14 август 2019, Скопје – Премиерот Зоран Заев и заменик-министерката за финансии Ширет Елези денеска се сретнаа со претставници на неколку национални институти во земјава. На средбата беше истакната поддршката на Владата за унапредување на научно-истражувачката дејност како императив за афирмација на културните и националните вредности на државата.
На средбата со раководителите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Институтот за национална историја, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, сите од Скопје, како и со Институтот за старословенска култура од Прилеп се разговараше за унапредување на условите за остварување и напредок на научно-истражувачката работа.
Беше потенцирана и важноста на поддршката на институциите во сите витални сегменти, како што се подобрување на условите за научна работа и за проектите, зголемување на високообразовниот кадар, како и нивна соработка, преку заедничка партиципација во реализација на значајни домашни и меѓународни проекти.