Со обраќање на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска на Скопскиот саем официјално беше отворен 8. Меѓународен саем за финансии, деловни можности и економски развој – ФИНЕКСПО 2010.
 
На оваа традиционална дводневна саемска манифестација, која се одржува под покровителство на Министерството за финансии, ќе се претстават субјекти од финансискиот сектор, а ќе се одржат и трибини, дебати и тркалезни маси на кои еминентни експерти и претставници од бизнис заедницата ќе разговараат за актуелни теми од областа на финансиите.
 
– Манифестацијата дава исклучителна можност за презентирање на идните политики и планови, нови производи и услуги на сите учесници во финансискиот сектор во Република Македонија. Размената на искуства и идеи е од голема важност и ќе придонесе подобро да ја структуираме нашата идна стратегија за развој на финансискиот систем, рече вицепремиерот Ставрески.
 
Тој посочи дека Владата и во иднина ќе продолжи со напорите во земјава да се воспостави стабилен и сигурен финансиски сектор во кој ќе имаат доверба граѓаните, бизнисмените и инвеститорите.
 
– Предизвиците со кои се соочуваат финансиските системи по глобалната економска криза наметнаа потреба од промени во државните регулативи и постриктна контрола на учесниците во финансискиот сектор, рече вицепремиерот Ставрески, нагласувајќи дека креирањето постабилен финансиски сиситем стана назначајна цел во посткризниот период.
 
Владата на Република Македонија, како што истакна, континуирано спроведува структурни реформи во областа на финансискиот сектор во насока на зајакнување на стабилноста и ефикасноста преку обезбедување подобра регулаторна рамка и унапредување на бизнис климата.
 
– Во 2011 се очекува македонската економија да оствари раст од 3,5 отсто со умерен буџетски дефицит од 2,5 отсто, а инфлацијата ќе се задржи на ниво од 3 отсто. Ќе продолжи и спроведувањето на дисциплинирана буџетска потрошувачка – рестриктивна за непродуктивните трошоци, а за сметка на зголемувањето на инвестициите во капиталните проекти, прецизира Ставрески.
 
Вицепремиерот и министер за финансии истакна дека и за време на кризата македонските граѓани ја задржаа довербата во банкарскиот сектор и навиката за штедење и посочи дека годинава заклучно со октомври се бележи годишен раст од 17,4 отсто на вкупните депозити и раст од 4,4 отсто кај депозитите на правните лица. Раст од 27,3 отсто е забележан и кај денарските депозити, а во насока на штедењето е и одлуката на Владата за зголемување на износот на осигурените депозити на физичките лица на 30.000 евра и одложувањето на оданочувањето на каматата на штедните влогови за 2013 година.
 
За полесно финансирање на малите и среднитe претпријатија, како што кажа, покрај банкарските ќе се вклучат и небанкарските финансиски институции што се овозможува со донесувањето на Законот за финансиски друштва, како и новата законска рамка за лизинг друштвата заедно со воведувањето на општинските обврзници како нов инструмент, што се планираат за 2011 година.
 
– Министерството за финансии за 2011 предвиде и измени на Законот за инвестициските фондови и вклучување на македонските осигурителни друштва во проект на Владата и Светска банка за осигурување од катастрофи и други природни непогоди, рече Ставрески.
 
Претседателот на Групацијата ЕРА и Управниот одбор на Скопски саем Гвидо Орландич истакна дека ФИНЕКСПО е последната саемска манифестација во календарската година која, како што рече, се поклопува со периодот кога се сумираат финансиските резултати за тековната и се прават плановите за идната година.
 
– Во време на информации и експанзија на деловно образование степенот на доверба е есенцијален за граѓаните и фирмите кои им ги доверуваат своите средства кај финансиските институции. Умешноста на финансиерот е на крајот на годината кога се ќе се одземе и додаде да оствари позитивен биланс, рече Орландич.
 
Во рамките на манифестацијата на која учествуваат претставници од Владата, Народната банка на Република Македонија, Управата за јавни приходи, Македонската банка за поддршка на развојот, комерцијалните банки, осигурителните компании, инвестициските фондови и од компаниите, ќе се одржи тркалезна маса за актуелните состојби во финансискиот сектор. Потоа на трибина претставници на Владата, Народната банка, комерцијалните банки и бизнис заедницата ќе дискутираат како да се зголеми довербата меѓу банките и компаниите.
 
На вториот саемски ден ќе се одржат две трибини од кои едната ќе биде посветена на начините како полесно и поефикасно средствата од Македонската банка за поддршка на развојот да стигнат до стопанството, а на втората ќе се дебатира за состојбите во осигурителниот пазар во државата.(МИА)