отворањето на новата градинка, а на најмладите им посакувам многу пријатни и весели моменти!