Почитувани дами и господа, Драги гости,
Ми претставува чест да се обратам на денешниот настан и да ги презентирам успесите што Владата на Република Македонија ги направи изминатава година за подобрување на бизнис климата.
Почитувани дами и господа, Драги гости,
Ми претставува чест да се обратам на денешниот настан и да ги презентирам успесите што Владата на Република Македонија ги направи изминатава година за подобрување на бизнис климата.
Одличниот резултат според кој Македонија оваа година е рангирана на високото 4-то место, меѓу врвните светски реформатори во олеснување на процедурите за вршење бизнис, претставува потврда за Економските политики и реформи кои Владата на Република Македонија ги спроведе во последните 12 месеци.
Истовремено, ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на г-динот Симеон Џанков за неговата презентација на новиот извештај на Светската банка, Doing Business за 2008 година. Како што беше најавено, г-динот Џанков е креаторот на серијата извештаи Doing Business – најрелевантен и независен извор кој во изминативе пет години ги рангира земјите според постигнатиот напредок во реформирањето на амбиентот за вршење бизнис. Како што имавме можност да слушнеме, Извештајот дава компаративен преглед на десет индикатори: 1/ условите за започнување на бизнис; 2/ вработување и отпуштање од работа; 3/ регистрација на имотот; 4/ даночното оптоварување; 5/ условите за добивање на кредит; 6/ заштита на инвеститорите; 7/ корпоративно управување; 8/ условите за тргување; 9/ извршувањето на договорните обврски и 10/ постапка за затворање на бизнис.
Во моето излагање, би сакал да ги изнесам најглавните реформски политики што Владата ги спроведе за значително подобрување на бизнис климата, кои беа предуслов Македонија да се најде на високото 4-то место од 10-те топ реформатори во конкуренција од 178 земји во светот.
Дозволете ми, најнапред да ги потенцирам клучните приоритети на чие исполнување е посветена Владата:
- забрзан и одржлив економски раст и
- подобрување на животниот стандард.
Покрај успешното континуирано одржување на политичката и макроекономската стабилност, за реализирање на наведените цели, Владата, во измината година во фокусот го стави развојот на приватниот сектор, како сегмент кој креира инвестиции, ја зголемува конкурентноста и создава нови работни места.
Во таа насока, Владата дизајнираше сет на микроекономски политики насочени кон подобрување на бизнис климата преку спроведување на даночни и регулаторни реформи, олеснување на условите за пристап до финансиски средства, забрзана регистрација на имотот, ефикасна наплата на побарувањата.
1. Започнување на бизнис
Отворањето сопствен бизнис во Македонија е полесно од било кога претходно. За само четири часа, на едно место и без потребен почетен капитал може да се започне сопствен бизнис. Почнувајќи од минатата недела тарифите на Централниот регистар вклучувајќи ги и административните трошоците за регистрирање фирма се намалени за 50 отсто. Во Скопје во рамки на Централниот Регистар започна со работа првото техничко биро кое ја подготвува целокупната документацијата за основање фирма со што дополнително ќе се намалат трошоците и времето потребни за регистрација на фирма. Наскоро се очекува вакви бироа да функционираат и во останатите градови во Македонија.
Со овие реформи се надминуваат психолошките бариери дека започнувањето бизнис е сложен и скап процес и на претприемачите им се остава повеќе време да ги реализираат своите идеи и бизнис планови.
2. Добивање дозволи и лиценци
Како што веќе неколку пати нагласивме мотото на оваа Влада е „бизнискратија наместо бирократија“. Олеснувањето на постапката за започнувањето на бизнис е само првиот столб на Регулаторните реформи кои ги спроведуваме. Продолживме со Проектот Регулаторната гиљотина со кој поедноставивме стотици закони и подзаконски акти. Го олеснивме и поевтинивме добивањето на лиценци и дозволи кои на бизнисмените им се потребни за водење бизнис. Започнавме со реформи за воспоставување на ефикасен систем на инспекции и подобрување на координацијата на инспекторатите со што ќе се заштитат бизнисите од чести, некоординирани и неефективни посети.
