Независно колкави ќе бидат економскиот раст и приходите (јасно е дека ќе бидат помали од првично предвидените), Владата нема да дозволи буџетскиот дефицит да биде поголем од проектираните 2,8 отсто од БДП.
Независно колкави ќе бидат економскиот раст и приходите (јасно е дека ќе бидат помали од првично предвидените), Владата нема да дозволи буџетскиот дефицит да биде поголем од проектираните 2,8 отсто од БДП. Со претстојниот ребаланс на буџетот ќе се намалат расходите колку што е потребно за да се одржи дефицитот во планираното ниво. Заедно со мерките на монетарната политика, тоа ќе ја сочува стабилноста на девизниот курс и ќе обезбеди одржлив дефицит на платниот биланс
Најчесто поставуваните прашања деновиве се кога можеме да очекуваме економската криза да заврши и дали македонската економија ќе успее да се справи со кризата со помали последици. Одговорот на овие прашања во голема мерка зависи од успехот на антирецесиските мерки на администрацијата на Обама за заздравување на американската економија, која е „локомотивата“ на економскиот раст во светот. Успехот на мерките на Обама е од клучно значење, бидејќи само по излегувањето на американската и следствено европската економија од криза, ќе дојде до заздравување и на македонската економија.
Кризата, која пред шест месеци почна со крах на финансиските пазари, прерасна во една од најострите и најголеми економски кризи во модерната историја. Првичното затегнување на кредитните услови и повлекувањето на капиталот од страна на инвеститорите, беше проследено со намалување на трговијата, производството и инвестициите. Потрошувачите соочени со масовни губења на работни места и потешко доаѓање до кредитни средства, ја намалија личната потрошувачка, особено за трајни потрошни богатства. Падот на потрошувачката и инвестициите беше засилен со глобалниот крах на пазарот на недвижности и берзите. Намалената лична и инвестициска потрошувачка го намали производството на фирмите, предизвикувајќи масовни отпуштања од работа и загуби на работни места. Светската економија влезе во маѓепсан круг од кој засега не се гледа излезот.
Тоа го потврдуваат и последните процени на Светската банка, според кои првпат во модерната историја во 2009 светот во целина ќе биде во рецесија. Се предвидува дека светскиот БДП ќе оствари пад од 1,7 отсто. Во развиените економии од ОЕЦД падот на економската активност ќе достигне околу 3 отсто. За земјите во развој се предвидува позитивен пораст на БДП во 2009 од 2,1 отсто, наспроти претходната проекција (од пред само три месеци) која предвидуваше пораст од 4,4 отсто. За споредба, во 2008 овие економии остварија раст од 5,8 отсто. Од развиените земји најпогодени со кризата се економиите кои се специјализирани за производство на капитални добра, како што се Јапонија, Германија, Кина, Тајван и други. Најдраматичен е падот на БДП во Азија: јапонскиот извоз во јануари беше намален за 40 отсто, Кина и Тајван имаа пад од 30 отсто, а Сингапур 25 отсто. Слично намалување оствари и индустриското производство во овие земји. Следствено, јапонскиот БДП во последниот квартал од 2008 се намали за 12 отсто, во Кореја падот е 21 отсто а во Тајван дури 25 отсто.
Европа е исто така силно погодена од кризата. Најновите прогнози се дека економската активност во 2009 ќе се намали за 2 отсто, наспроти очекувањата од ноемвриските прогнози за пораст од 2,7 отсто. Посебно е тешка состојбата во земјите кои влегоа во кризата со иницијални проблеми на висок платнобилансен дефицит, голема задолженост и зависност од странски капитал и кредити за финансирање на превисоката агрегатна потрошувачка. Оние земји кои и пред кризата имаа макроекономски слабости, се покажаа „поранливи“ кога дојде до економската криза. Унгарија, на пример, одржуваше долги години превисоки буџетски дефицити, кои резултираа во голем внатрешен и надворешен долг. Високата валутна изложеност носеше дополнителен ризик, како и големиот прилив на шпекулативен краткорочен капитал. За разлика од Унгарија, Чешка ги држеше буџетскиот дефицит и јавниот долг под целосна контрола, а помала беше и изложеноста на валутен ризик и шпекулативен капитал. Слична е состојбата и во Словачка, која воедно е и членка на монетарната унија што ја прави уште поотпорна.
Зошто е битно сето ова? Затоа што одговорот на прашањето од почетокот на овој текст гласи: закрепнувањето на македонската економија ќе почне тогаш кога ќе почне закрепнувањето на економиите на нашите главни трговски партнери од ЕУ, а тоа, пак, зависи од американската економија. Но, одговорот на прашањето колкави ќе се последиците од кризата врз македонската економија и колкава „жилавост“ таа може да покаже во вакви околности, секако зависи и од тоа колку подготвена таа влезе во кризата. Слично како Словачка и Чешка, Македонија кризата ја пречека со низок буџетски дефицит, намален јавен внатрешен и надворешен долг, како и мала изложеност на валутен ризик и шпекулативен капитал. Сето тоа помогна засега успешно да се справиме со сериозните предизвици што ги носи најголемата економска криза од Втората светска војна наваму.
Гледајќи нанапред, тоа што сега е најважно е да се сочува довербата на стопанството и граѓаните во политиките и во способноста за одржување на макроекономската стабилност. А таа првенствено ќе се сочува со цврста определба за одбрана на стабилноста на девизниот курс. Тука клучни се Централната банка и Владата. Централната банка, со одбрана на курсот како преку користење на девизните резерви, така и преку управување со денарската ликвидност. Владата, пак, преку испраќање јасна порака дека фискалната политика во 2009 ќе биде насочена кон одбрана на макроекономската стабилност и девизниот курс, како и зголемување на инвестициите со цел да се поддржи економскиот раст.
Со други зборови, пораката е дека независно колкави ќе бидат економскиот раст и приходите (јасно е дека ќе бидат помали од првичните предвидувања), Владата нема да дозволи буџетскиот дефицит да биде поголем од проектираните 2,8 отсто од БДП. Тоа значи дека со претстојниот ребаланс на буџетот ќе се намалат расходите колку што е потребно, за да се одржи дефицитот во планираното ниво. Заедно со мерките на монетарната политика, тоа ќе ја сочува стабилноста на девизниот курс и ќе обезбеди одржлив дефицит на платниот биланс. Ова е најзначајната и најсмирувачка порака која една Влада може да ја испрати до стопанствениците и граѓаните во овие тешки економски времиња.
Зоран Ставрески