Со задоволство Министерството за финансии го отвара процесот за изработка на Програмата на економски реформи, за периодот 2018 – 2020 година. Овој документ ќе претставува основа за клучните реформски процеси на Владата на Република Македонија, кои дополнително ќе го интензивираат нашиот дијалог со ЕУ.

Со овој процес, Европската Комисија дава вистинска насока за реформите и ги поттикнува земјите на Западниот Балкан интензивно да работат на економскиот раст и конкурентноста. Затоа сакам да им упатам благодарност, бидејќи ако не постојат насоките на ЕУ за реформи, Владите од западниот Балкан многу често преземаат активности кои не се во интерес на мнозинството граѓани, туку на мали елити. Затоа би сакал да препорачам уште посилен фокус на социјалната кохезија, во рамки на процесот на реформи.

Програмата за економски реформи претставува документ кој е замислен да претставува заеднички резултат на сите важни стеикхолдери во општеството. Такму затоа, Министерството за финансии овој пат уште од самиот почеток ѓи вклучува академската заедница, бизнис секторот, социјалните партнери на програмата и граѓанскиот сектор.

Имајќи ги предвид основните начела на програмата: владеење на правото, економско управување, зајакнување на институциите и почитување на основните права, Министерството за финансии ќе вложи максимални напори во областа на управување со јавните финансии.

Во соработка со Владата и надлежните министерства и институции, посветено ќе работиме на интегративните процеси во Македонија ставајќи посебен акцент на имплементирање на заклучоците од економско-финансискиот дијалог помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција каде фокусот е на управувањето со јавните финансии, зајакнување на активните мерки за вработување со посебен акцент на младите, долгорочно невработените и лицата со ниски вештини, како и поттикнување на користењето на Единствениот Национален Електронски Регистар на Прописи.

Имајќи предвид дека поминуваме низ овој процес по четврти пат, потребно е да ги имплементираме научените лекции од минатите години, да се подобриме онаму каде што сме биле послаби, а уште повеќе да ги зајакнеме добрите страни. Денес Македонија се наоѓа на бран на промени и неопходни се реформи за земјава да се придвижи напред.

Очекувам ваш активен ангажман во дискусиите по темите на денешната конференција, се со цел сите заедно да вложиме максимални напори и да придонесеме за поквалитетна изработката на Програмата за економски реформи 2018 – 2020 година.

Ви посакувам на сите успешна работа, плодни дискусии и размена на мислења за постигнување на нашата заедничка цел, а тоа е изработка на квалитетен документ со мерки кои ќе придонесат за придвижување на Македонија напред на економски план.

Благодарам.

Comments are closed.