Го воведовме правилото „молчењето е одобрување“ кое е моќен инструмент за притисок врз администрацијата да одговара на барањата на граѓаните и бизнисмените во пропишаниот рок. Со ова правило, доколку во предвидениот рок не се добие одговор, се смета дека одговорот е позитивен.
Значително ја намаливме документацијата и ги скративме роковите за добивање лиценци и дозволи. Со новите измени на Законот за градење и Законот за градежно земјиште значително ги поедноставуваме постапките за добивање дозволи за градба. Планираме дозволите за градба да се добијат на едно место преку воведување на едношалтерски систем кој ќе ги консолидира одобренијата за градба од повеќе институции.
Во таа насока ги намаливме тарифите и надоместоците и до 50 отсто кај Катастарот и десетина останати државни институции меѓу кои, Царинската управа, Бирото за метрологија, Централниот регистар итн.
3. Даночно оптоварување
Воведовме рамен данок на добивка и на персонален данок на доход кој оваа година изнесува 12 отсто а од почетокот на 2008 година ќе изнесува само 10% со што Македонија има најнизок рамен данок во Европа и најповолен пакет на даноци. За бизнисмените, многу позначајно е што реинвестираната добивка е целосно ослободена од оданочување.
Предвидливоста во смисол на постепено намалување на даноците ја потврдува конзистентноста на Владата во спроведувањето на политики за поголема економска слобода за бизнисите. Поволностите од ваквите ниски даноци, сигурни сме ќе ги искористат многу компании за да инвестираат во Македонија.
Преку воведување на посебни канцеларии за мали и средни претпријатија ќе се прилагодат и олеснат административните постапки за плаќање данок кон потребите на овој тип даночни обврзници. Првата ваква пилот канцеларија започна со работа во Штип и се очекува здобиените искуства да се пренесат и во останатите регионални канцеларии на Управата за јавни приходи.
Канцеларијата за големи даночни обврзници со воведувањето на нови електронски услуги на големите претпријатија им овозможува преку интернет да ги достават даночните формулари и мислења со што значително се забрзува процесирањето и се намалува времето потребно за плаќање данок.
4. Царински постапки
Република Македонија постигна значителен напредок во олеснувањето на постапките за увоз и извоз. Царинската управа е значително поефикасна и многу побрзо се одвиваат процедурите за транзит на стоки. Со воведување на едношалтерски систем значително се скратени постапките и документите кои се потребни при увоз и извоз на стоки, а од февруари 2008 година фирмите ќе може преку интернет да аплицираат за добивање на потребните лиценци и квоти со што дополнително ќе се намали документацијата и времето за процесирање на барањата.
Во делот на Царината се укинаа повеќе надоместоци и тоа: 1/ за издавање задолжителна тарифна информација (во износ од 2.500 денари); 1/ за отворање на царински склад (во износ од 60.000 денари); 2/ надомест за одобрување на постапка за преработка под царинска контрола или според постапката на увоз за облагородување (во износ од 30.000 денари) и десетици други надоместоци кои бизнисмените ги чинеа и до 4000 евра за различни видови царински процедури. Постапките за царинење уште повеќе ќе се забрзаат со набавката на опрема за скенирање на стоката што доаѓа во камиони или контејнери.
5. Пристап до кредити
Владата работи и на подобрување на пристапот до капитал за малите и средни претпријатија. Познато е дека конкуренцијата е најприродниот регулатор кој ги доближува интересите на корисниците и давателите на услуги. Во таа насока, пристапивме кон либерализирање во финансискиот сектор, со што резултатите се веќе видливи. Светскиот реномиран бренд Societte Generale е присутен во банкарскиот сектор; словенечките Сава-Ре, Триглав и австриски Граве во осигурителниот сектор; како и Хипо Алпе Адриа во лизинг секторот. Со новиот Закон за банки го овозможивме основањето на филијали на реномирани странски банки во Македонија, со што дополнително ќе се олесни пристапот до капитал потребен за финансирање на нови инвестициони проекти.
Како резултат на ваквите политики и позитивните макроекономски перформанси во првата половина од годинава се создадоа услови за намалување на каматните стапки. Трендот на намалување на каматните стапки на благајничките записи и на државните записи продолжи, при што во јуни е забележана историски најниска просечна каматна стапка од 5.4 отсто за хартиите од вредност за сите рочности. Што е најважно, намалувањето на каматни стапки на банките продолжува и се зголемува достапноста на банкарските кредити за финансирање на претпријатијата и домаќинствата.
