Скопје, 25 Март 2008
Почитуван амбасадор Солоцински, Почитуван претседател на Македонско – Руската стопанска комора г-дин Дика, Почитувани бизнисмени, Дами и господа,
Денешната деловна средба на македонски и руски стопанственици ја гледам како извонредна можност за продлабочување на деловните релации и за подобрување на вкупните економски односи меѓу Македонија и Русија. Ваквите собири се особено значајни за размена на искуства во досегашната меѓусебна соработка на фирмите, за изнаоѓање нови форми на бизнис поврзувања и за поголема информираност за актуелните стопански трендови во билатералните односи.
Затоа, би сакал да ја поздравам оваа иницијатива и од името на Владата на Република Македонија да ја изразам поддршката на организаторите, Македонско – Руската Стопанска комора и Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија кои го овозможија овој настан.
Имајќи предвид дека темата на денешната средба е: “До Европската унија и преку економска соработка со Русија“, убеден сум, дека интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во евроатланските структури, ќе придонесе за зацврстување на безбедноста на регионот, што е предуслов за забрзан раст и просперитет на македонската економија. Меѓутоа, сакам да потенцирам дека Република Македонија на патот на интеграцијата во ЕУ и НАТО, има и стратешки интерес да ги негува и дополнително да ги развива традиционално добрите односи со нашиот пријател Руската Федерација, која ни дава континуирана поддршка од нашето осамостојување. Со интегрирањето на Македонија во ЕУ, Руската Федерација ќе добие уште еден голем пријател и сојузник во европското семејство, а во економска смисла, евроинтеграцијата позитивно ќе влијае на македонско – руската економска соработка, како што впрочем е и примерот на некои други земји: Бугарија, Словенија, Грција.
Во денешно време, политиката и на Русија и на Македонија е политика на прагматичност: градење на соработка со сите земји со кои имаме заеднички економски интерес, поволен амбиент за бизнис, стабилност и мир во глобални рамки.
Како резултат на досегашните исклучително позитивни меѓусебни односи, нашите две земји имаат добра соработка на политичко, научно и на културно поле. Сепак, морам да забележам дека економската соработка не се одвива со посакуваниот обем и динамика, односно постои огромен нереализиран економски потенцијал, кој им е на располагање на компаниите од двете земји. Иако трговските односи и размената континуирано се подобруваат и Русија денес е наш четврти најголем трговски партнер, постои можност и би рекол, потреба за интензивирање на размената и соработката меѓу бизнисмените од двете земји, како и за влез на нови директни инвестиции.
Руската економија се развива со забрзана динамика и рускиот пазар нуди извонредни можности за настап на македонски фирми и поголем пласман на македонски производи. Владата е тука да ја даде неопходната поддршка, а Комората, пак ја има клучната улога за логистиката, организирање на настапите, пристапот до информации за потенцијалите на руските региони и секако за контактите. Затоа, ги охрабрувам македонските фирми да излезат и да го прошират својот бизнис на рускиот пазар.
Од друга страна, реформите кои како Влада ги спроведуваме во делот на подобрување на бизнис климата и олеснување и сигурност на инвестициите, убеден сум ќе бидат препознаени од руските инвеститори, кои, по примерот на земјите од регионот, ќе донесат дел од својот капитал во Македонија. Неколку реномирани руски компании и инвеститори: рудниците Саса, интензивираните инвестиции во бензински станици на Лукоил, изградбата на двонаменска комбинирана гасна електрана ТЕТО и др., даваат значаен придонес во македонската економија. Очекуваме нивното позитивно искуство и поддршката што ја добиваат од Владата да биде пренесена и на други потенцијални инвеститори и да се реализираат многу повеќе руски инвестиции.
Верувам, следната седница на Мешовитата македонско – руска Комисија за економско трговска и научно техничка соработка, во која свој претставник има и Комората, поблиску ќе ги дефинира правците на соработка во сите сегменти од економијата, особено во енергетиката, градежништвото, агробизнисот, индустријата, туризмот.
Она што е значајно за двете земји е заокружувањето на прашањето за регулирање на рускиот клириншки долг преку реализација на проекти за гасификација на Македонија, во кои ќе учествуваат македонски и руски фирми. Очекувам забрзување на процедурата за финализирање на Спогодбата и нејзино потпишување за време на следната Мешовита комисија која треба да се случи оваа пролет. Проширувањето на гасоводниот систем низ целата територија на Македонија и користењето на природниот гас е наш стратешки приоритет и од тие причини, реализацијата на утврдените проекти за гасификација со руски компании несомнено ќе доведе до воспоставување на нова форма на долгорочна динамична економска соработка со Руската Федерација.
Во енергетскиот сектор, кој се повеќе добива на значење, како во регионални, така и во светски рамки, би сакал да истакнам дека неодамна Владата ја поддржа Студијата на Светска банка за регионалната гасификација на Југоисточна Европа. Оваа Студија ја разработува идејата за изградба на регионален гасоводен прстен, кој ја обединува Република Македонија со земјите од регионот: Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Албанија и Косово. За Македонија, реализацијата на регионалниот гасоводен прстен ќе значи и поврзување со Руски гас, преку Унгарија и Србија, односно Хрватска, како и можност за поврзување со рускиот гас преку Бугарија и поврзување со регионалните терминали за течен природен гас преку Грција.
Почитувани,
На крајот, би сакал уште еднаш да истакнам дека можностите за економска соработка со Руската Федерација се огромни. Затоа, ги поттикнувам фирмите да го следат примерот на успешните, и да размислат за етаблирање на своите позиции на големиот руски пазар.
Исто така, се надевам дека и руските бизнисмени ќе ги искористат предностите кои Македонија ги нуди за инвестирање во и надвор од слободните економски зони, за проширување на нивните бизниси и ќе остварат успешна соработка со македонските компании.
Ви посакувам корисни дискусии за време на овој деловен форум, со желба истите да се претворат во конкретни бизнис зделки кои ќе бидат од корист за вас бизнисмените, за Комората, за Република Македонија и за Руската Федерација.
Ви благодарам.