Скопје, 26 септември 2012 (МИА) – Македонските пензионери се задоволни од владината одлука за покачување на пензиите, која денеска и официјално им била соопштена на средбата со премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Тие сметаат дека на ваков начин ќе се ублажат нивните економски проблеми во кои како што велат се неизбешни во услови на финансиска криза. Свесни се дека мерката значи многу, особено во услови кога, како што истакна претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери Драги Аргировски, во многу земји тие се намалуваат, а исто така се укинува и усогласувањето на трошоците на живот.
– Ние сме особено задоволни од оваа одлука на Владата за зголемување на пензијата на пензионерите, односно што покрај редовното усогласување од два ќе добиеме зголемување на пензиите од пет проценти, бидејќи на тој начин пензиите се зголемуваат за седум проценти. Ова сигурно ќе биде поздравено од сите пензионери бидејќи сите знаеме каква е економската криза во Европа, индексацијата во многу земји е укината, некаде пензиите се намалени, а ние редовно ги земаме пензиите во првата недела од месецот. Еве со ова зголемување ќе се придонесе на некој начин да се ублажи таа сиромаштија што ја носи секоја криза во економијата, рече Аргиросвки.
За вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески зголемувањето на пензиите е остварување на ветувањето и доказ дека оваа Влада постојано води грижа за пензионерите и подобрување на нивниот стандард.
– Покачувањето ќе изнесува пет проценти и тоа е вкалкулирано во пресметктие на Буџетот за 2013 година. Ние и покрај тешките услови во кои е наоѓа европската и македонската економија и бројните предизвици, им го имавме ова ветено на пензионерите и опстојуваме на ветувањето. Освен тие пет проценти ќе има и индексација која што зависно од движењето на трошоците за живот и платите ќе биде некаде околу два проценти за наредната година, така што кумулативно покачувањето ќе биде околу седум проценти, рече Ставрески.
Тој потенцира дека Владата и натаму ќе го реализира и ветувањето пензиите да се исплаќаат во првата недела од месецот.
– Многу е значајно пензиите да им стигнат на сметка во првата недела од месецот. Знаеме дека секогаш пензиите не се доволни, но значајно е луѓето да знаат дека ќе ги добијат навреме, за да си ги испланираат средствата. Пензионерите знаат дека со оваа Влада и досега така ги добиваа. И покрај сите проблеми и искушенија пензиите се наш приоритет и во иднина ќе бидат така исплаќани, рече Ставрески.
Вицепремиерот потсети и на неколку други мерки со кои Владата го поддржува стандардот на пензионерите како неодамна соопштената мерка и во сабота бесплатно да го користат јавниот градски превоз, намалувањето на цените на лековите, како и сите пензионери кои што имаат пензија пониска од просечната од наредната година да можат бесплатно да се лекуваат во болниците во земјава.
– Ако се соберат сите овие мерки ќе покажат дека Владата води посебна грижа за повозрасните и за оние коишто низ работниот век заслужиле сега да имаат помалку грижи и на најдобар начин да ги користат пензиите, рече вицепремиерот Ставрески.
Според него, нема ништо невообичаено во честите средби и разговори со пенионерите.
– Средбите со пензионерите се исто како и средбите со земјоделците, со бизнисмените… Тоа е начин на работа на оваа Влада и кој ја прави различна од поранешните влади. Ние остануваме постојано отворени и кога можеме да им донесеме добри вести и кога треба да ги прашаме нешто како треба да направиме, да ни дадат совет, а и секогаш кога нешто е тешко и не можеме да го оствариме мораме да се видиме со луѓето, да се објасниме со луѓето да знаат што правиме. Тоа е наш начин на работа, рече вицепремиерот Ставрески.
Додаде дека од пензионерите добиваат и совети, оти со нив споделѕуваат и одредени размислувања како да се спроведат одредени мерки.
– Еве на пример за последната мерка за зголемување на пензиите разговараме и ќе разговараме за тоа како да се спроведе, дали да одиме процентуално со петте проценти кај сите или пак распределбата на средствата да биде во апсолутен износ. Тоа ќе зависи од тие разговори, ние останува отворени за разговори и со пензионерите и со другите групи, рече вицепремиерот Зоран Ставрески.