За поддршка на претпријатијата се планираат нови кредитни линии кои ќе се пласираат преку Македонска банка за поддршка на развојот, за финансирање на извозот и проширување на производствените капацитети на македонските претпријатија. Во следниот период, преку МБПР ќе реализираме неколку програми за дополнителна поддршка на малите и средни бизниси.
За обезбедување дополнителни извори на финансирање на малите и средни претпријатија, Владата ќе го кофинансира воспоставувањето на еквити фондови врз база на партнерство со приватни еквити фондови. Истотака, НБРМ работи на надградба на постојниот Кредитен регистар, а во тек се активности за изработка на Закон со кој ќе се овозможи формирање на приватно кредитно биро што ќе го подобри пристапот на информации за кредитобарателите и ќе влијае на намалувањето на кредитниот ризик и поефтинување на кредитите.
6. Регистрација на имот
Што е многу значајно, имплементираме крупни реформи во Катастарот, се со цел далеку поголема ефикасност во запишување на правата на сопственост и негова целосна функционалност и дигитализација до крајот на 2008 година. Со реорганизација преку зајакнување на човечките капацитети и воведување на IT технологија ќе ги подобриме процесите и процедурите на работата на Катастарот.
Како што најавивме кај Катастарот ги намаливме надоместоците за сите услуги за 50%. Со тоа не само што поевтинуваат услугите за граѓаните и претпријатијата, туку и очекуваме да се зголеми обемот на користење и подобрување на услугите кај Катастарот.
7. Вработување и отпуштање работници
Преку скратување на роковите, намалување на надоместоците и документацијата која се бара од фирмите ќе го поедноставиме пријавувањето на вработени во Агенцијата за вработување. Почнувајќи од наредната година користејќи електронска апликација, фирмите ќе може да ги пријават и одјават своите вработени преку интернет што дополнително ќе ги забрза формалностите поврзани со вработувањето. За поедноставување на пресметувањето на придонесите, ќе се изврши хармонизација и интегрирање на плаќањето давачки кон ПИОМ и фондот за здравство.
Познато е дека флексибилната легислатива што го регулира пазарот на труд има директно влијание за зголемување на вработеноста. Поради тоа, во соработка со Светската банка работиме на идентификување и решавање на клучните проблеми на пазарот на работна сила преку пофлексибилна примена на договорите за вработување.
Со донесување на Законот за мирно решавање работни спорови се предвидува нивно вонсудско решавање со медиација што ќе придонесе за скратување на постапките, намалување на трошоците и ќе придонесе за брзо враќање на работниците на пазарот на труд.
8. Заштита на инвеститорите
За заштита на правата на инвеститорите и подобрување на корпоративното работење целосно се применува Законот за трговски друштва. Истовремено, Комисијата за хартии од вредност донесе нови подзаконски акти со кои се зајакнува известувањето и објавувањето информации на акционерските друштва и се воведуваат мерки со кои се санкционира користењето на инсајдерски информации. Особено внимание се посветува на заштитата на малцинските акционери кои во минатото често беа уценувани и попречувани слободно да располагаат со својот капитал.
Во однос на странските инвеститори, легислативата во Македонија гарантира слободен трансфер и репатриација на капитал и профит. За избегнување на двојното оданочување склучени се повеќе од 30 Договори за двојно оданочување како и договори за взаемна заштита на инвестициите.
9. Извршување на договори
Со имплементација на Законот за извршување односно назначување на извршители значително се зголеми процентот на реализирани судски пресуди и неколкукратно е скратено времето за спроведување на извршувањето.
Паралелно спроведуваме длабоки реформи на судството за негова поголема независност и ефикасност. Ќе се воведе електронско евидентирање и распределување на предметите и ќе се скратат постапките за решавање на предметите.
10. Постапки за згаснување на бизнис
Во однос на постапките за затворање на бизниси, Законот за стечај овозможува побрзо и поевтино спроведување на стечајните постапки и во просек затворањето на фирма според новиот закон се реализира за девет месеци. За поефикасно спроведување на стечајни постапки се реализира континуирана едукација на стечајните судии и лиценцирање на стечајните управници. Формирана е посебна единица во Министерство за економија која го следи спроведувањето на стечајните постапки.
