Првата меѓународна конференција за деловно поврзување на компании од лесната преработувачка индустрија од Македонија и реномирани брендови од странство е одлична можност да се креира синергија помеѓу домашните и странските фирми.

Придобивките од соработката помеѓу домашните и странските компании се на двете страни. За странските компании кои користат услуги и репроматеријали од нашите фирми бенефитот е намалување на трошоците. Производите и репроматеријалите од македонскиот пазар имаат добар квалитет, но пониски цени.

Од друга страна, домашните компании преку соработката со странските ќе го подигнат нивото на технолошко и менаџерско знаење, ќе се стекнат со вештини за подобра организација на работата, што ќе придонесе и за поголема конкурентност на светскиот пазар. Домашните фирми ќе добијат прилика за освојување на нови пазари, за поконкурентна понуда, за извоз и задржување на тренд на добро и профитабилно работење. Краен ефект од сето тоа ќе биде зголемено производство, зголемување на бруто -домашниот производ, на извозот и вработеноста, како и зајакнување на домашниот приватен сектор.

Искуствата од другите земји укажуваат дека соработката на добавувачите со странските инвеститори е голем поттик за континуирано унапредување на сопственото производство, како и можност за меѓусебен натпревар помеѓу домашните компании во освојување на соработката со странските инвеститори. Македонските компании мора да се прилагодат на стандардите кои ги поставуваат странските компании, да го унапредат и модернизираат производниот процес, за да ги исполнат барањата на странските инвеститори и да станат дел од синџирот на добавувачи. Со цел да се помогне што побрзо домашните компании да се вклучат во синџирот на добавувачи, странските компании треба да соработуваат со нив преку пренесување на искуства за тоа како да ги надградат своите производствени способности, како да го унапредат производството, да применуваат нови технологии, како и соодветно да ги развиваат човечките ресурси. Кога македонските фирми ќе станат дел од синџирот на добавувачи на глобалните компании, тие ќе добијат пристап и до глобалниот пазар преку постоечкиот синџир на добавувачи на мултинационалните компании.

Според расположливите податоци, околу 500 македонски компании соработуваат директно со инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ). Притоа, вкупната вредност на набавките од домашни компании направени од страна на компаниите во ТИРЗ изнесува околу 50 милиони евра годишно. Сепак, би напоменал дека потенцијалот за соработка не е целосно искористен.

Би сакал да истакнам дека компаниите имаат партнер во Владата, која презема низа мерки за воспоставување на одлична бизнис клима. Како резултат на спроведената даночна реформа, денес Македонија е земја со најниска ефективна даночна стапка во Европа и една од земјите со најниско даночно оптоварување во светот. Во насока на поедноставување на работењето на фирмите, намален е регулаторниот товар преку поедноставување на административните постапки, скратување на времето за добивање на потребните дозволи, лиценци и решенија, како и намалување на трошоците. Мерките за подобрување на инфраструктурата и бизнис-климата несомнено создаваат конкурентска предност на целокупната економија. Овие мерки претставуваат јавни добра кои подеднакво ги користат сите економски субјекти.

На компаниите кои денес ќе земат учество на оваа конференција би им посакал успешна работа и се надевам дека од овие средби ќе произлезат нови контакти кои ќе доведат до плодотворна соработка.

Ви благодарам

 

Comments are closed.