6 септември 2018, Скопје – Општините се заинтересирани за користење средства за вградување фотоволтаични системи на јавни објекти. По објавениот повик пристигнаа голем број апликации од 30-те општини кои можат да аплицираат, а се од региони со понизок БДП по глава на жител. На располагање се два милиона евра грант средства од ИПА на ЕУ.

– Пред извесно време најавивме дека општините ќе може да аплицираат за средства за фотоволтаични системи во јавни објекти.  Ние сме задоволни бидејќи добивме голем број апликации од општините кои се наоѓаат во региони со понизок БДП по глава на жител. Станува збор за околу 30 општини кои аплицираа со проекти преку кои ќе постават фотоволтаични системи во објекти како училишта, противпожарни станици, административни згради, пречистителни станици…, изјави министерот за финансии вчера одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето договори со општините во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги на Министерството за финансии и Светска банка.

Тој оцени дека е најважно оти градоначалниците и општините навистина имаат интерес да ја подобрат ефикасноста, односно да ги намалат трошоците, пред сѐ за електрична енергија, со користење вакви системи.

– Ова е добро бидејќи од една страна Република Македонија ќе го подобри користењето на обновливата енергија, а од друга страна преку овие системи поставени на јавни објекти ќе ги намалиме трошоците, посочува Тевдовски.

Тој појасни дека ќе следи анализа на проектите, а потоа ќе следува фазата на тендерирање и обезбедување фотоволтаични системи.

Грантот е наменет за 35 општини во четири региони со најнизок БДП по глава на жител. Средствата на општините им се доделуваат во форма на грантови и истите треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во руралните средини. (МИА)

Comments are closed.