Планираме поедноставување на постапката за доброволно затворање на компанија преку воспоставување на едношалтерски систем слично како при основањето на фирма.
Воспоставивме редовен дијалог со бизнис-заедницата и заедно со стопанските комори и другите домашни и странски бизнис асоцијации остваруваме средби, решаваме конкретни прашања и предлози и се консултираме за политиките кои ги спроведуваме. На транспарентен начин ја вклучивме бизнис заедницата која преку бројни предлози ни помогна во спроведувањето на Регулаторната гиљотина и ни укажа на конкретни административни проблеми со кои фирмите во Македонија се соочуваат.
Останатите реформи кои ги спроведуваме за подобрување на деловната клима и зголемување на нивото на инвестиции се:
Зголемувањето на конкурентноста е еден од нашите клучни приоритети и затоа интензивно инвестираме во развој на човечкиот капитал преку модернизација на образованието, прилагодување на програмите кон потребите на бизнисот и развој на претприемништвото. Воведовме задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата преку Проектот “Компјутер за секое дете“, мандаторно изучување на повеќе странски јазици и на претприемништво. Со цел подигање на квалификациите и конкурентноста на работната сила, спроведуваме бројни програми за доедукација и тренинг.
Заложбата на Владата за либерализација на телекомуникациските услуги и за намалување на цените се потврди со влез на нови оператори во фиксната и мобилната телефонија, како и во понудата на нови интернет услуги. Минатиот месец со работа започна новиот оператор, австриски Мобилком, со што драстично се намалија цените во мобилната телефонија. Намалување на цените на интернет услугите се очекува со започнување на активностите на новите WiMAX оператори.
Познато е дека развиената и модерна инфраструктура придонесува за подобрување на комуникацијата и протокот на луѓе и добра, како и за намалување на логистичките трошоци и зголемување на конкурентноста. По пат на концесија ќе се идентификуваат стратешки инвеститори за комплетна модернизација на двата аеродроми и изградба на преостанатите делници од патничките и железнички коридори 8 и 10.
За значително подобрување на снабденоста со електрична енергија, инициравме инвестициски циклус од околу 1,5 милијарди евра во инвестирање и изградба на термо, хидро и гасни централи. Веруваме дека со трите големи хидроцентрали: Чебрен, Галиште и Бошков Мост, 400-те мали хидроцентрали, новите странски инвестиции во термоелектраната Тец Неготино и инвестициите во нова комбинирана топлинска и гасна централа, Република Македонија од нето увозник ќе стане извозник на електрична енергија во регионот.
Посебен приоритет за наредните 2 години е гасификација на Македонија, преку заокружување на гасоводниот прстен околу Скопје, доизградба на главни магистрални гасоводи до слободните економски зони: Скопје, Штип и Тетово, а потоа и до другите градови во Македонија со што ќе се овозможат услови за изградба на дистрибутивни мрежи во сите населени места.
Започнавме силна и бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал во сите сфери во Република Македонија. Спроведовме конкретни реформи во легислативата и презедовме бројни успешни акции со крајна цел да создадеме опкружување на нулта толеранција за корупцијата. Овие мерки и активности придонесоа за значително подобрување на рангирањето на Македонија на индексот за перцепција на корупцијата според Transparency International.
Како резултат на спроведените реформи и подобрувањето на бизнис климата, Македонската економија бележи забрзани стапки на раст во првата половина од 2007 година. Исто така, во првите 7 месеци од годинава нивото на странски инвестиции изнесува 150 милиони евра што е за 50 отсто повеќе од просекот за претходните години (доколку се изземат годините кога се приватизираа големите државни претпријатија)
Овие резултати се постигнати со многу работа, труд, ентузијазам и користење на сите расположливи потенцијали, дома и во странство. Тие се најголемиот доказ дека Македонија се движи во вистинска насока! Се разбира, останува уште многу да се сработи. Владата останува посветена на реформите и убедени сме дека со ова темпо ќе успееме состојбите наредната година да бидат уште подобри и Македонија да стане лидер помеѓу најдобрите реформатори во Doing Business 2009.