Поедноставување на процедурата за откуп на дворното земјиште, намалување на трошоците и смалување на бројот на документите кои се бараат за приватизација се дел од последните измени на Законот за приватизација на дворното земјиште што ги усвои Владата.
 
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, измените се направени врз основа на искуствата на поднесените барања за откуп на дворното место и се со цел процесот да биде што поуспешен и да заврши во предвидениот рок. Новите измени ќе важат и за оние кои веќе ја почнале процедурата, а за да може Управата поподготвена да излезе во пресрет на граѓаните и новите задачи што ќе ги добие ќе се направи реорганизација на Управата за имотно-правни работи и нејзино доекипирање, најави министерот.
 
Со новите измени станарите од станбените објекти кои сакаат да го приватизираат земјиштето нема да треба да поднесуваат елаборат, туку Управата за имотно-правни работи ќе излезе на лице место, ќе го утврди бројот на станови и ќе го подели земјиштето пропорционално на бројот на становите и износот кој ќе треба да го платат за земјиштето. Останатите станари кои нема да сакаат да го откупат дворното место кога ќе истече рокот ќе плаќаат закуп. Втората измена, како што рече министерот, се однесува на олеснување на процедурите и намалување на бројот на документи, односно граѓаните нема да треба да поднесуваат документација за тоа како го стекнале земјиштетот, што, како што истакна министерот, се покажало како проблем за граѓаните.
 
Според измените ваква документација ќе треба да поднесат само оние граѓани кои сакаат целосно бесплатно да го приватизираат земјиштето, односно оние што се поранешни сопственици. Со донесување на законските измени се намалува и бројот на оригинални документи што треба да се поднесат од два на еден оригинал и една копија.
 
– Претходно се бараа два оригинали на целокупната документација што претставуваше одреден трошок, заверки на нотари и слично, а сега се бара само еден оригинал и една копија што е потребно и тоа е доволно за да можат да постапат службите во рамките на Управата за имотно-правни работи, рече министерот за финансии.
 
Во однос на најавената реорганизација на Управата, министерот најави дека се планира таа да се организира на регионален принцип, да има десетина регионални центри на целата територија, а останатите да бидат канцеларии во пооделни помали места со цел структурно полесно да одговори на поставените задачи.
 
Тоа, рече министерот, подразбира и кадровско доекипирање на Управата со млади способни околу 40-тина правници кои ќе можат и да го подигнат квалитетот на работењето во следните години во кои ќе се решаваат прашањата од имотно-правни работи.
 
– Со сите овие измени, со сите овие олеснувања, со сите намалувања на трошоците се надеваме дека Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи ќе помогнат граѓаните со помалку напор и помалку средства да го завршат овој процес, кој има историски размер и димензии бидејќи на некој начин ќе се заокружи процесот на приватизација на дворните места, истакна министерот Ставрески.
 
Последните податоци покажуваат дека над 107 илјади барања се пристигнати во Управата за имотно-правни работи за откуп на дворното место за едно евро за метар квадратен, од кои 1.815 се од правни лица, а другите над 105 илјади се од граѓани. Рокот за поднесување барања е продолжтен до 31 декември 2012 година.(МИА)