Почитувани земјоделци,
Почитувани стопанственици,
Учесници на трибината,
Драго ми е што повторно во организација на “Фармер” сме тука во Росоман, да дискутираме на тема: „Овоштарство и пласман на праски“. Токму Росоман е еден од најголемите производствени центри на висококвалитетни овоштарски производи кои се препознатливи тука во Македонија и барани на странските пазари.
Земјоделството останува еден од приоритетните сектори во програмата на Владата и во овој мандат. Затоа продолжуваме со активностите за поддршка на земјоделската активност во Република Македонија во сите сегменти. За Владата ваквите средби се од особено значење за осознавање на потешкотиите со кои се соочуваат земјоделците во секојдневното работење и изнаоѓање на решенија за нивно надминување.
Денес фокусот е на овоштарството како земјоделска гранка со големи компаративни предности, на кои посветуваме посебно внимание преку политиките и мерките за поттикнување на развојот и подигање на конкурентноста.
Со Програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2008 година, го опфативме посебно потсекторот овоштарство.
Поволните природни услови и расположливата работна сила, даваат значителни компаративни предности и голем развоен потенцијал на овоштарството. Сепак, оваа земјоделска гранка се соочува со проблеми во поглед на конкурентноста на производството, дистрибуцијата, пласманот и бележи намалување на засадените површини.
Ваквата состојба наметна потреба за поддршка и стимулирање на производството на постојните овошни култури, поддршка на процесот на воведување на нови производи барани на европските и светските пазари и зголемување на производството на сертифицирано семе и саден материјал.
Затоа, подигнатите нови насади на праската и другите овошки, како што се јаболката, крушата, кајсијата, сливата, црешата, вишната, лешникот, оревот, бадемот, малината, рибизлата и капината ќе бидат подржани со 75.000 ден/ха. Додека за одржување на новите овошни насади се до постигнување на плодност и за насадите со алтернативни овошни култури, обезбедивме по 10.000 ден/ха. Финансиската поддршка за матичници за производство на овошен саден материјал е 35.000 ден/ха.
Несоодветните услови на складирање, предизвикуваат неизедначен квалитет на овошјето во текот на годината и големи загуби на земјоделците.
Во изминатите две години, вложивме многу енергија за решавање на акутниот проблем со пласманот. Во Македонија го донесовме Хрватски Агрокор, кој започна со подготовки за изградба на два откупно-дистрибутивни центри, од кои едниот овде во Росоман, а другиот во Струмица. Во текот на септември оваа година, ќе започне со изградба откупниот центар во Росоман со капацитет од 60.000 тони. Центарот ќе биде опремен со современа технологија што ќе овозможи соодветен систем на складирање, пласман и зачувување на квалитетот на овошјето.
Покрај со Агрокор, овој месец започнува со работа новото заедничко друштво со израелската компанија Соли, кое ќе се занимава со откуп, пласман и извоз на земјоделски производи, вклучително и овошје. Со тоа, во голема мера ќе помогнеме земјоделските производители да имаат сигурен и континуиран откуп на своите производи и соодветна валоризација за вложениот труд.
Развојот на овоштарството ќе се поддржи и со кофинансирање на 50% од износот на инвестициите за набавка на земјоделска механизација во висина до милион денари и опрема за доработка, преработка, складирање, сортирање и пакување на земјоделски производи во висина до два милиони денари.
Дополнителна поддршка на овоштарството се измените во начинот на надомест на штети предизвикани од елементарни и временски непогоди преку учество на државата со 30% во износот на премијата за осигурување на земјоделското производство.
Почитувани,
Еден од нашите најголеми предизвици е брендирањето и заштитата на географското потекло на најзначајните македонските производи со стратешко значење, меѓу кои секако се разните видови на овошки. Верувам дека со упорност и истрајност во процесот, успехот нема да изостане, пред се поради вложеното знаење и вашето непроценливо искуство и труд што резултираат во препознатлив квалитет.
Затоа, би сакал да ве уверам дека преку спроведување на сеопфатна политика за континуиран развој на земјоделството, ќе се постигне зголемување на приходите на земјоделците. Сигурен сум дека со заеднички напори ќе ја оствариме оваа цел.
Организирањето на вакви средби на кои се разменуваат мислењата и искуствата на најзасегнатите – земјоделците, како и на стручните лица, е вистинска можност за градење и имплементација на успешна земјоделска политика која ќе придонесе кон решавање на проблемите и развој на оваа исклучително важна стопанска гранка.
Благодарам.