Почитувани дами и господа, Драги гости,
Најпрво би сакал да се заблагодарам на поканата да бидам Претседател на Почесниот Одбор на Македонскиот комитет за големи електрични системи (МАКО СИГРЕ), која со особено задоволство ја прифаќам.
Навистина е чест да се биде вклучен во активностите на МАКО СИГРЕ кој има водечка улога во унапредувањето на стручните и научни знаења за развој и користење на електроенергетските системи во Република Македонија. Импресивниот состав на челенови и учесници на ова советување е потврда за квалитетот и реномето на МАКО СИГРЕ во македонски и меѓународни рамки.
Воедно, за поздравување е активниот придонес на овој Македонскиот Комитет на меѓународен план во рамките на СИГРЕ, како водечка светска асоцијација во областа на електроенергетиката. Оваа конференција, петта во низата, е посветена на развојот на енергетиката која како тема станува се повеќе актуелна на регионален и меѓународен план.
Познато е дека енергијата е главниот предуслов од кој зависи квалитетот на нашето живеење и кој ги гарантира придобивките кои ги нудат современите технолошки достигнувања. Енергијата во денешно време претставува еден од најзначајните фактори за економскиот раст и развој на една земја.
Во последните години, енергетскиот дефицит станува сериозен предизвик за регионот, но и за Република Македонија, поради што неопходен е оптимален пристап во: 1/ зголемување на производните капацитети со дополнителни инвестиции; 2/ изнаоѓање нови извори на енергија; 3/ енергетско поврзување со регионот, притоа водејќи сметка за рационално искористување на ресурсите и почитување на стандардите за заштита на животната средина.
Во изминатиов период во Република Македонија во енергетскиот сектор реализирани се многу малку проекти за искористување на хидро потенцијалот за производство на електрична енергија, меѓу кои најзначајни се хидроцентралата Козјак и изградбата на магистралниот гасовод Деве Баир – Крива Паланка – Куманово – Скопје.
Сепак, тоа е премалку. Несфатливо е зошто дезинвестициониот циклус во енергетскиот сектор во Македонија траеше толку долго, речиси две децении. Време кое е неповратно изгубено во политички препукувања и бесконечни дебати меѓу експертите које во право а кој не. Тоа е голема стратешка грешка на генерации на македонски политичари па и експерти кои имале влијание врз овој процес, а не успеале да ја наметнат стручноста и знаењето пред политиката.
Зашто да не заборавиме: Ние можеме со години да дебатираме за 30-годишната енергетска стратегија или за дизајнот на одредена брана, и може никогаш да не се сложиме околу тоа, како што е впрочем и беше случај кај нас. Но прво, основно и најважно за задржување на енергетскиот суверенитет на земјата е – да има нови капацитети, нови инвестиции кои ќе го зголемат производствениот потенцијал, кои ќе овозможат зголемување на понудата на електрична енергија. На Република Македонија и се потребни многу поголеми инвестиции за зголемување на постојните и изградба на нови капацитети во делот на термо, хидро и гасни централи.
За таа цел, енергетскиот сектор денес е поставен високо на листата на приоритети на Владата. По долгогодишната инвестициско затишје, инициран е сериозен инвестициски циклус од над 1,5 милијарди евра кој очекуваме да се реализира во следните 4-5 години. Веруваме дека со реализацијата на овој инвестициски циклус, Македонија од голем увозник ќе прерасне во нето извозник на електрична енергија.
Дозволете ми накратко да ги презентирам претстојните инвестиции во енергетските проекти за искористување на хидро и термо енергетскиот потенцијал и создавање услови за зголемена експлоатација на природниот гас во Република Македонија:
1. Поаѓајќи од фактот дека досега се искористени само 25% од вкупниот хидропотенцијал на Македонија, инициравме три крупни проекти:
- Во втората фаза на квалификација е постапката за избор на стратешки инвеститор за изградба на двете големи хидроцентрали на Црна Река, Чебрен и Галиште, инвестиција вредна 550 милиони Евра, и капацитет од 540 MW. За овој тендер ќе се натпреваруваат пет реномирани светски компании. Постапката на избор се очекува да заврши до февруари следната година.
