Почитувани домаќини, Дами и господа, Драги гости,
Ми претставува големо задоволство што присуствувам на овој значаен настан со кој се најавува почетокот со работа на новиот површински коп за јаглен во рудникот Брод Гнеотино, како дел од Рударско Енергетскиот Комбинат – Битола.

Отворањето на површинскиот коп Брод Гнеотино целосно се вклопува во напорите на Владата на Република Македонија за санација и реструктуирање на електроенергетскиот сектор, задржување и проширување на капацитетите на постојното производство и изградба на нови објекти. Со оваа инвестиција, за потребите на електроенергетскиот систем на Република Македонија се обезбедени ресурси за производство на електрична енергија до 2020 година во РЕК Битола. Исто така, што е многу значајно за овој регион, со оваа инвестиција се отвораат над 500-тини нови работни места.

Капацитетот на новиот рудник изнесува 32 милиони тони со планирана годишна динамика на ископување од 2 милиони тони јаглен. До почетокот на наредната година во овој Проект ќе се инвестираат над 25 милиони евра во инфраструктура и опрема потребна за работење на копот, при што вкупните инвестиции за експлоатација на Брод Гнеотино се проценети на околу 100 милиони евра.

Досега реализираните активности за започнување со работа на Брод Гнеотино вклучуваат:

1/ изградба на  систем на транспортни ленти и далновод во должина од 11 километри;

2/ ревитализација на постоечки роторен багер (Срс-2000), подготовка на посебна траса и префрлање на багерот од рудникот во Суводол до Брод Гнеотино како и набавка на 700 тони опрема за нов багер (Срс-1800) кој со работа се очекува да започне во првиот квартал од 2008 година; и

3/ изградба на трафостаница и други инфраструктурни објекти.

Посебно би сакал да го нагласам стручниот придонес кој го дадоа вработените во рудникот Суводол за реализација на досега спроведените активности.

Паралелно, со експлоатацијата на постојните јаглени копови Владата ќе ги поддржи активностите за истражување на други извори на јаглен на територијата на државата во функција на непречена работа на постојните термоелектрични централи. Се проценува дека во областа на Брод Гнеотино вкупните резерви на јаглен изнесуваат 110 милиони, а во Пелагонискиот басен 1.5 милијарди тони јаглен. Со инвестицијата во Брод Гнеотино и со изнаоѓање на нови наоѓалишта веруваме ќе се обезбеди максимално искористување на домашните суровини во процесот на производство на електрична енергија.

Познато е дека енергијата е главниот предуслов од кој зависи квалитетот на нашето живеење и кој ги гарантира придобивките кои ги нудат современите технолошки достигнувања. Енергијата во денешно време претставува еден од најзначајните фактори за економскиот раст и развој на една земја. Во последните години енергетскиот дефицит станува сериозен предизвик за регионот, но и за Република Македонија. Токму поради тоа, енергетскиот сектор го поставивме високо на листата на приоритети.

Во таа насока, основно и најважно за задржување на енергетскиот суверенитет на земјата е – да има нови капацитети, нови инвестиции кои ќе го зголемат производствениот потенцијал во делот на термо, хидро и гасни централи и со тоа ќе ја зголемат понудата на електрична енергија.

Владата започна со неопходните активности за: 1/ зголемување на производните капацитети со дополнителни инвестиции; 2/ изнаоѓање нови извори на енергија; 3/ енергетско поврзување со регионот, притоа водејќи сметка за рационално искористување на ресурсите и  почитување на стандардите за заштита на животната средина.

По долгогодишното инвестициско затишје, инициран е сериозен инвестициски циклус од над 1,5 милијарди евра кој очекуваме да се реализира во следните 4-5 години.

Дозволете ми сосема накратко да ги презентирам претстојните инвестиции во енергетските проекти за искористување на хидро и термо енергетскиот потенцијал и создавање услови за зголемена експлоатација на природниот гас во Република Македонија:

1. Поаѓајќи од фактот дека досега се искористени само 25% од вкупниот хидропотенцијал на Македонија, инициравме  три крупни проекти во оваа област: 1/ изградба на две големи хидроцентрали на Црна Река, Чебрен и Галиште, инвестиција вредна 550 милиони Евра и вкупен капацитет од 540 MW; 2/ изградба на голема  хидроцентрала Бошков Мост, која ќе чини 85 милиони Евра со инсталирана моќност од 70 MW; и 3/ Изградба на 400 мали хидроцентрали со моќност од 350 MW при што се очекуваат инвестиции во висина од околу 500 милиони Евра.

2. Определбата да го подобриме нашиот енергетски суверенитет ја искажуваме преку иницирање на повеќе проекти за подобрување на состојбата на постојните термоелектрани како и изградба на нови комбинирани гасни централи.

Овие денови треба да се објави меѓународниот тендер за изнаоѓање на стратешки инвеститор за изградба на Комбинирана топлинска и гасна централа во близината на Скопје, со капацитет од 200 MW и вредност од 140 милиони Евра, во која Владата ќе учествува со определен процент во новата инвестиција.

3. Истовремено, договоривме реализацијата на клириншкиот долг што го има Руската Федерација кон Република Македонија во полн износ да се затвори со реализација на неколку проекти од областа на гасификацијата, пред се затворање на гасоводниот прстен околу Скопје, магистрални гасоводи кон Велес, Неготино, слободната економска зона Штип и Тетово. Во следните 4-5 години посебен приоритет на Владата во енергетиката ќе биде изградбата на магистралниот гасовод на целата на територија на Македонија, создавање услови за развој на дистрибутивната мрежа во градовите и поголемото искористување на природниот гас од страна на претпријатијата и домаќинствата.

Исто така, да истакнам дека во последниве години Македонија направи значаен исчекор кон трансформација на енергетскиот сектор во насока кон негова либерализација и зголемување на ефикасноста.

На крај, дозволете ми да Ви посакам успешна работа на новиот јагленокоп во Брод Гнеотино.

Ви благодарам.

Comments are closed.