- Деновиве завршува претквалификацијата од тендерот за изградба на третата голема хидроцентрала Бошков Мост, која ќе чини 85 милиони Евра со инсталирана моќност од 70 MW. Изборот на инвеститор ќе биде реализиран до март 2008 година.
- Изградба на 400 мали хидроцентрали по пат на меѓународен јавен тендер. За првиот пакет од 40-тина локации, изборот на инвеститори е веќе завршен. За следни 27 локации тендерот е во тек, по што сукцесивно ќе следат повици и за преостанатите мини хидроелектрани. Вкупниот пакет од 400 мали хидроцентрали со моќност од 350 MW ќе изнесува околу 500 милиони Евра.
Со овие инвестиции значително ќе се зголеми искористеноста на хидро-потенцијалите на Македонија. Евидентно е дека хидроелектраните се наш императив и затоа би ме радувале сите ваши научни дискусии на оваа тема.
2. Определбата да го подобриме нашиот енергетски суверенитет ја искажуваме преку иницирање на повеќе проекти за подобрување на состојбата на постојните термоелектрани како и изградба на нови комбинирани гасни централи. Инвестицијата во ТЕЦ Неготино, несомнено ќе овозможи зголемување на капацитетот за производството на електрична енергија за 3-4 пати во однос на постојниот. Инвеститорот се обврза за изградба на вкупен капацитет од 850 MW, од кои 500 MW во нов објект на јаглен и 350 MW во постојниот објект кој ќе се надгради и трансформира да работи на гас. Инвеститорот го обврзавме во првите четири години, додека трае изградбата, да ја продава електричната енергија во Република Македонија по цени утврдени од Регулаторната комисија. По изградбата на објектот, електричната енергија ќе се продава по пазарни цени. Со ова, Република Македонија се обезбедува да го добива потребното количество на електрична енергија.
3. Овие денови треба да се објави меѓународниот тендер за изнаоѓање на стратешки инвеститор за изградба на Комбинирана топлинска и гасна централа во близината на Скопје, со капацитет од 200 MW и вредност од 140 милиони Евра, во која Владата се обврза да учествува со определен процент во новата инвестиција. Имено, Владата предвидува средствата од продажбата на ТЕЦ Неготино да се искористат за овој енергетски проект.
4. Истовремено, договоривме затворањето на клириншкиот долг што го има Руската Федерација кон Република Македонија во износ од 60,5 милиони долари да се затвори со реализација на неколку проекти од областа на гасификацијата, пред се заокружување на примарниот и секундарниот прстен околу Скопје, магистрални гасоводи кон Велес, Неготино, слободната економска зона Штип и Тетово. Во следните 4-5 години посебен приоритет на Владата во енергетиката ќе биде изградбата на магистралниот гасовод на целата на територија на Македонија, создавање услови за развој на дистрибутивната мрежа во градовите и поголемото искористување на природниот гас од страна на претпријатијата и домаќинствата.
Ќе се согласиме дека инвестициите и диверзификацијата на производството во енергетската сфера се суштината на енергетскиот развој. Затоа, особено интересна ќе биде пленарната панел сесија на тема: ,,Потребни инвестиции за интеграција на регионалниот пазар на електрична енергија”.
Во делот на интерконекцијата со регионалните енергетските системи, накратко би ги истакнал Владините проекти за кои сум сигурен дека ќе го побудат вниманието, како што беше брзата и предвремена изградбата на далноводот Битола – Лерин.
Овој проект е еден од трите големи проекти за енергетско поврзување на регионот во Југоисточна Европа, што подразбира активна улога на Македонија во изградбата на неколку далноводи:
1/ Далноводот кон Бугарија кој е планиран да се пушти во употреба кон крајот на летото 2008 година;
2/ Интерконективното поврзување со Србија преку далноводот Ниш – Штип, за чие финансирање преговараме со KFW и Светска банка;
3/ Реализација на потпишаниот договор со националните преносни системи на Албанија и Италија преку далноводот Битола – Елбасан, со цел да се оствари поврзување со подморскиот кабел кон Италија.
Република Македонија со реализацијата на овие регионални и меѓународни проекти, не само што целосно ќе ги спречи ризиците од ненадејни преоптоварувања на енергетскиот систем, туку се очекува да прерасне во значаен енергетски центар способен за квалитетен пренос како дел од современиот европски систем. Изразено преку бројки, тоа подразбира пораст на преносните капацитети од сегашните 2.700 на 4.500 GW часови и формирање на енергетски прстен што претставува долгорочно решение за проблемот со снабдување со електрична енергија.
Тоа беа накратко приоритетите на Владата за обезбедување доволни количества на електрична енергија преку зајакнување на постојните и инвестирање во нови енергетски капацитети, проширување на гасоводниот систем во Република Македонија и негова поголема искористеност, како и обезбедување пристап до алтернативни евтини еколошки енергенси.
Со новите инвестиции во енергетските објекти, како што напоменав, верувам и очекувам Република Македонија од увозник на електрична енергија да прерасне во извозник на енергија во регионот.
При крајот, да истакнам дека во последниве години Македонија направи значаен исчекор кон трансформација на енергетскиот сектор во насока кон негова либерализација и зголемување на ефикасноста, согласно одредбите од Спогодбата за заедничка енергетска заедница со Европската Комисија и осум земји од југоисточна Европа насочена кон етаблирање на регионално интегриран енергетски пазар.
Сепак, постојниот пазарен модел сеуште не дозволува вистинска конкуренција. Актуелните дискусии за моделот на пазарот се секако составен дел на напорите за негово отварање и зголемување на конкуренцијата, што подразбира зајакнување на финансиската стабилност на пазарните учесници. Притоа, се наметнуваат значајни дилеми и прашања во однос на дизајнот, начинот и динамиката на либерализација на пазарот. Дел од тие прашања ќе најдат одговори на ова советување на МАКО СИГРЕ, какде се собрани најеминентните експерти од оваа област во Македонија.
Во секој случај, нема дилеми дека процесот на ревидирање на енергетскиот пазарен модел ќе продолжи да се реализира на оптимален начин и без компромиси, односно на начин кој обезбедува зајакнување на капацитетите, посебно на ЕЛЕМ и МЕПСО, за нови инвестиции. Затоа што не треба да заборавиме дека и конструкцијата на нови производни капацитети е дел од истата европска агенда. Во време кога побарувачката за енергија е значително нарасната и притисокот за пораст на увозните цени е исклучително силен, ова е прашање од национален интерес. Македонија веќе нема право на грешка, нема право да изгуби ни една единствена година без да е во изградба некој значаен енергетски капацитет во кој домашните компании ќе имаат учество.
На крајот, дозволете ми да истакнам дека навистина е за поздрав придонесот на учесниците на ова Советување кои ќе презентираат повеќе стручни трудови од областа на производството, преносот и дистрибуцијата на електрична енергија Темите кои ќе се дискутираат на ова советување се несомнено актуелни, а професионалното искуство на учесниците гарантира дека ќе имаме квалитетна и интересна дискусија за различни аспекти на актуелните состојби во електроенергетиката. Несомнено тоа ќе биде од голема корист за сите нас, односно ќе даде конструктивен придонес во актуелните дискусии за електро секторот, моделот на пазарот на електрична енергија и слично.
Ви посакувам стручни, корисни и конструктивни дискусии на темите предвидени за овој настан.
Дозволете ми на крајот со задоволство да го прогласам Петтиот собир на МАКО СИГРЕ за отворен.